Вратите ЗАТВОРЕНИ, на телефон не се јавува никој: Неуспешен обид за вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“

Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, бидејќи, како што изјави за МИА директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.

– Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор, изјави Хусеини.

Никој, како што дополни тој, не крева телефон, ниту сопственикот на „Беса транс“, ниту некој во канцелариите.

– Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи, најави Хусеини.

По автобуската несреќа што се случи во раните утрински часови на 23 ноември на автопатот „Струма“, кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул удри во заштитната ограда од патот и се запали, Владата на седница го задолжи ДИТ да изврши вонреден инспекциски надзор. Со надзорот, треба да биде опфатено се што е во рамки на надлежностите на Инспекторатот согласно со Законот за превоз во патен сообраќај.

– Конкретно, лиценца за извршување слободен меѓународен превоз на патници, број на возила и изводи од лиценци за тие возила и дали се сопственост на компанијата, пријавени возачи во работен однос во компанијата, потврди за техничко експлоатациски услови за секое возило, сертификати за професионланост за меѓународен превоз за патници, сертификат на управителот за професионална компетентост, евиденција за издадени патни налози за една година наназад. Нашиот надзор ќе ја опфати оваа документација, рече Хусеини.

Министерството за транспорт и врски завчера и ја одзеде лиценцата за работа на фирмата-превозник „Беса транс БТБ“, бидејќи за автобусот во кој загинаа 45 патници немало издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци. Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре. Според член 11 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, првозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешен и меѓународен патен сообраќај, откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторно возило.

По контролата што ја изврши Секторот за професонална одговорност на Царинската управа на ГП „Деве Баир“, од ова институција најавија мерки за двајца царински службеници и раководител бидејќи не го евидентирале излезот на автобусот од државава.

– Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18 ноември од царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници. По досега утврдените неправилности во постапувањето, двајцата царински службеници, кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат суспендирани од работното место, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран, најавија од Царинската управа.

Деновиве куќата на сопственикот на „Беса транс“ ја чуваат полицајци, информира екипата на БНТ.

Сопственикот имал закани за убиство, велат од полицијата, а пренесе БНТ.

Мевљан Исмани од село Рашче на новинарите од БНТ им раскажал дека возачот на автобусот е од блиското село Долно Свиларе. Според него, тој бил искусен возач кој долги години работел во јавен превоз. Исмани вели дека не знае како е можно да се работи за човечка грешка.

Атлетичарката Дрита Ислами раскажува за искуството со „Беса турс“: Прв и последен пат!

Најпрвин, сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите“, ја почнува атлетичарката Дрита Ислами својата приказна за искуството со патувањето со агенцијата „Беса турс“ кон Бугарија за порталот Алмакос.

-Чувствувам потреба да ги споделам ова лошо искуство, затоа што се работи се за истата агенција што уби 45 луѓе на истото место, во Бугарија, вели таа.

– Во 2019 година, кога требаше да одам на Софискиот аеродром, купив билет од оваа иста компанија. Нивното возило беше запрено од полицијата за технички преглед. Полицијата го запрела уште двапати истата недела но некако го пуштила, но овој пат НЕ. Заедно со петмина други патници, бевме сведоци дека тоа возило на компанијата не го помина тестот за кочење. Рачната кочница воопшто не работеше, раскажува нашата најдобра атлетичарка. 

– Тогаш, бевме принудени да го продолжиме патувањето со друго, приватно возило, чијшто возач всушност беше „резервен“, во случај првото возило да не го помине техничкиот преглед. Обичен автомобил за пет луѓе, а ние заедно со возачот бевме седуммина, неколкупати ги ризикувавме животите по патот. Нѐ запре бугарската полиција за пребрзо возење, а возачот ги поткупи полицајците со само десет евра, вели Ислами.

-Оваа компанија никогаш не се ни обидува да ги поправи техничките проблеми на нивните возила, таа нема никаква одговорност за животите на нивните патници, вели Ислами за порталот. 

-За мене ова беше прв и последен пат да патувам со оваа компанија, затоа што бев сведок дека таа има нула одговорност за животите на патниците!, додава таа. 

„СЕ ОГЛАСИ ОСМИОТ ПАТНИК“ – еве поради каква повреда тој се нашол на исто место и во исто време со седумте преживеани патници

Мистериозниот осми патник кој бил на списокот на преживеани од автобуската несреќа, односно впишан во списокот на примени патници во болницата Пирогов, бил ставен на тој список по грешка.

Шади Науфал Салех таа вечер бил примен во болницата поради скршеница на раката, а од болницата по грешка го вклучиле на списокот на примените од македонскиот автобус кој изгоре.

Салех вчера вечерта се јавил во редакцијата на Бугарската национална телевизија и објаснил дека тоа нема никаква врска со несреќата. Тој, како што објави медиумот, е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на Пирогов поради скршеница на раката.

Излегува дека во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени од автопатот Струма. Салех веќе е отпуштен од болница.

Вчера синот на Кадрим Мемеди, вториот возач изјави дека од списокот на преживеани во несреќата има лице што не е на списокот за патници на „Беса транс“, а тоа е Шади Науфал Салех.

СДСМ денеска одлучува за оставката на Заев

Доколку оставката биде прифатена, почнува постапка за избор на нов претседател на партијата. Според Статутот на партијата, предвиден е рок од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Изборите се непосредни, со тајно гласање за сите пријавени членови. Новиот претседател, како што најави самиот Заев, треба да биде и мандатар на новата влада. Во јавноста веќе кружат неофицијални имиња за иден премиер.

Дел од членството на СДСМ не ја поддржува оставката на Заев најавена по завршувањето на локалните избори, кога партијата изгуби повеќе градоначалнички места.

Вечер заседава и Централното претседателство на Алтернатива, кое треба да одлучи дали ќе ја прифати понудата на Заев, партијата да биде дел од Владата во наредниот период.

МАКЕДОНИЈА ПОД СНЕГ – Утрово вистинска зимска идила (ФОТО)

Очекувањата на метеоролозите се оствари утрово.

Имено снег има речиси на сите повисоки планини во земјава, а според видео камерите на „skimacedonia.mk“, јасно се гледа формирана снежна покривка и на најпознатите ски центри во нашата земја.

Утрово снег има во Маврово, Попова Шапка, како и во Пониква.

Од фотографиите и виде камерите може да се забележи дека најмногу снег паѓа на Попова Шапка  каде речиси се е бело.

Св. Јован Златоуст – Денеска земете книга во раце

Денеска е Св. Јован Златоуст.

Свети Јован Златоуст е еден од најголемите цариградски патријарси. Се роди во Антиохија, во 354 година. Во младоста ги изучи грчките философи, а се дообразува во познатата Антиохиска школа.

По смртта на родителите, се замонаши и почна строго да се подвизува. По својата мудрост се истакна уште во Антиохија, па подоцна, по барање на цар Аркадиј, беше поставен за патријарх во Цариград. Бог го надари со дар на јасно расудување и убаво зборување, по кои едвај да е надминат од некого во историјата на Црквата. Се успокои во 407 година, во Ерменија.

Се смета за еден од најучените светци, па се верува дека на овој ден вреди да се земе книга и да се прочита барем дел од неа. Сè уште се верува дека на овој ден жените не треба да земаат волна, конец или игли.

Вучиќ обезбедил непокачување на цената за гасот од Русија, Србија заштедила 300 милиони евра

Ниската цена на гасот од друга страна со себе носи и „аранжман“ кој ѝ е важен на Москва во ситуација кога се соочува со санкции од ЕУ и САД, а тоа е дека Србија ќе продолжи да купува руски делови за вооружување

Србија во наредните шест месеци ќе продолжи да го плаќа гасот по цена од 270 долари за 1 000 метри кубни и покрај скокот на цената на овој енергенс на берзата.

Ваквиот договор е постигнат на денешната средба во Сочи помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин. Тие разговарале 90 минути, а по состанокот Вучиќ наведе дека успеале да заштедат пари како за изградба на еден национален стадион.

„Успеавме во наредните шест месеци да добиваме гас по цена од 270 долари што значи дека цената останува иста. Добивме и зголемени количини на гас во тие шест месеци. Успеавме да заштедиме повеќе од 300 милиони евра благодарение на пријателството на Путин, заштедивме како за национален стадион“,

изјави Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.

Ниската цена на гасот од друга страна, како што пренесува Н1 ТВ, со себе носи и „аранжман“ кој ѝ е важен на Москва во ситуација кога се соочува со санкции од ЕУ и САД, а тоа е дека Србија ќе продолжи да купува руски делови за вооружување. Станува збор, како што изјавил Вучиќ, не за купување на тактички делови за вооружување, а не на стратешки.

Да се забрани автобуски превоз на деца преку ноќ? Јовески: Има аргументи за, има и против

Во добар дел од земјите во ЕУ е забранет автобуски превоз на деца преку ноќ, односно од 22 часот па се до раните утрински часови.

Дали оваа сообраќајна незгода ќе придонесе и за менување на некои закони и прописи и кај нас и во соседството, за да се спречат вакви трагедии? Ова го прашавме јавниот обвинител Љубомир Јовески кој вечерва гостуваше во студиото на ТВ21 во ClickPlus.

„Секако дека од оваа трагедија мораме да извлечеме поуки и да донесеме некои нови закони. Но, ние не ги носиме законите, туку ги спроведуваме. Секако дека ако има иницијатива, може да се разгледа и тоа да нема автобуски превоз на деца преку ноќ. Има многу аргументи за, но има и против. Што би значело превоз на деца? Дали во тој случај нема да смеат да се превезуваат и нивните родители? Значи мора тоа детално да се разгледа“, објасни Јовески.

СЗО на итна средба по појавата на новиот сој на коронавирусот во Африка

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ќе свика итен состанок за новата верзија на СОВИД-19, регистрирана за прв пат во Јужна Африка.

Стравувањата на научниците се дека има голем број мутации и се многу поразлични од она што го сретнале досега.

Според експертите во Јужна Африка, токму новата варијација е одговорна за зголемувањето на бројот на заразени во земјата.

Вирусот веќе е откриен во Боцвана и Хонг Конг.

Се очекува СЗО новиот мутиран вирус да го именува со буква од грчката азбука.

Со парични награди, но и рестрикции Владата сака да ги мотивира административците да се вакцинираат

Владата на Република Македонија на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледала предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на КОВИД-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Македонија.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучила да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително, информираат од Владата.

Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19.