Германија едури 15-та меѓу развиените земји по атрактивност за странски работници и претприемачи, покажува истражувањето, додавајќи дека подобро се рангираат земјите како Нов Зеланд или Шведска, објави Дојче веле (DW).
Според резултатите од таа студија, Германија ја губи популарноста во конкуренција за квалификувани работници и основачи на компании, а според проценката на фондацијата Бертелсман, од 2019 година паднала од 12 на 15 место меѓу 38-те земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Студијата ги проценила деловните можности на имигрантите, приходите и даноците, можностите за членовите на семејството или добивање виза, а според тој индекс, Нов Зеланд, Шведска, Швајцарија, Австралија и Норвешка се најатрактивни за висококвалификуваните професионалци.
Од 2019 година и последната евалуација на податоците, условите во Германија не се влошени, но има подобрување во другите земји, така што тие ја надминаа Германија во рангирањето.
За претприемачите, според овие податоци, на врвот на листата се Шведска, Швајцарија, Канада, Норвешка и Нов Зеланд. Во тој сегмент Германија падна од 6-то на 13-то место.
Како главен проблем се наведува бавната дигитализација. Германија, за разлика од другите земји, исто така, бара поседување на минимален капитал. Дополнително, во неа е помалку изразено прифаќањето на мигранти.
Во 2023 година за првпат беа испитани рамковните услови за основачите на компании (старт-ап) во рамките на индексот на ОЕЦД. Во тој сегмент најатрактивни се Канада, САД, Франција, Велика Британија и Ирска.
Германија го зазеде 12-тото место во таа категорија. Авторите на студијата како причини за ваквата проценка гледаат помалку можности за напредување во кариерата, премалку иноватори и недостаток на соодветни визи.
„На Германија и требаат квалификувани работници, вклучително и оние од странство, за да се осигура дека сегашниот просперитет ќе се одржи“, рече Ралф Хек, извршен директор на фондацијата Бертелсман, за резултатите од студијата.
Според него, меѓународната споредба јасно покажува што треба да направи Германија за да биде уште подобра миграцијата на квалификувани работници, што е толку важна за Германија.
Сепак, Германија котира многу добро во областа на високото образование. Според резултатите од студијата, по атрактивност за студенти од целиот свет, Германија е на второ место, зад САД.
Бродот „Либра“ на италијанската морнарица отпловил од Лампедуза и плови кон Албанија за да ја донесе првата група имигранти во прифатниот центар во пристанишниот град Шенѓин, по што ќе бидат сместени во кампот во Ѓадр.
Според протоколот потпишан од премиерката Џорџа Мелони со нејзиниот албански колега Еди Рама, барателот на азил во рок од четири недели ќе добие одговор: доколку одговорот е позитивен, ќе биде префрлен во прифатниот центар во Италија. Во спротивно тие ќе бидат вратени во земјата на потекло.
Комисијата формирана од Префектурата на Рим ќе ги испита барањата, интервјуата ќе се одвиваат преку видео врска помеѓу Италија и Албанија.
Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси минатата недела рече дека центрите „се слични на оние во Италија“ со режим на „лесен притвор“.
Под слоганот „Домувањето е право, а не бизнис“, илјадници луѓе се собраа во неделата на улиците на Мадрид за да го изразат своето незадоволство од високите цени за изнајмување на становите, јавуваат агенциите.
Ситуацијата доведе до тоа шпанските граѓани да изразат бес поради тоа што не можат да живеат во своите градови. Бланка Прието, 33-годишна медицинска сестра, истакна дека тие се принудени да ги напуштат градовите и ја повика владата да ги регулира цените и пазарот на недвижности.
Плановите на шпанската влада
Во јули оваа година, шпанската влада ги објави плановите за сузбивање на краткорочните и сезонските изнајмувања и истрагата за огласите на платформите како Airbnb и Booking.com за да потврди дека ги имаат потребните лиценци.
Незадоволството ќе се прошири
Шпанските власти се соочуваат со предизвикот како да ја координираат промоцијата на туризмот, клучен двигател на домашната економија, со решавање на проблемот со високите кирии кои се последица на пренасочувањето на сопствениците на имотот кон попрофитабилно туристичко сместување.
Протести во Барселона
Во Барселона имаше посебен протест против одржувањето на едриличарската трка на Купот на Америка, каде што демонстрантите го обвинија меѓународниот спортски настан за зголемување на цените за изнајмување и носење уште повеќе туристи во и онака пренаселениот град.
Незадоволство на жителите на Канарските острови и Малага
На почетокот на оваа година, жителите на Канарските Острови и Малага исто така организираа протести, изразувајќи незадоволство од зголемената преориентација на сопствениците на имотот кон туристичко сместување. Ова доведе до потешкотии за сезонските работници во туристичката индустрија да најдат соодветно домување, принудувајќи ги да спијат во камп приколки или дури и автомобили.
Најновото руско оружје – невидливиот борбен дрон С-70 Охотник соборен над Украина
Минатиот викенд над украинскиот град Костјантивка беше соборено најновото руско оружје – невидливиот борбен дрон С-70, познат како Охотник (Ловец), објави Би-Би-Си. Околностите околу неговото паѓање сè уште се нејасни. Не е познато дали дронот бил погоден од „пријателски оган“ на рускиот борбен авион Су-57, кој летал во близина, или пак бил соборен од украинските сили.
Се претпоставува дека рускиот авион се обидувал да воспостави контакт со дронот кој изгубил контрола, но бидејќи двата летала се наоѓале во зона на украинска противвоздушна одбрана, можно е да била донесена одлука да се уништи Охотник за да не падне во раце на непријателот. Ниту Москва ниту Киев официјално не го коментираа настанот над Костјантивка.
„На светот нема ништо слично“
Охотник не е обичен дрон, туку тешка беспилотна летачка единица со големина на борбен авион, но без пилотска кабина. Многу е тешко да се открие, а неговите творци тврдат дека нема слично оружје на светско ниво. Тежи повеќе од 20 тони и наводно има домет од 6.000 километри.
Охотник е обликован како стрела и е многу сличен на американскиот дрон X-47B, уште еден „стелт“ борбен дрон создаден пред десет години. Охотник е дизајниран да носи бомби и ракети за напади на копнени и воздушни цели, како и да извршува извиднички мисии. Покрај тоа, тој е конструиран да функционира заедно со руските борбени авиони од петтата генерација Су-57. Развојот на овој дрон започна во 2012 година, а првиот лет го имаше во 2019 година.
Сепак, до минатиот викенд немаше докази дека Охотник бил користен во руско-украинската војна, која трае веќе две и пол години. Наводно, оваа година дронот бил забележан на аеродромот Ахтубинск, на југот од Русија, една од базите од каде се изведуваат напади врз Украина. Можно е неуспешниот лет над Костјантивка да бил еден од првите обиди на Москва да го тестира своето ново оружје во борбени услови.
На местото каде што дронот паднал, наводно се пронајдени остатоци од една од злогласните руски долгорочни бомби Д-30, кои користат сателитска навигација.
Голем удар за Русија
Што правеше дронот летајќи заедно со борбениот авион Су-57? Ако дошло до грешка која предизвикала пад на дронот, тоа претставува сериозен удар за руската армија, особено имајќи предвид дека оваа година требаше да започне масовното производство на Охотник. Оваа ситуација сугерира дека техничките проблеми или недостатокот на координација меѓу дронот и борбениот авион би можеле да го одложат планираниот развој на ова напредно оружје.
С-70 Охотник е клучен дел од идните руски воени планови, со очекување да функционира како поддршка на борбените авиони од петтата генерација Су-57, обезбедувајќи дополнителна огнена моќ и способност за изведување стратешки напади на поголеми растојанија. Неуспешниот лет и падот на дронот во борбени услови не само што ја загрозуваат неговата технолошка репутација, туку и го поткопуваат рускиот воен престиж и потенцијалната надмоќ на бојното поле.
Се верува дека се изградени четири прототипи на С-70 Охотник, а можно е дронот соборен над Украина да бил најнапредниот од сите. Иако е уништен, украинските сили можеби ќе успеат да соберат вредни информации за Охотник.
„Можеме да дознаеме дали има сопствени радари за откривање цели или пак муницијата е претходно програмирана со координати за погодок“, објаснува авијацискиот експерт Анатолиј Храпчински. Според неговата анализа на сликите од местото на падот, јасно е дека способностите за „стелт“ прикривање на овој дрон се прилично ограничени. „Бидејќи млазницата на моторот е округла, радарите можат лесно да ја детектираат. Истото важи и за бројните нитни на леталото, кои веројатно се направени од алуминиум“, додава тој.
Несомнено е дека украинските инженери внимателно ќе ги анализираат остатоците и своите откритија ќе ги споделат со западните партнери.
Овој инцидент, сепак, покажува дека Русите не мируваат и дека повеќе не се потпираат само на конвенционално оружје. Тие работат на нови и поинтелигентни начини за водење војна. Она што денес не успеа, можеби следниот пат ќе биде успешно, пишува Би-Би-Си.