Епидемиологот др Драган Даниловски, смета дека врвот на третиот бран може да го очекуваме за две недели, некаде кон средината на април.
Но, како што рече д-р Даниловски во вестите на Канал 5, за да стигнеме до пикот имало период на качување. Сега треба да очекуваме уште еден толкав период на симнување, значи уште пет-шест седмиици.
Смета дека полицискиот час од 22 часот дал резултати, затоа што без него кој знае колкав ќе беше бројот на заразени и починати.
„Се намалија социјалните контакти и се спречи ширењето на вирусот“, вели Даниловски.
Вели дека здравствените власти постојано информираат дека здравствениот систем не е под толкав притисок и дека има слободни кревети. Но, како што вели докторот, што е со медицинскиот персонал, и здравствено и емотивно тие се истоштени, а се истите кои постојано работат.
Даниловски смета дека нашиот народ живее нездраво и дека токму затоа Ковид-19 зема толку жртви.
„Тие се затвораат по кафеани, на домашни седенки, во обложувалници. Не се движат надвор, на свеж воздух. Повеќето се пушачи, нездраво се хранат и тоа се фактори придонесуваат болестите да имаат потешка слика“, вели д-р Даниловски за Канал 5.
Според бројот на нови заболени и хоспитализирани пациенти со ковид-19 можеше да се очекува и зголемената стапка на смртност, вели микробиологот д-р Никола Пановски во интервју за Сител и потенцира дека пикот се очекува за две недели со над 60 смртни случаи на ден.
„Според бројот на хоспитализирани можеше да се очекува бројот на починати, што според разни статистики е околу 20-30 отсто. И, не е тешко да се прерачуна ако имате 1 700 хоспитализирани, колку ќе си одат дома колку нема да си одат дома, и од таа бројка ќе испадне околу 500. Рачунајте во следните 10 дена, тоа ќе варира, меѓутоа тој е процентот. Не се намали процентот на смртност, не се пронајде некој нов лек. Бар кај нас лекувањето мислам дека е такво какво што беше есетнта и бројот на смртни случаи го прати бројот на ново откриените случаи и на хоспитализираните пациенти. За жал бројот на смртни случаи две недели доцни во однос на новооткриени и ако она вчера 1 500 беше некој пик или деновиве ќе го достигнеме, тогаш би требало да сметаме дека пикот на смртни случаи ќе биде две недели подоцна. Ако бројот во следните денови е 40 се за жал да оди и над 60“, вели Пановски.