Според ДКСК игнорирањето на судири на интереси на членовите на Судски совет, кои вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата, создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките каде што членовите на Советот имаат блиски лица, а со тоа на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт.
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе поднесе иницијатива до Судскиот совет и до Здружението на судии за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет поради „судир на интереси“ и поради „пристрасност при вршењето на функцијата“. Причина е што тој бил иницијатор да се поведе постапка за утврдување на одговорност на судии во Врховниот суд, кои постапувале во предмет во кој адвокат била неговата сестра.
По предметот реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска, која рече дека имаат претставка против член на Судскиот совет од познат подносител, во која се наведува дека пријавениот се наоѓа во состојба на судир на интереси и при вршењето на функцијата покажува пристрасност и се раководи од приватен интерес.
– Во претставката се наведува дека член на Судскиот совет поднел барање до Судскиот совет да се поведе постапка за утврдување на одговорност на судии на Врховен суд, кои биле и членови на Судечкиот совет кој одлучувал по вонреден правен лек, ревизија на предмет. Тужениот во овој предмет го застапувало адвокатско друштво во кое сестрата на члнот на Судскиот совет обавува адвокатска дејност – рече Ристовска.
Таа додаде дека членот на Судскиот совет во барањето за постапка за утврдување на одговорност на судии на Врховниот суд, навел дека тие постапиле нестручно и несовесно при вршењето на својата судиска функција.
– Службените лица, меѓу кои се и судиите и членовите на Судскиот совет, се обврзани во вршењето на функцијата да постапуваат совесно, стручно и одговорно, да ги почитуваат етичките норми, како и да внимаваат на евентуален судир на интереси. Тие се должни да го пријават постоењето на приватен интерес и да се изземе пред расправа и одлучување. Со оглед дека блиско лице, сестра на член на Судски совет била полномошник на странката која ја изгубила постапката пред Врховниот суд, не само што членот на Судскиот совет не смеел да постапува, туку не смеел ниту да се јави во улога на иницијатор за постапка за одговорност на врховните судии – нагласи Ристовска.
ДКСК констатира дека, пошироко гледано, игнорирањето на судири на интереси на членовите на Судски совет, кои всушност вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата, создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките каде што членовите на Судскиот совет имаат блиски лица. Со тоа на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт, која треба да ја гарантира токму Судскиот совет.
Според ДКСК, членот на Судскиот совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, за што Комисијата ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог.
Тој постапил спротивно и на член 33, став 4 од Законот за Судски совет, кој е основ за поведување на дисциплинска одговорност, па ДКСК до Судскиот совет и до Здружението на судии ќе поднесе иницијатива за поведување на постапка за дисциплинска одговорност.
Судскиот совет и Здружението на судии се должни по поднесената иницијатива за дисциплинска постапка на член на Советот да донесат одлука најдоцна во рок од 60 дена.