Tag Archives: здравство

140 здравствени работници од 1 јануари може да останат без работа

Околу 140 здравствени работници со договор на дело се изложени на ризик да останат без работа по 31 декември, по што им истекува договорот, пренесува Алсат.

Две години од кога биле ангажирани како патронажни сестри, велат дека работеле секаде каде што имало потреба. Тие дури биле во директен контакт со заразените со корона вирусот. Денеска се собраа пред Министерството за здравство за да побараат решавање на нивниот статус.

„Ние сме 16 сестри во Тетово кои бараат статусно решение. Во јуни ги продолживме договорите и ни беше ветено дека до 12-ти месец ќе имаме договори, потоа не знаеме ништо. Од 2 мај сме ангажирани во Ковид центарот, каде што вакциниравме против Ковид19. Сите сестри биле ангажирани како тие со решенија така и ние.

Филипче за АЛСАТ изјави дека до крајот на оваа недела ќе се сретне со оваа група лекари и вети решение за нивниот статус.

СЗО за здравството во Македонија: Трошоците за приватно лекување се КАТАСТРОФАЛНИ!

Околу четири проценти од домаќинствата во Македонија западнале во сиромаштија или во подлабока сиромаштија по приватни плаќања, а 6,5 отсто од домаќинствата имале катастрофални трошоци за здравствена заштита во 2018 година, се вели во најновата анализа за финансиска заштита во македонскиот здравствен систем, спроведена од Светската здравствена организација (СЗО).

– Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Северна Македонија.

Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа.

Според анализата, се проценува дека околу 10 отсто од населението немало здравствено осигурување во 2018 година, а тоа значи дека единствено имаат право на јавно финансирана итна медицинска помош и задолжителна вакцинација. Неосигурените лица се најчесто луѓе без редовен работен однос и вработени на кои не им се исплаќаат платите навреме.

Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија.

– Да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување, да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина, стои во извештајот.

Денес на маса НОВИТЕ МЕРКИ на Комисијата за заразни болести! Дали вакцината ќе стане задолжителна за здравствените работници?!

За новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести за невакцинираните вработени во јавниот сектор и здравствените работници, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, денеска ќе се разговара на Главниот кризен штаб, а потоа и на седница на Владата.

Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.

– Бараме да се ажурура процесот за спроведување на контрола на здравствените сертификати, користејќи ги елекронските алатки на европските сертификати преку апликација која го прикажува вистинскиот QR код и ја контролира неговата валидност. Ова е мерка со која очекуваме значајно да се зголеми опфатот со вакцинацијата, изјави министерот Филипче кога ги објави предлог-мерките и додаде дека го следат примерот од останатите држави од регионот и од Западна Европа каде се применуваат мерки сѐ повеќе рестрикции за невакцинираните.

Во моментот, државата располага со 470 илјади вакцини на „Фајзер“ и 20 000 на „Астра Зенека“. Се очекува да пристигнат и 200 000 вакцини на „Фајзер“ како донација од Италија, со рок до средината на следната година.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.633 тестирања, регистрирани се 389 нови случаи со Ковид-19, 18 починати и 317 оздравени пациенти.

Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8.535 случаи од кои најголем број 3908 се во Скопје. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 212.220, бројот на оздравени пациенти е 196.249, а на починати е 7.436.

Македонското здравство под ЛУПА – Лекарите специјалисти масовно ЗАМИНУВААТ од Македонија

Пристапот до лекари специјалисти во јавните здравствени установи е проблематичен, оценува во Извештаојот за Македонија Европската Комисија, потенцирајќи дека здравството во земјата се соочува со загуби на медицинскиот персонал. Се наведува дека особено лекарите специјалисти или преминуваат во приватните здравствени установи или пак заминуваат во странство.

– И покрај обезбедувањето на зголемени плати со цел да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема, наведува ЕК.

Што се однесува пак до справувањето со предизвиците од пандемијата на корона вирусот, Европската Комисија наведува дека во текот на третиот бран беа поплнети 90 проценти од болничките капацитети во јавниот здравствен систем, а во однос на вакцинацијата против ковид-19, дека до почетокот на октомври целосно се вакцинирани околу 35 отсто од популацијата.

-Согласно националниот план до крајот на 2021 година 60 проценти од населението треба да е вакцинирано против коронавирусот. Околу 35 проценти од населението е целосно вакцинирано до почетокот на октомври 2021 година, потенцира ЕК во Извештајот за напредокот на Македонија во делот кој се однесува на здравствениот сектор.

Истовремено ЕК оценува дека не се финасира доволно скринингот за рано дијагностицирање на канцер, како и тоа дека податоците од националните и регионалните регистри за рак не се јавно достапни. 

Фактор мк

Д-р Лазаров: Што праите бе вие по цел ден по фотељи??? Нема мамографија, нема ехо, нема термини за Ковид тест…

„Недозволиво е да нема мамографии и ехо, недозволиво е да се суспендираат сите превенции зошто терциерни клиники се направени лежални за болни од ковид каде скоро ништо освен кислород не добиваат. Апсурдно е да се суспендира оперативен програм, кој Q онда правите ковид тестови за било каков прием? Лудачки е да барате извештаи од контролни специјалистички прегледи на 6 месеци за да земе терапија хроничен пациент, а термини нема со месеци никаде, буквално“!

Доктор Ненад Лазаров повторно револтиран од здравствениот систем во државата, преку својот фејсбук профил ги посочува недостатоците кои одат на штета на здравјето на граѓаните. Во неговиот статус тој посочува:

-Идиотски е да нема термини за тестирање за ковид, или кога има тоа да биде по неколку дена, малоумно да не можам да препишам лек кој му треба на пациент! И врв на неспособност е што во последниов период, 3 од 5 дена не ви функционира здравствен електронски ситем! Што праите бе вие по цел ден по фотељи??? Ова е веќе хорор од 2 години.

“Починатите не се само бројка во статистиката, мојот сопруг не дочека вакцина, Здравко требаше да живее, никој не одговара на прашањата!”

Наде Јовчевска е сопруга на Здравко, еден од речиси 7000 илјади македонски граѓани кои го загубија својот живот во битката со Ковидот.

Наде има огромен број прашања поврзани со смртта нејзиниот сакан на кои со месеци нема одговори. Вакви одговори од министерот Филипче и другите здравствени институции чекаат десетици илјади луѓе кои ги загубија своите родители, деца, роднини, пријатели ….

Во продолжение целата ситуација околу смртта на Здравко, човекот што како и сите други жртви на пандемијата требаше да живее:

Починатите од ковид не се само бројка во статистиката, туку се луѓе кои имаат семејства, деца, родители, колеги, пријатели, роднини, кои по губењето на своите блиски остануваат со многу неодговорени прашања….

Мојот сопруг, Здравко Јовчевски, го загуби животот прерано, на само 39 години, на 7 април 2021 година во болницата “8 септември” , на ковид интензивна нега одделение.

Зад себе остави сопруга и две малолетни деца. И многу прашања за кои се уште јас како сопруга, со месеци, чекам одговори кои никако да ги добијам од официјалните институции, и покрај регуларно доставените барања.

Од самата појава на Ковид 19 во Македонија, следевме мерки на заштита и повеќе од она што го препорачуваше државата. Мислам дека ретки беа луѓето кои толку внимаваа на ковид протоколите колку нас. Со месеци чекавме и следевме што се случува со вакцините, како оди набавката на вакцини против Ковид 19 и се надевавме дека брзо ќе пристигне и во Македонија и ќе бидеме безбедни.

Но за жал, мојот сопруг не дочека вакцина. На 20 март 2021 година започна борбата на нашето семејство со Ковид 19. Следејки ги сите насоки од матичната докторка, мојот сопруг пиеше комплетна витаминска терапија и ивермектин уште од појавата на првиот позитивен тест кај синот. Но и тој на 23 март доби позитивен тест. По првата крвна слика, која беше стабилна, меѓу останатото му беше даден и антибиотик Pancef на CRP вредност од 4,6.

Патем, сопругот ниеднаш не беше прегледам од матичната докторка. Се прашувам дали матичната докторка му даде Pancef за да го заштити или себе да се заштити од можни компликации, кога веќе државата не ги заштити ни пациентите ни докторите со креирање на протокол за лекување од Ковид 19?

И додека луѓето од Македонија одеа во соседна Србија да се вакцинираат, ние веќе боледувавме. Задоцнивме две до три недели….а државата задоцни со вакцинацијата за илјадници починати и зацрнети семејства…

На своја иницијатива на 27 март кај приватен рендгенолог направивме и рендген снимка на белите дробови на сопругот која покажа наод на двете белодробни крила. Со снимката Здравко замина на контрола во ГОБ „8 Септември” од каде се врати со насмевка дека докторите го смириле дека „не е ништо страшно, и скоро сите имаат ваков наод”, но со додадена терапија Sumamed двојна доза за 6 дена и продолжување со Pancef, и додадени кортикостероиди Декортин, без воопшто да се направи крвна слика.

Антибиотиците, и тоа два од кои еден во двојна доза се недозволиви за лекување на вирусна инфекција, тоа го знаат и студентите на I година во средното медициско училиште, а не пак ние кои маката не натера на секакви проучувања.

Дента на 30 март 2021 по измерена сатурација под 85 итно заминавме во ГОБ 8 септември каде веднаш беше ставен на кислородна поддршка и му беше земена крв за анализа и рендген на белите дробови.

Не сакам да зборувам што се видов во тријажното одделение тој ден во ГОБ 8 септември, од луѓе кои нема кој да ги упати каде да појдат за рентген снимка, до бабичка која три часа лежеше на болнички кревет во чекална и никој не и ја провери состојбата, дали спие или е нешто друго во прашање, до чекањето три и повеќе часови за резултати, до сестрата која го вртеше регулаторот за кислород на сопругот на ѓутуре.. и тогаш започна вистинската голгота.

Секој ден со часови упорно вртев во одделенијата каде што беше сместен сопругот со цел да добијам информација како е.

Едвај добивав линија.

Скоро секогаш одгвоорот беше дека е стабилен, освен кога докторка ми кажа дека ќе се симне на Интензивна нега поради мониторинг, затоа што имал цитокинска бура…..

Неколкупати прашував дали треба нешто да купам, да донесам некој лек кој можеби го немаат, им кажав дека и под дрво и камен ќе најдам се што треба, но ми велеа дека имаат се. Единствено што ми побараа беше озонотерапија која ја набавив и однесов во рок од еден час и му беше аплицирана.

Не знам зошто не му беше аплициран Tonzicilimb Actemra за кој подоцна дознав дека ја смирува цитокинската бура, која тој ја доживеал двапати.

Но подоцна најдов и порака кај него дека „апаратчето било заглавено, и “и овие овде не знаат што прават”. Не сакам да знам што тоа се може да значи и со каква апаратура располагале, тоа е работа на Државен санитарен и здравствен инпекторат.

Мојот сопруг го добив на телефон последен пат на 03.04.2021 година. Дента претходно и тој ден рече дека е добар и дека примил и крвна плазма и озонотерпаија и дека сите се надевале дека ќе биде се во најдобар ред.

Потоа го снема…

Подоцна добив повик дека е на респиратор поради влошена состојба и вода во белите дробови, за на крај, на 7 април во 19.40 да ми се јават дека ја изгубил битката со Ковид.

Мојот сопруг имаше 39 години, беше комплетно здрав и витален, без ниеден коморбидитет, без никакви здравствени прблеми и непушач.

По неговата смрт почнав да се распрашувам како е лекуван, што се му е давано, да истражувам какви се ковид протоколите на СЗО и во другите земји, кои протоколи се користат кај нас, и не најдов никаков унифициран ковид протокол за сите нивоа на здравствената заштита, ниту за матични лекари, ниту за секундарно, ни терцијално здравство, кои очигледно уште ги нема!

И дојдов до повеќе работи кои беа контрадикторни. Така почна моето барање на одговори од надлежните институции.

Јас имав сомнежи дека мојот сопруг почина меѓу останатото и од негрижа и нестручност и тоа поради повеќе причини за кои побарав одговор во надлежните институции од кои уште од мај немам одговор.

Досега се имам обратено до Министерството за здравство со две барања, едното е Барање за вонреден инспекциски надзор на комплетното лекување на мојот сопруг, за кое не добив официјален одговор и по повеќе контактирања од моја страна, а е поднесено на 14 мај.

Истиот ден е поднесено барање до Државен санитарен и здравствен инспекторат за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на Здравко, за кое добив одговор дека документите кои се собрани се пратени на понатамошна ревизија во лекарската комора.

Од лекарската комора, откако јас се јавив и конечно добив некаков одговор кон средината на август, ми кажаа дека на 17 јуни добиле документи но се уште нема составено комисија. Истиот одговор го добив и кон средината на септември годинава.

Колку време им е потребно на Лекарската комора да состават комисија??

Дополнително, во Министерството за здравство поднесов Барање и за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на мојот сопруг од страна на независна лекарска комисија од универзитетски професори, за кое не добив никаков одговор, и по моето барање на архивски број.

Со целиот случај е запознаен и Народниот правобранител, кој неколкупати реагираше но нема позитивен исход. Комплетната медицинска историја која ја добив по месец дека безуспешно барање на одговор по мејл, и за која морав лично да одам да поднесувам барања, даде некоја сосема друга слика од она што мене ми беше кажувано по телефон од страна на болницата „8 септември’.

Во медицинската историја како последна потврдена дијагноза на мојот сопруг стоеше сепса, поточно дека мојот сопруг починал од сепса од бактерија и од септички шок, кој според документацијата се јавил дента по интубирањето на респиратор, со огромно покачување на Проталкацилинот.

Освен сомнежите кон примарното и секундарното лекување, се прашувам зошто на мојот сопруг му е прекината терапијата со хепарин и дадени потоа алтернативни антикоагулант и лекарста? Ми кажаа дека имал крварење, дали бил повреден при ставање на респираторот?

Имам многу прашања кои ме мачат како немедицинско лице, и очекувам комплетен медицински извештај од институциите.

Зошто и по приемот во болница од 30.03 е давана комбинирана антибиотска терапија кога тој до 1.04.2021 не покажувал знаци на бактериска инфекција?

Зошто постојано му е уништуван имунитетот без потреба, и кога веќе му требале антибиотици тие да не делуваат на неговата состојба заради претходно непотребно давање на антибиотици на сите нивоа?

Со која количина на кислород е третиран мојот сопруг?

И дали бактеријата која ја добил и е причина за септичкиот шок е добиена во болница, а е, според сите показатели?

Зошто мојот сопруг не добил Cipap маска туку веднаш бил интубиран на респиратор?

Се уште ги чекам надлежните институции, од мај месец, да дадат одговор на моите прашања. А НА КРАЈОТ НА СЕПТЕМВРИ – ОДГОВОРИ НЕМА!

Веќе неколку месеци очекувам одговор и јас нема да се откажам.

Апелирам до сите луѓе во Македонија кои изгубија свои блиски: НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈТЕ ОД ВАШИТЕ НАЈБЛИСКИ! Побарајте си ги сите оние права кои ви следат како на блиски на починати, тоа им го должите и ним, и на вас и семејството. Тоа се ваши загарантирани права кои треба да ги искористите.

Затоа што нашите блиски не се статистички податок, нашите блиски не се бројка, мојот сопруг не е “Починат од Скопје (39)” туку е ЧОВЕК кој се вика Здравко Јовчевски и кој требаше да го живее животот многу подолго од ова!

Истото е и за сите ваши блиски! Ние им го должиме тоа, и тоа е наша обврска, на нас, кои останавме овде после нивното заминување!

Ве замолувам, не се откажувајте од своите најсакани, борете се за нив и не дозволувајте неправдите и грешките, доколку ги има, да поминат неказнето и пред се, да се повторуваат. Затоа што ако имало проблеми при лекувањето, вашите блиски тоа го платиле со живот! Одговорност мора да има!

Нада Јовчевска, сопруга на Здравко Јовчевски

Текст: Експрес.мк

Tpaopно cведоштво на граѓанин во живо на емисија кој лежел од кopoна во Клиничкиот во Скопје (Видео)

Во емисијата “Очи в очи” на ТВ 24 со новинарот Огнен Јанески, пред некој ден се јави граѓанин кој раскажа траорно сведоштво за тоа во каква состојба се наоѓа македонското здравство.

Според неговото кажување тој 18 дена се борел со кopoнавиpycoт во кожното одделение на Клиниката “Мајка Тереза”.

Човекот раскажува со какви мизерни услови се соочил во тие денови и вели дека причината за големата смртност од виpycoт е човечки фактор. Вели дека чаршафите од креветите биле со измет, дека се молело за чаша вода, дека немало тоалетна хартија и светло во вецето, измет насекаде….

Новинарот Јанески го остави граѓанинот да се искаже и покрај тоа што му измина времето, а тој го пренесе целото грозно искуство со кое се соочил.

Слушнете во продолжение:

Точно една година трае хоророт со ИЗВАДЕНИ ЗДРАВИ ОРГАНИ низ кој поминува родилката Веаповска!

Веаповска се породи на 31 август лани, а кога состојбата и станала критична била пренесена на скопски КАРИЛ. Таму и кажале дека и недостигаат 2 органи.

Ова е извештајот од патологија до кој дошла родилката од Дебар, Јилдз Веапоска чии органи ги извади директорот на болницата во Струга при нејзиниот пораѓај. Тврди дека без да ја праша неа или нејзиниот сопруг, докторот Мухамед Асани ги испратил бубрегот и матката на анализа на патологија. Од она што може да се види наодот е 4 дена после операцијата, а Веапсока се сомнева дури и дали се нејзините органи. Од друга страна вели дека се работи за здрави бубрег и матка.

Не лекарската комора, туку Министерството за здравство објави дека  немало пропуст во работењето на директорот Асани. Пациентката била соодветно примена, а лекарската екипа навремено регирала кога се појавиле првите знаци на влошување. Комората не го даваше извештајот, но преку соопштение се правда за сопствената одлука. Велат комората е составена од стручни лекари кои не биле ни вештаци, ни истражители.

КОМИСИЈАТА ЈА КОНСТАТИРА МОМЕНТАЛНАТА СОСТОЈБА ВРЗ ОСНОВА НА ДОСТАПНАТА МЕДИЦИНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА. КОМИСИЈАТА НЕМА НАДЛЕЖНОСТ ДА ВРШИ ВЕШТАЧЕЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НАСТАНОТ, ТОА Е ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ДРУГИ ИНСТИТУЦИИ. ТАА, ПРИ СТРУЧНИОТ НАДЗОР УТВРДУВА ДАЛИ СЕ ИСПОЧИТУВАНИ ПРАВИЛАТА ШТО ПРЕТСТАВУВААТ МЕДИЦИНСКИ СТАНДАРД ШТО МОРА ДА  ГИ СЛЕДИ СЕКОЈ ЛЕКАР ЗА ВРЕМЕ НА ИНТЕРВЕНЦИЈАТА И КАКО Е РЕАГИРАНО ВО КОНКРЕТЕН СЛУЧАЈ, ПРИ ТОА ЗЕМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ИМА СВОЈА СПЕЦИФИКА.

Во домот на струшкиот гинеколог и директор на болницата Мухамед Асани, Државниот санитарен и здраствен инспекторат во февруари откри нелегална гинеколошка ординација, за што е поднесена и пријава во струшкото обвинителство. За министерот за спречување корупција е доволно што обвинителството отворило случај, побара да не го обвинуваме директорот пред време, ама не кажа зошто Владата не го разреши.

Претседателката на антикорупциска комисија беше контра неговиот став, па истакна дека во најмала рака треба да е разрешен.

Пред шест месеци министерот Филипче на барање на Хелсиншкиот комитет за човекови права и на семејството, реши да формира нова комисија која ќе треба да го разгледа случајот на Јалдз Веапоска, а во неа ќе се директорите на Клиниките за урологија, гинекологија, Карил и Директорката на државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Не го прифаќам извештајот на Лекарската комора и правдата ќе ја барам до крајот на животот, изјави Јилдиз Веапоска од Дебар, откако Лекарската комора по стручниот надзор во Струшката болница, констатирала дека нема лекарски пропусти и грешки во третманот на пациентката.  На Веапсокса по породувањето и беа остранети бубрег, матка и јајник. Сега вели дека очекувала ваков извештај, се сомнева во неговата објективност и бараше јавно да се соопштат имињата на лекарите од Комората  кои на 9 февруари го извршиле увидот.

На 17-ти март Филипче и Владата конечно го разрешија доктор Асани по скандалот со нелегалната ординација и случајот со Веапоска сеуште не доби некаква крајна завршница.

Проф.Трајковски ги предупреди здравствените власти: Нарачајте навреме ПЦР реагенси за индискиот сој, доаѓа нов бран наесен!

Поради доаѓањето на летото, моменталната преносливост на вирусите во Македонија е прилично намалена, па веројатно нема да видиме брзо ширење на вирусот „Делта“ како во Велика Британија. Меѓутоа, со доаѓањето на есента, особено доколку стапката на вакцинираност остане на овие ниски нивоа, нов бран ќе биде неминовен, предупредува професорот Дејан Трајковски кој на Фејсбук е познат по своите анализи за состојбата со коронавирусот.

„Заканата од новиот сој „Делта“ треба да се сфати крајно сериозно, а здравствените власти заедно со населението да побрзаат со процесот на вакцинација ако не сакаат зимава повторно да живееме под рестриктивни мерки. За страдањата и смртните случаи да не зборуваме – доволно е да се потсетиме на сликите од индиските болници“, вели професорот.

За опасноста од нов бран во Европа предупредува и Светската здравствена организација, а тие проценките не ги даваат туку-така, од ракав, додава тој.

Професорот Трајковски ги предупредува нашите здравствени власти дека треба навреме да порачаат ПЦР реагенси за детектирање на индискиот сој, бидејќи, како што вели, тој потешко се открива со обичните реагенси.

„Ако е вистина, како што тврдат британските експерти, дека преносливоста на индискиот „Делта“ сој е за 40 отсто – 60 отсто (!) повисока од преносливоста на британскиот „Алфа“ сој, тоа би значело дека неговиот базичен репродукционен број R0 изнесува 5 – 6. Со толку висока преносливост, дури и под најоптимистичка претпоставка дека моменталниот степен на колективен имунитет изнесува околу 60 отсто (за која моите проценки – врз основа на стапката на серопреваленција – кажуваат дека е претерана и не изнесува повеќе од 40 отсто), неминовен е нов бран, се додека стапката на прележаност не го достигне новото ниво на колективен имунитет од 84 отсто (1-1/R0 = 1 – 1/6 = 84 отсто)“, пишува професорот Трајковски.

Вработените во здравството нема да го добијат најавеното покачување на платата

Министерот за здравство Венко Филипче ги извиси вработените со здравствениот сектор. Според информациите на Курир, вработените мартовската плата нема да ја добијат со најавеното покачување од министерот за пет проценти.

Вработени од повеќе здравствени установи и клиники ја контактираа нашата редакција во текот на неделава и не’ информираа дека во платата која се подготвува за исплата не е пресметано најавеното покачување.

Курир во средата се обрати до Министерството за здравство и праша дали вработените ќе го добијат најавеното покачување од пет проценти. До објавување на овој текст одговор од Министерството не добивме.

Според неофицијални информации на Курир, обезбедени се пари за најавеното покачување на платите, но само за неколку месеци. Информациите до кои дојдовме велат дека вработените во здравството покачувањето ќе го добијат понатаму, но не како зголемување на платата, туку во вид на исплатен додаток.

Министерот Филипче на 9 март преку објава на Фејсбук информираше дека започнувајќи од мартовската плата ќе има зголемување на платите за сите вработени во здравствениот сектор за пет проценти.