Франција е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Сепак, ние не сме индиферентни за чувствителноста на темата, вели амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер.
Франција ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија и е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат, вели амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер во интервју за МИА.
– Во рамки на својата Стратегија за Западен Балкан, за Франција, интеграцијата на регионот е приоритет. Затоа, Франција целосно го поддржува и ќе продолжи да го поддржува процесот што води до интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Во тој контекст, Франција е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат. Сепак, ние не сме индиферентни за чувствителноста на темата – вели францускиот амбасадор Ле Роголер на прашањето постои ли можност за „француски предлог плус“, за уставни измени со одложено дејство до завршувањето на преговорите, за што се залага македонската Влада
Според францускиот амбасадор, нема апсолутна гаранција за членство во ЕУ, поради сложениот процес на интеграцијата и поради носењето на одлуките со консензус.
– Неопходно е да бидеме реални и да разбереме дека не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки. Сепак, Франција е подготвена да работи и да ја искористи својата моќ на убедување, за да го осигура текот на процесот на интеграција, во корист на Европската Унија и на целиот Југоисточен регион на Европа – рече Ле Риголер.
Во очекување на новиот состав на ЕК и најавените реформи на ЕУ, тој вели дека нема механизам за одлучување без консензус.
– Европската унија и Европскиот совет секогаш биле многу креативни кога станува збор за наоѓање решение за надминување на ситуациите на блокада. Сепак, не постои формален механизам „27 минус 1“, и затоа тоа не може да биде институционализирано решение за моменталната блокада. Одлуките за проширување на Европската Унија се уредени со принципот на едногласност. Најдобрата гаранција за Северна Македонија е без сомнение да продолжи да работи посветено на своите реформи, со цел да ја зајакне својата кандидатура, чиј квалитет ќе биде препознаен од Европската комисија и државите членки – вели новиот француски амбасадор во Македонија.