Tag Archives: религија

ДЕНЕСКА Е СВЕТИ ДОРОТЕЈ ЕПИСКОП ТИРСКИ

Епископот Тирски, од времето на Диоклецијан, па сè до времето на Јулијан Отстапник, кога беше намачен и пострада за Православната Вера.

На земјата живееше сто и седум години и откако Му угоди на Бога, во 361 година, се пресели во вечниот живот. Беше навистина многу учен маж.

Напиша многубројни поучни дела на грчки и на латински. Особено се прочуени неговите грчко-латински „Синтагми“.

Лековитата вода од пештерската црква „Св. Еразмо Охридски“ (Видео)

Овој громогласен благовестител на Богочовекот Христос и на Неговото спасоносно Евангелие, е по потекло од Антиохија Сириска и живеел во времето на царевите Диоклецијан (284-305 г.) и Максимијан (286-305). Уште од млади години тој се разгорел со љубов кон Христа и ревносно ги исполнувал Неговите заповеди. Живеејќи строг подвижнички живот, блажениот Еразмо постигнал такво совршенство што, подобно на славниот пророк Илија, преку гавраните добивал храна од Бога, животните доаѓале во неговата пештера и ангели зборувале со него. Бил обдарен и со дарот на чудотворство. Поради својот свет живот – против својата волја – бил поставен за архиереј на Антиохија, иако сѐ уште бил млад.

Во тоа време „обожувањето“ на царевите достигнало крајни размери. Диоклецијан се нарекувал „владетел и бог“ и безмилосно ги уништувал светите христијански книги, црковните храмови и луѓето коишто се спротивставувале на неговиот идолопоклонички култ. Поради таквите жестоки прогони на Христијаните, Свети Еразмо го оставил својот архиерејски престол и се повлекол во пустината на Ливанската Гора , каде што продолжил со својот подвижнички живот. Со Божја помош тој направил многу чудеса на планината Ливанон.

Еден ден, после седумгодишниот престој во пустината, тој слушнал ангелски глас од небото:

– Еразмо, никој ако спие нема да ги победи непријателите. Оди во твојот град, и бори се јуначки и ќе ги победиш непријателите. 

После овие ангелски зборови, Еразмо отпатувал кон своето архипастирско место.

Во името на Христа тој во Антиохија ги изгонувал демоните од опседнатите човечки души, исцелувал тешко болни луѓе и извршил многубројни чуда. Народот счудоневиден пред Божјата сила што се пројавувала преку необичните дела на Свети Еразмо, наголемо се покрстувал.

Разлутен од смелоста на светителот и неговиот голем апостолски дар, со што покрстил многу луѓе, царот Диоклецијан, наредил да го доведат пред Сенатот, каде што го подложил на строго испитување. Вдахновен од Светиот Дух, Свети Еразмо храбро одговарал во остриот дијалог и со својата мудрост го разбеснил царот. Неговата телесна убавина, сообразна на духовната, оставале впечаток на човек со ангелски лик – смирен и благ, со очи како сончеви зраци и умилен глас. Тој отворено исповедал пред сенатот дека е Христијанин и дека верува во Единиот Бог Седржител и Творец и дека нема да принесе жртви  на нивните идоли. Диоклецијан се обидувал да го наговори да се откаже од својот Бог, ветувајќи му слава и огромни богатства. Но Свети Еразмо, со својата непоколеблива вера и љубов кон Христа, не само што ги одбивал предлозите на царот, туку отворено го нарекувал „измамник на душите“, „син на ѓаволот, од кого Бог ќе бара отчет на дното од адот“.

Изобличен, царот многу се разгневил и наредил да го тепаат Светителот со стапови, да го камшикуваат со оловен камшик, да му го кинат месото со железни клешти… Но за чудо, никаква трага од рана не останувала на неговото тело. Дури и тогаш кога слугите на царот го потуриле со зовриен катран и смола, Ангел Господов го ладел неговото тело и тоа останувало неповредено, не чувствувајќи никаква болка.

Сенатот, счудоневиден од тие Божествени чуда, настојувал кај царот да го пушти праведниот човек и епископ на градот, преку кого очигледно дејствувал христијанскиот Бог. Но кога веднаш потоа фатил силен земјотрес и една третина од народот загинал, заблудениот Диоклецијан за несреќата го обвинил Свети Еразмо, сметајќи дека тој ги разгневил неговите богови. Затоа наредил да го затворат во темница и да го оковаат со многу тешки синџири и лично тој, со својот прстен, ја запечатил вратата од затворот. Свети Еразмо цела ноќ пламено Му се молел на Господа, Кој ги спасува сите што се надеваат на Него, за да ја прослави Својата доброта и да го ослободи од непријателите.

Одеднаш необична светлина го исполнила затворот и се чул глас Божји, Кој го уверувал Христокопнежливиот Еразмо дека Господ Исус Христос е со него и го охрабрувал да истрае до крајот. Тогаш железните окови се истопиле и паднале од него. Тој се исправил и почнал да Го слави Господа, молејќи Му се да се смилува на Својот слуга и да го спаси. Како на врховниот апостол Петар, така и на овој Божји слуга, Ангел Господов му се појавил пред него и го повикал да излезе од затворот и да се засолни на сигурно место.   

Кога утредента царот дошол, ја нашол вратата на затворот запечатена како што и ја оставил, но внатре не го нашол Христовиот маченик, туку само стопените окови. Царот се исплашил и не знаел што да му одговори на народот, кој од него го барал својот епископ.

Воден од Ангелот, Христоносниот Архиереј стигнал до западните краеви на Балканскиот полуостров во градот Лихнид (денешен Охрид). Тука тој ја вршел својата апостолска мисија десетина години (о. 293 – 303 г.). Ревносно го проповедал Христовото Евангелие и со Божјата помош и сила правел многубројни чуда: болни оздравувале, слепи прогледувале и хроми проодувале. А кога со својата молитва го воскреснал синот на некој човек по име Анастасиј, восхитениот народ нашироко ја прифатил христијанската вера, уништувајќи ги идолските жртвеници на коишто дотогаш им се поклонувале. Така Светиот рамноапостол Еразмо, откако го крстил Анастасиј со неговото семејство, покрстил и над 40 000 луѓе во бистрите води на белото Охридско Езеро.

Поради сето тоа, паганскиот судија Проб го обвинил како маѓепсник кај царот Максимијан, кој во тоа време престојувал во Илирија. Царот пратил неколкумина од своите поданици и им заповедал да го доведат Еразмо. И тука како и во Антиохија, Свети Еразмо бил подложен на долго испитување и жестоко измачување. Заради неговата непоколеблива вера во Господа Исуса Христа, дејството на Божјата сила и пројавата на Божјата помош над него, тука биле уште поубедливи и по очигледни. На царското прашање кој е тој и на кој Бог Му се поклонува, Светителот не му одговорил. Разгневен, тиранинот му се заканил дека ќе го распне на крст, ако не принесе жртви на идолите и наредил да го тепаат по лицето. Светителот го прашал:

– Зошто ме тепаат?

Тиранинот му одговорил:

– Затоа што не им се поклонуваш на боговите.

Маченикот го прашал:

– А на кои богови да им се поклонам? Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос, а ти кажи ми на кој друг бог да му се поклонувам.

Израдуван од тоа, царот го одвел Маченикот во храмот на Ѕевс. Светителот Му се помолил на Бога и го прашал царот:

– А на кој бог сакаш да му се поклонам?

Царот му го покажал бакарниот кип на Ѕевс, висок 12, а широк шест лакти,  целиот обложен во златна наметка. Свети Еразмо Му се помолил на Бога и остро го погледнал идолот и – о, какво чудо! – во истиот миг кипот паднал и се скршил на парчиња, во храмот пламнал оган и изгорела голема толпа идолопоклоници, а од идолот излегла страшна ламја што го исплашила народот. Престрашениот народ, нападнат од змејот, паднал пред нозете на Светителот, молејќи се:

– Слуго на Севишниот Бог, спаси нѐ од опасноста на змејот!

Светителот им рече:

– Поверувајте во Господа мојот Бог Исус Христос и ќе се спасите.

Народот веднаш извикал:

– Се поклонуваме и веруваме на твојот Бог што ти го проповедаш!

Облечен во благодатта на Светиот Дух, Светителот ја прекрстил ламјата и од крстната сила таа умрела и голем број луѓе поверувале во вистинскиот Бог – Христос и биле крстени од Светителот.

Идолопоклоничкиот цар, изобличен и посрамен, се вратил во својот двор и на војниците им наредил да убијат околу дваесет илјади луѓе што ја примиле христијанската вера. По наредба на богопротивниот цар, на Свети Еразмо најпрво му облекле вжарено бакарно одело, потоа го положиле на усвитен железен одар и нозете му ги приковале со клинци за земјата. Одарот го заградиле со дрва и го запалиле, а него го поливале со смола и масло. Но со помош на Божјата благодат, оделото веднаш се изладило, а огнот и клинците воопшто не му наштетиле и Светителот останал неповреден. На крај, Свети Еразмо бил фрлен во темница, но таму му се јавил светиот Архистратиг Михаил и го ослободил од затворските ѕидини.

Тогаш Ангелот Божји го зел Светителот и го однел во Кампанија, во градот Формија , каде што тој со пламена ревност го продолжил своето апостолско дело и го проповедал Евангелието на луѓето. И овде тој неуморлив Рамноапостол привел многумина кон верата во вистинскиот Бог. Но, исцрпен од долгото напорно патување и од измачувањата на коишто многупати бил изложуван, Божествениот маченик Еразмо се повлекол во една пештера каде што се подвизувал сѐ до својата смрт.

Пред смртта, тој трипати се поклонил кон Исток и со кренати раце Му се молел на Бога – да биде милостив кон сираците и вдовиците, да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на сите оние што со вера ќе го повикаат неговото име и го слават неговиот свет спомен; и ако се во опасност на море, на реки и на кое било друго место – да се спасат. По завршувањето на молитвата се слушнал глас од небото:

– Нека ти биде така како што молеше, мој возљубен Еразмо!

Сиот радосен, Светителот уште еднаш погледнал кон небото и видел венец на славата како се спушта на неговата глава, а веднаш потоа видел хорови од ангели, апостоли и маченици коишто доаѓале за да ја примат неговата света душа. На крајот тој извикал: „Господи, прими го мојот дух!“ Така си заминал од овој минлив свет Божјиот угодник Еразмо, на 2 јуни 303 година.

Тогашниот епископ Проб го погребал свети Еразмо „на западната страна од градот“ каде што потоа бил подигнат соборен храм посветен на „Свети Еразмо, Епископ и Маченик“. Тој храм бил урнат при продорот на Сарацените во Формија, во 846 година, кога чудотворните мошти на Светителот биле тајно пренесени во Гаета и скриени во црквата „Света Марија“. Покасно тие свети мошти, по Божја промисла, биле најдени од епископот на градот и погребани во олтарот на црквата. Светителот продолжил да прави чуда, не само на местото каде што сега почива, туку и на местото каде претходно бил погребан. 

Во близината на градот Охрид и денес постои пештерата во која се подвизувал Свети Еразмо, со црква посветена на него, каде што се пројавува големата сила на Божјиот угодник, Еразмо Свештеномаченик. По молитвите на Твојот угодник архиереј и чудотворец, Свети Еразмо Охридски, Христе Боже наш, помилуј нѐ, прости ни ги нашите прегрешенија и спаси нѐ! Амин.

Денеска го празнуваме Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски – Имал од Бога голем дар на чудотворство!

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архијереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек и го крсти овој човек со името Анастас. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид.

Заради ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Зевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи, преку благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ.

И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен, царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Таму му се јави ангел Божји, како некогаш на светиот Апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот.

По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта, трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име.

На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови Ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа.

Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномченик Еразмо.

Свети Никита Исповедник, епископ Халкидонски

Во младоста се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг. Блескајќи со добродетелта како сонце, беше забележан од црковните старешини и воздигнат на архијерејскиот престол во Халкидон. Како архијереј беше особено милостив кон бедните и многу се грижеше за сираците, вдовиците и сиромашните.

Кога злочестивиот Лав Ерменин стана против иконите, стана и овој свети Никита во одбрана на иконите, разобличувајќи го царот и објаснувајќи му го значењето на иконите. За ова претрпе многу понижувања, злоставувања и затварања.

Најпосле беше протеран во прогонство заради исповедањето на вистинската вера и сред трудови и страдања се престави кај Господ за да прими венец на слава во Царството Божјо.

Денеска се слави Светиот апостол Андроник

Еден од седумдесетте. Роднина на светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и светата Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија.

Со Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест.

Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).

За верникот не постои ништо невозможно – живата, непоколебива вера е способна да направи чуда

 Ете, Бог е моето спасение; на Него се надевм; и не се плашам “ [Иса. 12, 2]

Тоа што ме смирува во мислите и срцето е тоа, што ми се предаваат зборовите кои секогаш ќе ги паметам и кои секогаш ќе го смируваат моето срце сред житејските грижи и забуни. А што е тоа? Тоа е христијанската изрека, полна со жива надеж во чудесните, смирувачки сили: Господ за мене е се. Тоа е непроценливо богатство! Тоа е скапоценост, со која во секоја положба може да се биде мирен, со која и во сиромаштво може да се биде богат, а ако имаме богатство великодушен и љубезен кон луѓето; скапоценост со која, дури и кога ќе погрешиме, нема да ја изгубиме надежта. Господ за Мене е се. Тој е мојата вера, мојата надеж, мојата љубов, мојата сила, мојот мир, мојата радост, моето богатство, мојата храна, моето пиење, мојата облека, мојот живот со еден збор, се мое. Како што е, човеку, за тебе Господ се, така и ти биди се за Господа. А бидејќи целото твое богатство се наоѓа во твоето срце и во твојата волја, и бидејќи Бог од тебе го бара твоето срце, велејќи: „синко, дај ми го мене срцето твое “ [Изреки 23, 26], тогаш за да ја извршиш Божјата волја, блага и совршена, откажи се од извршување на својата грешна, острастена, опрелестена волја; немој да ја познаваш својата волја, познавај ја само волјата Божја, велејќи: „не мојата, но нека биде Твојата волја“.

Сретства кои ја зајакнуваат христијанската надеж се: молитвата а особено честото и искрено молитвено исповедување на сопствените гревови, читање на словото Божјо и особено честото причестување со светите и животворни Тајни на Телото и Крвта Христови.

Господи! Твоето име е љубов: не отфрлај ме мене, заблудениот човек. Твоето име е Моќ: зајакни ме мене, немоќниот и паднатиот. Твоето име е Светлина: просветни ја душата моја, потемнета од житејските страсти. Твоето име е Мир: смири ја возмутената душа моја. Твоето име е Милост: не престанувај да ми простуваш.

Свети Јован Кронштадски

Светата великомаченичка Ирина – На маки ја подложуваа четворица цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку Ангели

 Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко ѝ Ликиниј беше владетел. Некои мислат дека таа е Словенка. Родена како незнабошка од родители-незнабошци, Пенелопа (така ѝ беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан.

. Светиот Тимотеј, ученикот на апостолот Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донесе да ги прочита Посланијата на светиот апостол Павле. Кога се одрече од мажачка и го разгневи татко ѝ, па тој сакаше да ја мачи, таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко ѝ, на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку Ангели.

Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но, Божји Ангел ги умртви отровните гадинки и ја сочува светата девица неповредена. Тогаш, овој цар се обиде да ја иструже со пила, но пилата се одбиваше од нејзиното тело како од камен. По ова, ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, туку стоеше – и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот. „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители. Но, Божји Ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабошци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа.

Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но, девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа во Бога. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки. Ниту тоа не ѝ наштети на Света Ирина, туку повторно мнозина ги приведе кон верата на Вистината.

Најпосле, Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабошци.

Најпосле, самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, неа ја немаше внатре. Бог ја прослави за навек девицата и маченичката Ирина, која се жртвуваше и претрпе сè за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што ѝ ги подари.

Денеска се празнува Светиот апостол и евангелист Марко

Му беше сопатник и помошник на апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Египет. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Египет. Египет беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Либија, Амоникија и Пентапол.

Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и сè добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда. Кога незнабошците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклонска вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна повторно во Пентапол и таму продолжи да го утврдува своето поранешно дело. После две години, Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија.

Тогаш го фатија незнабошците, цврсто го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлија во затвор. Овде најнапред му се јави Ангел небесен и го храбреше и го крепеше. Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекоа од затворот и повторно го влечеа по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивна. Неговите свети мошти беа чесно погребани од христијаните. Низ вековите им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.

Денеска се празнува Светиот свештеномаченик Антипа

Се спомнува во книгата на Откровението како „Антипа, мојот верен сведок“ (Откр. 2, 13), „кој беше убиен кај вас, меѓу кои пребива сатаната,“ т.е. во градот Пергам. Жителите на овој град живееја во мракот на идолопоклонството и во крајна нечистота; им беа робови на страстите, клеветници, насилници, крвомешачи и со еден збор сатански слуги. Антипа живееше меѓу нив „како светлина сред темнината, како роза среде трње, како злато во калта“.

Во Пергам за добар и праведен се сметаше оној којшто би фатил и би убил еден христијанин. Целата незнабожечка вера се состоеше во гатањето, во толкувањето на соништата, во служењето на демоните и во краен разврат.

Застрашени од Антипа како од оган, демоните им јавија на жреците во сон и им исповедаа дека се плашат од него и затоа мораат да побегнат и од овој град. Жреците кренаа толпа народ против Антипа и почнаа да го измачуваат и да го присилуваат да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Антипа им рече: „Кога вашите т.н. богови, господари на вселената, се плашат од мене којшто сум смртен човек и мораат да бегаат од овој град, зарем не познавате по тоа дека вашата вера е заблуда?“

И им говореше светителот за Христовата вера како за единствена вистинита и спасоносна. А тие се разјарија како ѕверови и го довлечкаа старецот Антипа пред храмот на Артемида пред кој стоеше излиен вол од бронза. Го усвитија волот со оган и го фрлија внатре слугата Божји.

Во внатрешноста на волот свети Антипа Го славеше Бога со благодарност, како некогаш Јона во утробата на китот и тројцата младенци во огнената печка. Антипа се молеше за своето стадо и за сиот свет, се додека душата не го остави трошното тело и не се вознесе меѓу ангелите во Царството Христово. Пострада и стекна невенлива слава во 92 година.

За многу години: Денеска се празнува Светиот маченик Евпсихиј

Од благороден род и добро воспитан во благочестивата вера. Во времето на царот Јулијан Отстапник, кога во Кесарија со Црквата Божја управуваше светиот Василиј Велики, Евпсихиј стапи во брак со една угледна девојка. Но, не му беше дадено да поживее во брак ниту еден ден. Зашто во времето на неговата свадба се погоди незнабожечкиот празник на принесување жртви на идолот Фортуна.

Евпсихиј отиде со другарите и ги искрши сите идоли во храмот, па и самиот храм го разори. Кога слушна за ова царот Јулијан многу се разгневи и нареди виновниците да се убијат, многубројни христијани да се земат за војска, да им се наложи огромен данок на христијаните, на нивна сметка повторно да се изгради храмот на Фортуна, а на градот да му се одземе почесното име Кесарија (кое му го беше дал кесарот Клавдиј) и да се нарече со поранешното име Маза. Свети Евпсихиј најпрво го врзаа за дрво и страшно го мачеа, а потоа го убија во 362 година. Малку потоа свирепиот цар Јулијан патувајќи за Персија го посети овој град, а одеше во војна.

Во пресрет му излезе свети Василиј и во знак на почест и гостопримство изнесе три јачмени лебови. Царот нареди и на светителот како дар му дадоа грст сено. „Ти нам ни се подбиваш цару. Ние ти принесуваме од лебот со којшто се храниме, а ти нам ни даваш скотска храна, којашто ти со својата власт не можеш да ја претвориш во човечка“. На ова царот му одговори: „Знај дека со тоа сено ќе те хранам кога ќе се вратам од Персија!“ Но злобниот отстапник никогаш повеќе не се врати жив од Персија, зашто загина со заслужена и неприродна смрт.