На денешен ден, на 5 април 1901 година во селото Добриништe, Банско, во Пиринскиот дел на Македонија е роден Македонецот Иван Козарев – Балкан, првиот партизан на Балканскиот полуостров.
ОМО Илинден Пирин во своја статија, објавена на фејсбук, пишува: Во југословенската историја македонските деца учеа дека првата пушка против фашизмот на Балканот пукнала во Србија. Тоа воопшто не е точно. Прв партизан на Балканскиот полуостров е Македонецот Иван Козарев. На 27 јуни 1941 година, само пет дена по германскиот напад на СССР, Добриниште, при обид да го уапсат бугарските фашисти кај Добриниште Иван Козарев убива двајца од нив. Со тоа станува прв борец против фашизмот на Балканот и го означува почетокот на партизанското движење на Балканскиот полуостров. Српското востание против фашизмот почнува 10 дена подоцна, на 7 јули 1941 во Бела Црква, кога Жикица Јовановиќ – Шпанац убива двајца жандарми.
Козарев бил прекален македонски револуционер. Во 1925 год. станува член на ВМРО (Обединета), која се борела за обединета и независна Македонија. Во тој период Пиринска Македонија веќе е окупирана од Бугарија и заради неговите активности Козарев постојано е следен и прогонуван. Повеќе пати е затваран од бугарските власти.Козарев го прогонувале и следбениците на бугарскиот џелат Ванчо Михајлов, затоа морал постојано да се сели и живеел во повеќе градови.
Во 1935 година како резултат на предавство, повторно го затвораат и останува во затвор 3 години, се до 1938 год. Во затворот се запознава со Никола Парапунов, исто така Македонец од Пиринска Македонија, и од тогаш почнува нивната заедничка борба. По излегувањето од затвор Козарев и Парапунов во Пиринска Македонија учествуваат во создавање мрежа на македонско национално-ослободително движење.
По излегувањето од затвор во 1939 година Козарев учествувал на Конференцијата, на која било решено да се создадат канали за поврзување на македонското националноослободително движење на поделена Македонија. Бил борец на првите партизански чети во Пиринскиот крај, а потоа командир на чета на Разлошкиот ПО „Никола Парапунов“. Од 7 февруари 1941 год. Козарев заминува во илегала, а Парапунов во наредниот период ќе стане водач на пиринските партизани. Козарев станува трн во окото на бугарската фашистичка полиција.
На 26 јули 1941 година Иван Козарев и Никола Парапунов во околината на Разлог ја формираат првата партизанска чета во Пиринска Македонија. Козарев го добива партизанското име Балкан. Бил прочуен како добар стрелец и станал познат по својата ладнокрвност и храброст. Неговото име станало симбол на македонскиот отпор против фашизмот во Пиринска Македонија.
По загинувањето на Никола Парапунов во 1943 година, Иван Козарев станува командант на една од четите на одредот кој ќе го носи името на загинатиот Парапунов. Козарев 3 години предводел напади и диверзантски акции против бугарската фашистичка војска и полиција и никогаш не успеале да го фатат.
Ноќта на 31 март спрема 1 април во 1944 година, во близина на родното Добриниште Козарев загинува во неразјаснети околности. Неговиот соборец Александар Пицин не го препознава во мракот кога Козарев се движел кон местото каде што биле собрани партизаните и пука во него, мислејќи дека е непријателски војник. Македонската историја неправедно го има заборавено и запоставено првиот борец против фашизмот на Балканот.
Иван Козарев – Балкан, вечен симбол на македонскиот отпор против фашизмот! Вечна му слава на големиот македонски син! – вели во завршниот дел од својата статија ОМО Илинден Пирин.
Подготвил: Свето Тоевски