Tag Archives: религија

Муслиманските верници започнаа со постот за Рамазан

Синоќа започна Рамазан, светиот исламски месец на постот, во кој муслиманите во следните 30 дена ќе се воздржуваат од храна и пиење од изгрејсонце до зајдисонце.

Верниците ќе се молат во одредено време за нивно физичко и душевно прочистување, ќе го читаат Куранот и ќе донираат средства во добротворни цели, а членовите на семејството и пријателите ќе се соберат на ноќна трпеза.

Повеќе од 1,8 милијарди муслимани, кои сочинуваат околу една четвртина од светската популација, се очекува да го слават Рамазан. Исламот го следи лунарниот календар, така што Рамазан започнува една и пол недела порано секоја година.

Постот е еден од петте столбови на исламот и е задолжителен за сите муслимани, иако има исклучоци за малите деца и болните и за жените кои се бремени или дојат. Оние кои патуваат се исто така ослободени, вклучително и спортистите кои учествуваат на турнири надвор од нивниот град.

Светиот Теофилакт: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“

Кога првиот царски советник, Тарасиј, од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на свети Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Светиот Теофилакт во лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови свети Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања. Најпосле Му ја предаде својата света душа на Господа, околу 845 година.

Денеска се празнува СВЕТИ преподобен ЕМИЛИЈАН

Се роди во Рим, а во младоста изврши многубројни и тешки гревови. Но кога се отрезни од грешењето и си дојде на себе, трепереше од самата помисла за Судот Божји. Стапи во еден манастир и со пост, бдение и послушание го скроти и го исуши своето тело.

Овде им беше пример на браќата. Ноќе често излегуваше од манастирот и одеше во една блиска пештера на молитва. Бидејќи не знаеше каде оди монахот, игуменот на манастирот една ноќ тајно тргна по него.

И таа ноќ тој го виде Емилијан како стои на молитва со страв и во солзи. Одеднаш целата таа гора ја облеа небесна светлина посилна од сонцето, а најсилна беше во пештерата на Емилијан. А од небото се слушна глас: „Емилијан, ти се простуваат гревовите!“

Игуменот се исполни со ужас и побегна во манастирот. Утредента им објави на браќата за она што го виде и чу минатата ноќ. Емилијан поживеа долго и мирно, во голема почит меѓу браќата, па се упокои во Господ.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ: Се воздржува од храна, но и од гревовност, се посветува на духовното

Во Стар Египет постоела примена на т.н. „тераписко гладување“ кое било спроведувано низ подолг период, со цел јакнење на организмот. И Хипократ, како „Татко на медицината“, верувал дека гладувањето е одличен начин за прочистување на организмот и одмарање на системот за варење, кој го сметал за речиси најважен органски систем. Во текот на 19.век гладувањето било прилично популарно како терапија, односно начин за детоксикација на организмот.

Моделот на испрекинат пост е исхрана која има упориште во модерната наука, а подразбира ограничено време за внесување на храна во текот на денот и подолг пост преку ноќта.

Истражувањата спроведени на животни и помал број истражувања врз луѓе покажале дека таквиот начин на исхрана поволно влијае на чувствителноста на исулин, на функцијата на бета-клетки на панкреасот кои произведуваат инсулин, како и на крвниот притисок, оксидативниот стрес и апетитот.

Дури и минимални промени во ритамот на исхраната- на пример, внесувањето храна во текот на 11 часови и гладување во текот на 13 часа во денот- можат да предизвикаат позитивни промени.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.

Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Денеска се празнува Светиот свештеномаченик Теодот

Епископ Киринејски, на островот Кипар. Заради неговата мудрост и доблеста го избраа за епископ, а тој со љубов и ревност управуваше со Црквата Божја. Кога настана гонење на христијаните, во времето на нечестивиот цар Ликиниј, овој Божји човек беше изведен на суд и подложен на маки. Кога мачителот Савин го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на незнабожечките идоли, Теодот му одговори: „Да би ја знаел ти добрината на мојот Бог, на Кого се надевам дека заради овие краткотрајни маки ќе ме удостои со вечен живот, и самиот би посакал да пострадаш за Него вака како јас“. Му удираа клинци во телото, а тој Му се молеше на Бога со благодарност; па мислејќи дека крајот му е близу, ги советуваше и ги поучуваше христијаните што беа околу него. Но, по Божја Промисла, царот Константин во тоа време објави слобода за христијаните и нареди да бидат пуштени сите што се под суд заради Христа.

Тогаш го ослободија и овој светител и така изнамачен се врати на епископската столица во Киринија и поживеа уште две години. Потоа се упокои во Господ, Кому верно Му служеше и за Кого многу пострада. Земниот живот го заврши и замина во дворците Господови во 302 година.

Денеска е ТОДОРОВА САБОТА

Во оваа прва сабота на постот, со коливо го празнуваме преславното чудо на светиот великомаченик Теодор Тирон, коешто се случи вака: кога Јулијан отстапник, после Констанциј, синот на Константин Велики, го зеде управувањето со царството, тој започна отворено враќање од христијанството во идолопоклонството, и тоа не тајно, туку јавно, подигнувајќи прогон против христијаните.

Но, злочестивиот не сакал јавно да приредува сурови мачења, туку смислил поинаков начин да ги искушува христијаните. Знаејќи дека нашиот христијански народ најмногу се очистува и внимава на Бога во првата недела од светиот пост, тој го повика управникот на градот и му заповеда да ги тргне обичните продукти од пазарот, а на нивно место да стави други, попрскани со крвта на идолските жртви.

Така, сите што ќе купат и ќе јадат од таа храна, да бидат осквернети. Меѓутоа, Бог кој ги попречува лукавите ви нивните завери, а за нас, Неговите слуги, секогаш има промисла, ја разруши и оваа завера на Јулијан. Кон градскиот архиереј Евдоксиј, Он го праќа великомаченикот Теодор Тирон. И тој застана пред него, не во сон, туку на јаве, и му рече: собери го Христовото стадо и заповедај им на сите ништо од она што се продава на пазар да не купуваат, бидејќи е осквернето со крвта на идолски жртви од страна на нечестивиот цар.

Архиерејот беше во недоумица и го праша што да јадат оние кои дома немаат доволно храна, доколку не докупат од пазарот? Светителот му рече со коливо за да го дополни недостатокот. Евдоксиј не разбра што точно е тоа „коливо“ и го праша светителот, а тој му објасни: варена пченица. Патријархот тогаш го праша кој е тој, што толку се грижи за христоименитиот народ? Христовиот маченик рече: од Него сум ви испратен за помошник.

Патријархот направи како што му беше кажано, и го зачува Христовото стадо неосквернето и неповредено од лукавството. Јулијан кога виде дека неговата измама е откриена, се посрами и заповеда на пазарот да се врати обичната храна. Христијаните, пак, во знак на благодарност кон Благодетелот и кон маченикот, во саботата со коливо извршија радосен спомен. Оттогаш, и ние верните, ова чудо го обновуваме за да не биде заборавено, и го почитуваме великиот Теодор со коливо.

Ноќта спроти Тодорова сабота пред легнување направете го ова!

Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 1 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова Сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по заминувањето на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со к*в од жр*вите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со к*в. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.

Според едно предание од Гевгелиско Свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува празникот Тодорова сабота во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа на една недела по Прочка, поточно првата сабота по овој празник што значи дека тој е на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје”. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” и тн.

Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на овој век од Н.Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило”. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата зашто во спротивно ќе се случела голема несреќа и на луѓето и на добитокот.

Интересен обичај во Дебарца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат”.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”.

Вакви обичаи забележал и М. Цепенков. „Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види на сон кое момче ќе си го земи за маж да је биди. – еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чуа за коа ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојде тоа момче што и је наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знаи, него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи”. Сличен на овој обичај М. Цепенков забележал и во Битола: „Во град Битола спроти Тодорица праат мајките на ќерките еден маривет да познаат кое момче ќе и ја земи ќерката. Ќе појди една мајка в црква и ќе земи три зрна пченица, падната што има наземи. Коа ќе седнат да вечераат, ќе и го укради мајката на ќерката првиот залак и коа ќе си легни девојчето да спие, ќе и клаит под перница. Спиејќи девојчето, ќе го сонуала кое момче ќе го земела, убао ќе го видела, очи со очи ќе се виделе и бездруго тоа момче ќе го земела. Утрото со душа ќе ја чекат мајка е да стани од спиење за да ја праша што сон сонуала. Ако е страмежливо некое девојче и неќи да е кажи на мајка си, таа ќе и нагодуа за соно што го видела и за момчето што го видела. Ете од трите зрна пченица и еден залак леб, клаени под перница ќе си го виделе на сон кое момче ќе земи. Ако е вистина ашколсун јас ќе му речам.“

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш”.

Стефан Верковиќ запишал дека во с. Мачуково, (Долновардарско) „Спроти Сфити Тодур момите раздават на црквата пшеница и пчиничка бркано, и чис леп. В лебут замесуват една глава лук и сус неа го печат; го извртуве сус се леп, ка ќ’ оде на црквата; дупката што ќе се чине на лебут, туруваат пшеница и пчиничка, да напкум сус них зарануват добитоците, а кукешните си апнуваат за здраве”.134

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазорополе. Тие што тримереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови”. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови”! Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.

Очигледно е дека иако празникот Тодорова сабота или Тодорица е пред се црковен празник, иако повеќето од обичаите се изведуваат во црквата и се поврзани со споменот на Свети Теодор Тирон, особено житото, сепак, во овој празник се контаминирале и поголем број пагански обичаи поврзани со доаѓањето на пролетта и со разбудувањето на вегетацијата.

Свети Агатангел Битолски – чевларот од Лерин кој ги заштити христијаните со ферман од османлиите

Овој светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното владеење, Агарјаните имаа свиреп обичај за време на тридневното празнување на празникот Рамазан насилно да приведуваат во својата исламска вера некои од поробените христијани.

Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев, незаштитените и угнетени христијани се сокриваа кој како умееше и можеше. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успеваше да дофати по некоја жртва и да изврши зло. Мнозина од уловените христијани гонителите ги наоѓаа неподготвени да појдат на маченички подвиг, па нивното спасение беше неизвесно.

Тогаш Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Агатангел беше младич, од околу 18 години, по потекло од Лерин, кој работеше како чевлар во Битола.

Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Рамазан да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие го укинаа гонењето на христијаните на Рамазан, и издадоа ферман за таа своја одлука.

А потоа, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел, Бог допушти неколкумина Агарјани да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. Светиот Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи небесен венец од Христа, на 17 февруари 1727 година, во градот Битола.

Светиот маченик Георгиј Кратовски – Златарот од Кратово кој жив го запалија заради верата Христова

Mакедонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин.

Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија.

Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.

Светиот свештеномаченик Харалампиј – „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“

Oвој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера.

Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го истругавте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. И

зврши многубројни чуда, во верата обрати многумина. Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето свети Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови.

„Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.