Tag Archives: Украина

Внимавajте што пишувате на социјалните мрежи за вojната во Укpaина, може да завршите во затвop

Министерството за внатрешни работи соопшти дека заедно со Јавното обвинителство интензивно ги следат сите изјави и коментари на социјалните медиуми поврзани со случувањата во Украина и согласно своите законски надлежности ќе преземат кривичен прогон против сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе одобрат или оправдаат геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства, укажувајќи дека тоа е кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик.

МВР апелира и до граѓаните кои ќе забележат вакви случаи да ги пријавуваат на мејлот cybercrime@moi.gov.mk за соодветно да биде постапено.

Пронајдени тела во МАСОВНА ГРОБНИЦА во БУЧА, западот обвинува, Русија негира

Во масовната гробница во украинскиот град Буча, во близина на Киев, пронајдени се 57 тела на убиени цивили, изјави денеска шефот на локалниот спасувачки тим Серхи Каплични.

– Тука, во оваа долга гробница, се закопани 57 луѓе – изјави Каплични за АФП, кој ја организираше ексхумацијата.

Претходно, на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат безживотни тела на улиците на градот Буча. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица откако украинските сили вчера ја вратија контролата врз Буча.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи.Макрон го сподели своето сочувство со Украинците и жртвите, додавајќи: „Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“.

Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, недалеку од главниот град Киев, во форма на построги санкции.

„Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници.

Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната“, напиша Бербок на Твитер.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика нмеѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.

Шолц, исто така, ја повика Русија конечно да се согласи на прекин на огнот и да ја запре оваа „страшна, бесмислена и неоправдана војна“.

Фотографии на Ројтерс на ОВОЈ ЛИНК

ЗЕЛЕНСКИ ЈА ОБВИНИ РУСИЈА ЗА ГЕНОЦИД Сакаат да истребат цела нација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила „геноцид“ во Украина со цел да ја истреби „целата нација“, еден ден по откривањето на голем број тела на улиците на градот Буча во близина на Киев по повлекувањето на руските сили.

– Да, тоа е геноцид. Истребување на целата нација и народ, ние сме украински граѓани. Имаме повеќе од сто националности. Ова е уништување и истребување на сите овие националности – изјави Зеленски за Си-Би-Ес.

Зеленски ја повика Русија „целосно да ги повлече своите сили“ со цел „барем“ да се врати на ситуацијата пред 24 февруари, кога започна руската инвазија.

– Ова ќе ни овозможи да започнеме да разговараме за други прашања за ставање крај на окупацијата, како ќе живееме потоа – додаде Зеленски.

ЕВРОПА НЕ ВИДЕЛА ВАКВИ УЖАСИ СО ДЕЦЕНИИ Столтенберг е згрозен од злосторствата во Буча

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги опиша злосторствата во Буча како „ужасни“, истакнувајќи дека „тоа е бруталност кон цивилите каква што не сме виделе во Европа со децении“.

– Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат. И тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши – изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните сили не убиле цивили во Буча, град во близина на Киев, кој украинските сили го ослободија деновиве.

„Додека градот беше под контрола на руските вооружени сили, ниту еден од неговите жители не беше изложен на насилство“, се наведува во соопштението на Министерството.

Министерството додава дека сите жители „можеле слободно да заминат на север“, додека јужните предградија на градот „биле цел на деноноќен оган на украинските војници“.

Во соопштението се наведува и дека сите руски воени единици се повлекле од Буча на 30 март, ден откако Русија објави дека значително ќе ги намали операциите во северна Украина.

Украина бара да се промени името „Македонија“ на улица во Варна

Украинската амбасада во Бугарија ги повика граѓаните да се потпишат на петиција за преименување улици на кои се наоѓаат руската амбасада и руските конзулати во Варна и Русе во знак на поддршка за Украина.

Амбасадата бара булеварот „Драган Цанков“, каде се наоѓа зградата на руската амбасадата во Софија, да се преименува во бул. Украина. и улицата Никола Мирчев каде што се наоѓа зградата на рускиот конзулат во Софија да стане улица „Хероите на Украина“.

По истата логика, улица „Ниш“ во Русе – уште една адресат на руската амбасадатреба да биде „Хероите на Украина “, а третата адреса во Варна да биде улица „Украина”, која ќе го замени нејзиното сегашно име.„Македонија“.Неколку земји досега ја прифатија ваквата иницијатива на Укрсаина, а други изразиле намера.

(Видео) Русија го ослободи ѕверот

Владимир Путин во Украина распореди повеќекратен систем за ракети кој „го исцицува воздухот од жртвите“ во Украина додека неговата војна се интензивира.

TOS-1 Buratino истрелува „термобарични“ ракети гориво-воздух кои, кога ќе експлодираат, го трошат целиот кислород во зоната на експлозијата, убивајќи ги сите во областа.

Се чини дека жртвите немаат видливи надворешни повреди, но претрпеле огромни внатрешни оштетувања.

Оружјето се заснова на главниот борбен тенк Т-72 од советската ера, со отстранета главна купола и заменета со систем за ракетни фрлачи со 30, 8,5-инчни ракети.

Потврдено: Русите го освоија Мариупол

Градоначалникот на украинскиот пристанишен град Мариупол во понеделникот изјави дека неговиот град е „во рацете на окупаторите“ по неколкунеделната опсада на руските сили кои го срамнија градот, оставија непознат број цивили мртви и протераа стотици илјади од нивните домови, пренесува порталот б92.нет.

Властите во Мариупол, Украина, денеска соопштија дека околу 160.000 жители останале во опколениот пристанишен град и предупредија дека ќе следи „хуманитарна катастрофа“ доколку не биде можна понатамошна евакуација.

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко изјави дека руските сили ја спречуваат евакуацијата на цивилите од градот и дека вратиле некои кои се обиделе да излезат, пренесе украинскиот јавен сервис.

Љубовта на Русин и Украинка наспроти војната (ФОТО)

Русин и Украинка стапиле во врска само две седмици пред да почне војната… Потоа решиле да го напуштат Киев и да го почнат својот нов живот во Унгарија.

Михаил, софтверски инженер од Русија, во Киев пристигнал пред само една година. Таму ја запознал Валерија. Непосредно пред војната, но и при инвазијата, иако не се познавале добро, и покрај сите други околности, решиле да останат заедно.

-Невообичаено, но за разлика од другите луѓе овде, јас сум Русин и живеев една година во Украина. Русија ќе страда поради оваа инвазија многу, многу години, рече Михаил.

Тој нагласува дека не го поддржува Владимир Путин, ниту војната. – Јас сум меѓу оние Руси кои не ја поддржуваат политиката на Русија, претседателот или Владата и кои сакаат да ја вратат вербата во нашиот народ, вели тој.

За двојката, бегството било многу стресно и според кажувањата, сѐ уште не можат да поверуваат дека успеале…

-Тоа беше долго патување од Киев до Унгарија. Минавме речиси пет часа на пат каде што секој ден ги слушавме звуците на бомбардирање и експлозии, но на крајот успеавме! Таа не знаеше што да очекува од мене и јас не знаев што може очекувам од неа. Но, направивме сѐ како тим. Беше многу добро!, раскажува Михаил.

Тие двајцата се надеваат дека „вака ќе остане засекогаш“, како што велат. Еден ден, кога сè ќе заврши, парот планира да се врати во Украина, каде што и двајцата претходно живееле. Сега се во Унгарија.

„Тука сè е прекрасно – имаат одлични ресторани, убави згради, но сепак не можеме да се опуштиме како дома. Многу размислуваме за нашите животи и каде води сè ова!?“, велат тие. (МИА)

(ВИДЕО) Ништо не останало од украинската воена база до границата со Полска, на само 25км оддалеченост

Андриј Садовји, градоначалникот на украинскиот град Лавов, кој е во близина со границата со Полска, потврди руски напад врз украинскиот меѓународен центар за мир и безбедност, западно од Лавов.

Тој рече дека биле истрелани осум проектили кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност.

Инаку центарот за обука се наоѓа во близина на границата меѓу Украина и Полска, на не повеќе од 25 километри.

Неколку фотографии од местото веќе се вирални на социјалните мрежи и изгледаат вака, фото:

https://twitter.com/nexta_tv/status/1502871592610799619?t=xqp95EkA9_IjWpCGdU8aDg&s=19

Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.

Садовји ги повика луѓето да не објавуваат фотографии и видеа од местото на настанот.

Тој рече дека се собираат информации за жртвите и дека деталите ќе бидат објавени подоцна.

Неколку очевидци изјавија за украинскиот Би-Би-Си дека слушнале експлозии во западниот дел на Лавов.

Новинската агенција UNIAN, исто така, ги цитираше корисниците на социјалните мрежи кои известуваат за две силни експлозии во градот.

Според извештаите на локалните медиуми, во текот на ноќта се слушале сирени за воздушен напад во Лавов и многу други региони на Украина.

Киев Индипендент, пак, вели дека има извештаи дека Лавов е под руски ракетни напади.

Причината за експлозиите се уште не е позната, а Би-Би-Си засега не може да ги потврди изјавите на очевидци.

Pycките гpaнати го cpyшиja албанскиот конзyлат во Харков, Албанците гневни (Фото)

Руски проектили во неделата вечерта го урнаа албанскиот почесен конзулат во украинскиот град Харков.

Конзулатот објави соопштение за нападот, потврдувајќи дека неговиот персонал е безбеден и дека немало жртви.

Албанското Министерство за надворешни работи на Твитер го осуди нападот.

Претходно денеска Русија ја додаде Албанија на својата „непријателска листа“, заедно со Црна Гора и Македонија. Ги обвинува трите земји за акции против Кремљ.

На листата се и ЕУ, САД, како и Велика Британија, Канада, Австралија, Јапонија, Швајцарија и Нов Зеланд.

На 27 февруари, Албанија се приклучи на ЕУ во воведувањето санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Имотот на 654 лица ќе биде замрзнат, а на руските авиони им е забранет влез во албанскиот воздушен простор.

Македонците не би смееле да војуваат во Украина – законот вели следи затвор

Амбасадата на Украина во Скопје, викендов објави пост на Фејсбук во кој беше споделен линк со детални информации за граѓаните на Република Македонија, кои би сакале да се приклучат на Легијата на странци во Украина и да се вклучат во борбата со руските сили.

Слични објави на украинските дипломатски претставништва се споделени во поголем број на земји во светот, од каде веќе се пристигнати илјадници доброволци, но за разлика од другите земји во Македонија на граѓаните им е строго забрането да учевствуваат во воените дејствија на туѓи војски и да војуваат во други земји.

Според член 322-а од Кривичниот законик на Република Македонија, предвидена е казна затвор до пет години, за учество или обука во странска војска, полиција, во паравоени или во воени формации за нашите граѓани.

Со истиот закон се забранува и преку медиумите или социјалните мрежи, врбување или потикнување на нашите граѓани да учествуваат во странски војски, за што е определена казна до четири години затвор.

Според информации на Плусинфо, во конфликтот што во моментов се одвива во Украина, нема ниту еден македонски државјанин на двете страни. Нашите извори коментираат дека тоа се должи токму на законот, донесен во екот на граѓанската криза во Сирија, кога десетици наши граѓани се бореа на страната на Исламската држава, како и во редовите на други џихадистички организации.

Во меѓувреме испративме прашање до Владата на Репблука Македонија, дали ќе биде преземено нешто околу повикот на Украинската амбасада во Скопје, но оттаму сè уште не добивме одговор.

Руска бомба од 500 килограми падна врз станбена зграда

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави фотографија од бомба која паднала врз зграда во Украина,

-Оваа ужасна руска бомба од 500 килограми падна врз станбена зграда во Чернихов. Таа не експлодира, но многу други – да. Убија невини мажи, жени и деца. Помогнете ни да го заштитиме нашиот народ од руските варвари. Помогнете ни да го затвориме небото. Дајте ни борбени авиони. Направете нешто, напиша Кулеба.