Боцевски му покажа на Ковачевски што да стори со ,,Францускиот предлог” (ВИДЕО)

Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски, кој сега е автор на емисија на Радио Лидер го искина францускиот предлог во емисијата “Заспиј ако можеш” на ТВ Алфа.

Боцевски истакна дека овој документ е срамен, не е на Франција туку на Петков и Ковачевски и дека целосно ги спроведува бугарските политики.

Денес се празнува: Свети Кирил, архиепископ Александриски

По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот беше посветен за патријарх. За време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник.

Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст. По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес.

Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот. Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господа во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се!“.

Францускиот државен секретар потврди – застанале целосно зад барањата на Бугарија

Државниот секретар за европски прашања на Франција, Клеман Бон, одговори на некои од дилемите околу францускиот предлог за преговарачката рамка, но не навлезе во детали за да не ги загрози преговорите, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на МИА за време на денешната прес конференција по Советот за општи работи дека францускиот предлог внесе билатерални македонско-бугарски прашања во преговарачката рамка, Клеман Бон се огради од ставот дека францускиот предлог е спротивен на македонските интереси, но истакна дека треба да се земат предвид бугарските преокупации на внимателен начин.

-Држевме до принципот, во контакт со Европската Комисија и нашите европски партнери, дека преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори. Мора да се констатира дека има билатерална блокада со месеци. Внимателно и со баланс, но отфрлам дека ова би било против интересите на Македонија, напротив, во контакт и со Скопје, преку информациите од билатералните дискусии меѓу Скопје и Софија, но и преку директни контакти што ги имавме, што Европската Комисија ги имаше со двете страни, велам дека има некои теми кои немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Македонија, во преговарачката рамка, на внимателен и ограничен начин, изјави Бон.

Тој повеќепати истакна дека не сака да дава детали затоа што преговорите сѐ уште траат и не сака да ги загрози.

-Многу земји членки потсетија на секој чекор, и оправдано, дека преговарачката рамка не е местото каде се третираат сите билатерални прашања. Има преокупации кои можат да имаат трансверзален карактер и кои ги интегрираме во преговарачката рамка на таргетиран начин. Тоа е калибирирањето што се обидуваме да го најдеме, тоа е срцето на темата, тоа таргетирање, во дух на баланс и правичност, додаде францускиот државен секретар за Европа.

Бон истакна дека правилото во преговорите со ЕУ е дека секоја етапа се отвора со едногласност на сите држави членки.

-Да потсетам, внимателно, дека генералното правило за секоја земја кандидат и земја членка, е дека секоја етапа се отвора едногласно, прашањето е како се формулира тоа, ова има конкретен но и симболичен карактер, не сакам да навлегувам во детали бидејќи постои ризик за преговорите, додаде Бон.

Францускиот државен секретар и претседавач со денешниот состанок истакна дека ги поздравува напорите на Скопје и Софија во последниот период да изнајдат решение.

Штипјанец во возилото „НАПИКАЛ“ 13 мигранти, па бегал од полиција

Доцна синоќа, околу час и половина по полниќ на патот Неготино – Градско, полициски службеници од СВР Велес и Полициската станица за граничен надзор Михајлово дале знак за запирање на патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, но возилото не застанало.

По преземени мерки и пребарување на теренот возилото било пронајдено и во него биле затекнати 13 лица – илегални мигранти (12 од Пакистан и едно од Сирија). Мигранти биле спроведени во Tранзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. 

Се работи на расчистување на случајот

Бугарската црква ја призна МПЦ како „Северномакедонска црква“!

За разлика од Српската Православна Црква која како црква мајка го додели името Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, бугарската црква не признава под називот Православна Црква од Северна Македонија, oбјави верскиот портал Религија МК.

Оваа одлука ја донел Синодот на БПЦ, откако ги разгледал писмата од Вселенската патријаршија за кревање на шизмата од МПЦ-ОА и од Српскиот патријарх Порфириј. Сепак, БПЦ смета дека за официјалното име на МПЦ-ОА, дополнително треба да разговара Синодот.

-Денеска на свoето заседание, во полн состав, Светиот Синод ги разгледа писмата на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Српскиот патријарх Порфириј во врска со каноничниот статус на Православната црква на Северна Македонија и по спроведеното гласање одлучи: Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија со благодарност кон Бога и духовна радост ги прифаќа решенијата за подигање на шизмата и влегува во канонско и евхаристичко општење со Православната црква на Северна Македонија. Прашањето за името на Православната црква на Северна Македонија треба да иде дополнително разгледано, стои во соопштението на БПЦ.

Со ова практично Бугарската црква е четвртата црква во Православниот свет, која донесе одлука за сослужување со МПЦ-ОА, по Вселенската Патријаршија, Српската црква и Грчката (која ја поздрави одлуката). Кога ќе се случи првото официјално сослужување меѓи МПЦ-ОА и БПЦ, засега нема најава објави порталот Религија МК.

Бугарски извори: Договорено е компромисно име за Самоиловата тврдина во Охрид

Бугарската агенција БГНЕС која често ги отсликува ставовите на официјална Софија во спорот со Македонија, објави дека во документот предложен од францускиот претседател Макрон се предвидува историските личности за кои Заедничката историска комисија веќе постигнала компромис да бидат објавени и прифатени за општи прослави со приложен календар за 2022 и 2023 година.

„Комисијата за последните четири години од својата работа констатирала договор за св. Свети Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум и за Цар Самуил. Од нив, во записникот експлицитно е споменат само цар Самоил, а предвидено е да се заменат натписите на неговите споменици во Република Северна Македонија и конкретно на тврдината во Охрид, согласно формулата договорена од Мешовитата историска комисија. Предвидена е и непосредна измена на часот посветен на Цар Самуил во наставната програма за VII одделение на македонските училишта, согласно постигнатата компромисна формула“, објави попладнево новинската агенција.

Агенцијата наведува дека во текстот на протоколот не се вклучени историските теми „Гоце Делчев“, „Илинденско востание“ и „ВМРО“ експлицитно спомнати во Рамковниот став, кои се спорни теми меѓу двете национални историографии. „Нивното отсуство, како и воопшто на поновата историја, како и некој механизам за постигнување резултати за тоа во историската комисија, е сериозен проблем на целиот документ“, вели БГНЕС.

Како што се посочува главното прашање меѓу првата и втората меѓувладина конференција е прифаќањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. „Дополнително, се потврдува и заложбата на Скопје за немешање во внатрешните работи на Бугарија, што практично значи откажување од претензиите за македонско малцинство во нашата земја“, тврди новинската агенција повикувајќи се на текстот на документот кој го имаат кај себе.

Притоа се оценува и дека „македонските историчари од Заедничката историска комисија категорично одбиваат да признаат дека Бугарите живееле во Македонија во минатото, па дури и го оспоруваат правото на сите национални преродбеници и револуционери да се самоидентификуваат како Бугари“.

Документот предвидува најмалку 8-10 состаноци годишно на Историската комисија, меѓутоа како што анализира БГНЕС протоколот не предвидува механизам за постигнување конкретни резултати, ниту пак „санкција“ во отсуство на резултати.

ЌЕ СЕ КАЗНУВА ПУКАЊЕ НА СВАДБИ во Тетово

Полицијата во полошкиот регион во наредниов период значително ќе ги засили контролните активности за откривање и санкционирање пукање од огнено оружје, правење на огномети и користење на пиротехнички средства. Деновиве се одржуваат состаноци на советодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници во Полог за да се намалат и спречат ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.

Од СВР Тетово појаснуваат дека во наредниве два месеца, (јули и август), на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености.

– Ваквите свечености минатите години, повеќе или помалку, се карактеризираа со повремени нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, вели портпаролот Марјан Јосифоски.

Тој упати апел до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје.

Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок, но и да биде кривично дело.

– Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31 се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик), вели полицискиот портпарол.

За да се избегнат непријатностите и казнувањата, од СВР Тетово потсетуваат дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните организатори навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки. Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи.

Од полицијата потсетуваат дека нивни службеници ќе бидат зачестено на терен и ќе вршат контроли на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.

КОВАЧКИ: На Владо Бучковски му застаре предметот за криминалот за тенковските делови, па сега ни продава памет како да се самоукинеме

Пратеникот Драган Ковачки реагира на изјавите на Владо Бучковски во врска со франуцскиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

– На поранешниот премиер, министер за одбрана и претседател на СДСМ му застаре предметот за тенковските делови и сега ќе ни продава памет како да се самоукинеме, објави Ковачки на својот профил на Твитер.

Претходно поранешниот специјален претставник на македонската Влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски во колумна за Нова ТВ ја разработува идејата про или контра францускиот предлог. Според него, предлогот на француското претседателство со ЕУ е добра основа за надминување на спорот, но да се надгради и да се допрецизира.

– Според мене, францускиот предлог е добра основа за излез од блокадата наметната од Бугарија. Да треба да се надгради и да се допрецизира… Но, што е она што мора да го одбележиме како позитивно, несомнено тоа е решението за македонскиот јазик со кое дефинитивно веќе не се доведува во прашање употребата на македонскиот јазик во ЕУ. Во поглед на кревањето на ветото, има компромисна формула. Првата Меѓувладина конференција веднаш на 23 јуни, почетокот на преговорите по промената на Преамбулата на Уставот и вметнувањето на нашите сограѓани со бугарска самосвест во неа, изјави Бучковски.

Левица бара ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА!

Две години Левица предупредува за штетноста од преговорите со Бугарија и бара нивен прекин. Владата на СДСМ и ДУИ, која не зависи од електоратот, туку од служењето на надворешни интереси и од создавање на привид за европска извесност, која е очевидно неизвесна, е спремна да изврши уште едно национално предавство – реагираат од политичката партија Левица.

Според Левица Министерството за надворешни работи, министерот Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски одбиваат да заземат став и продолжуваат со рушење на македонската држава!

Од новиот предлог на Европската унија, јасно е дека се наметнати нови (не)европски барања, кои го загрозуваат правото на самоопределување на македонскиот народ и ја деградираат македонската државност. Европските бирократи ги инкорпорираа речиси сите негаторски барања на бугарската влада и повторно застанаа во одбрана на шовинизмот на соседните држави. Од Македонија се бара уште една нова присилна промена на Уставот, со што еклатантно се врши мешање во внатрешните работи на Републиката и се загрозува сувереноста на македонската држава! ЕУ, иако хиерархиски е далеку пониска од ООН, преку Бугарија го спори постоењето на македонскиот јазик, кој е признаен, и бара договор помеѓу Македонија и Бугарија за “дообјаснување” на македонскиот јазик за целите на ЕУ. Преседан е во целото постоење на Европската унија билатерален спор да влегува во преговарачка рамка. Иако Албанија и Грција имаат билатерален спор кој трае со децении, никогаш овие држави не биле уценети со перфидни методи, како што тоа му се прави на македонскиот народ, смета Левица.

„Понатака, ЕУ констатираше говор на омраза, без да потенцира дека се работи за Република Бугарија но, не констатираше проблем (провокација) во отварањето на Културен центар именуван по фашист, со што дополнително ја одобри оваа национал-шовинистичка нарација. Во предлог – заклучокот ЕУ констатира дека дека Македонија треба да ги напредне правата на етничките заедници, додека бугарскиот Устав не признава никакви етнички заедници. Доколку се земе во превид методологијата за пристапување, предложена од Франција, со која се овозможува и веќе затворените поглавја одново да се отворат, Бугарија во целиот процес ќе има неограничена можност да го искористи правото на вето“, реагираат од Левица во соопштението испратено до медиумите.

Тие повторно повикаа на итен прекин на преговорите со Бугарија и апелираат до останатите парламентарни партии да излезат со ваков став – во спротивно, ќе бидат директни учесници во уште едно национално предавство.

Доколку Европската Унија не може да го прифати македонскиот народ, јазик, држава и култура – такви какви што се, тогаш дојдено е времето за нова надворешно-политичка алтернатива, децидни се од Левица.

Почнува летото, денешниот ден е најдолгиот во годината

На северната хемисфера на Земјата денеска календарски започна летото, а во исто време на јужната полутопка на Земјата настапи зимата. Денот кога почнува летото е најдолгиот во годината, а ноќта е најкратка.

Денеска е вторник, 21 јуни 2022 година, 172-иот ден во годината. До крајот на годината остануваат уште 193 дена.

Сонцето во Скопје изгреа во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денов трае 15 часа и 14 минути.

Летото ќе заврши на 22 септември кога календарски започнува есента.