Македонија
Ниеден функционер не сака да си ја намали зголемената плата од 78%
За да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка – или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува, велат од Владата
Пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми уште долго време ќе ја земаат платата што од 21 март со одлука на Уставниот суд им е зголемена и до 78 отсто, кога судот ја укина фиксната основица во Законот за плати на функционерите, па остана да им се пресметува според бруто-просечната плата помножена со коефициент, плус додатоците.
И покрај жестоките реакции на граѓаните, синдикатите, како и на дел од функционерите, и покрај ветувањето на Владата дека во најскоро време ќе се најде начин да се намалат безобразно зголемените плати, до тоа сè уште не дојде. Околу 2.000 функционери од најразличен вид следната седмица ќе почнат да ја земаат втората покачена плата, која за највисоките функционери – премиерот, спикерот и претседателот на државата скокна од околу 90 илјади на близу 160 илјади денари.
Владата во место, платата чекори напред
Од Владата велат дека за да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка, и тоа, или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува. Но, ниту пратениците од власта, ниту пратениците од опозицијата предлагаат измени на постојниот закон во Собранието. А за новиот закон за систем на плати во тек се преговори со синдикатите, кои, пак, не се согласуваат со актуелните предлози на власта.
– Коефициентите на функционерите за утврдување на платата се определени со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Владата работи на изработка на нов закон за систем на плати во јавен сектор во којшто ќе се предвиди структуриран и конзистентен пристап во пресметка и исплатата на плати на сите вработени во јавниот сектор и на избраните и именуваните функционери во државата. Во оваа смисла, за да се изврши промена во бодовите односно коефициентите за пресметка на платите на функционерите, потребно е или да се направат самостојни измени на постојниот Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица или до нив да дојде како резултат на усогласување со новиот закон за систем на плати во јавниот сектор – велат од Владата за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека во моментов Владата и репрезентативниот синдикат преговараат за Општиот колективен договор за вработените за јавниот сектор.
– Тоа исто така ќе придонесе во изнаоѓањето на решение за уредување на сите плати во јавниот сектор, па така и на избраните и именуваните лица. Симулациите по предлозите за новите начини за пресметка на плати ќе бидат презентирани на следната седница на Економско-социјалниот совет – велат од Владата.
Синдикатите уште чекаат
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски, пак, вели дека сè уште не е закажана седница на Економско-социјалниот совет и немаат најава кога ќе се одржи. На таа седница треба да се презентира симулацијата за пресметка на платите што ја изготвува Министерството за финансии според предлозите на синдикатот и на власта, па синдикатите ќе анализираат кои предлози се во корист на работниците, што значи дека разговорите за платите во јавниот сектор, односно за Општиот колективен договор може да траат уште неколку месеци. За тоа време функционерите, на кои никој не им го знае точниот број, ќе ја земаат зголемената плата, за која исто така, никој не знае по колку пари месечно се одлеваат од државниот и локалните буџети што ги полнат граѓаните.
– Не очекувам дека брзо ќе се дојде до заеднички јазик и решение. Уште пред 21 ден ни е најавена симулацијата за пресметка на платите, но уште не ни е презентирана. Додека траат преговорите, платата на функционерите може да се смени и со измена на постојниот закон за функционерските плати, но гледаме дека нема политичка волја за тоа во Собранието – власта, секако, не превзема чекори, но и опозицијата не предлага измени на постојниот закон со образложение дека и онака сите предлози власта им ги одбива – вели Деановски за „Слободен печат“.
Тој додава дека и тие во синдикатите не знаат колкав е точниот број на сите избрани и именувани функционери, но со груби пресметки се доаѓа и до 2.000 лица ако се соберат околу 500 судии, 200 обвинители, 80 градоначалници, 30 министри и заменици министри, стотици функционери и советници во Владата, 120 пратеници, директори на стотици државни агенции, фондови, директорати, јавни претпријатија итн.
– Прашање е дали и кога ние ќе се усогласиме. Ако го чекаат новиот закон за плати во јавниот сектор, неизвесно е кога ќе се изгласа. Исто така, и да се потпише Општиот колективен договор, ќе потрае извесно време додека сè се усогласи за ние работниците да добиеме зголемена плата. Власта веќе нешто усно и преку медиумите ни најави, но ако е тоа таа симулација што планираат да ни ја презентираат и нам, ние ќе ја одбиеме. Инаку, мој личен став е дека позициите на власта и на синдикатите се многу неусогласени и за да се најде некое решение Економско социјалниот совет треба да заседава поредовно, ако треба и секој ден, а со седници еднаш месечно овој проблем може долго да се одолговлекува – вели Деановски.
Неодамна министерката за труд и социјала Јована Тренчевска најави дека функционерските плати ќе одат надолу, а тоа ќе го покаже симулацијата за тоа како ќе изгледаат новите плати во јавниот сектор.
– Се разработува методологија што треба да донесе системско решение за платите, вклучувајќи ги и функционерите. Очекувам деновиве да ги добиеме симулациите и ќе преговараме – најави Тренчевска.
Владата на својот сајт уште ги прикажува старите плати
На сајтот на Владата, во делот Отворена Влада и отчетност, сè уште се прикажани старите плати на функционерите, оние што ги примиле во декември 2021 година, кога на сметката на премиерот легнале 88.260 денари месечно примање. На прашањето на „Слободен печат“ зошто не се прикажани новите плати на владиниот кабинет од Владата одговорија:
– Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана. Ви укажеме и дека платата за функционерите, како и за вработените во Владата ја изготвува Службата за општи и заеднички работи.
You may like
-
Работник во Унгарија по грешка добил плата од 92.000 евра
-
„Да се зголемат платите на лекарите затоа што ќе останеме без нив“
-
Кој нема кеш, тешко нему: Не функционираат картичките од сите банки во цела Македонија!
-
Збогум сиромаштијо – Просечната нето плата во државата рекордни 36 465 денари!
-
ПРИВЕДЕНИ СЕ БИЗНИСМЕНИ, ИНСПЕКТОРИ меѓу кои и ФУНКЦИОНЕРИ од огнената група
-
Владата потврди: Од септември за 10 % повисоки плати за административците
Македонија
Македонските кардиохирурзи Колев и Џелили се обучуваат за операции во Франција
Кардиохирурзите од ЈЗУ Клиника за кардиохирургија – Скопје, д-р Александар Колев и д-р Кујтим Џелили, престојуваат на Универзитетската болница во Бордо, Франција, каде што посетуваат специјализирана работилница посветена на најсовремените техники во кардиохирургијата.
Под менторство на професорите Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, тие се обучуваат за минимално инвазивни процедури, како и за употребата на роботскиот систем „Да Винчи“ при поправка на митралниот залисток. Во текот на престојот, двајцата лекари имаат практични тренинг-сесии со работа на реални модели, применувајќи дел од најновата медицинска апаратура што се користи во водечките кардиохируршки центри.
„Кардиохирургијата постојано напредува и наша должност е да останеме во тек со новитетите, со цел да им обезбедиме врвен третман на пациентите во Македонија“, истакнува д-р Колев.
Престојот во Франција е дел од континуираните активности за подигање на стандардите и воведување на напредни хируршки техники во домашното здравство.
Македонија
Се одржа 38. средба на Заедничката историска комисија: Фокус на новите учебници по историја за основците
Во Скопје вчера и денеска се одржа 38. редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, согласно годишниот план за работа.
На состанокот, македонскиот тим ги достави новите учебници по „Историја и општество“ за петто и шесто одделение, по што се отвори дискусија за идниот пристап и методологијата при разгледувањето на наставните содржини. Темата ќе биде дополнително разработена на следната средба.
Во рамките на состанокот беше потпишан записникот од 31. седница, а продолжија и разговорите за усогласување на текстот од записникот на 32. средба.
„Македонскиот тим преку својот проактивен пристап продолжува да гради доверба и да бара одржливи решенија, засновани на взаемно почитување и признавање на правото на различна историска перспектива,“ се наведува во официјалното соопштение.
Следната средба на Комисијата е закажана за првата половина на декември во Софија, каде ќе продолжат разговорите за усогласување на образовните содржини и препораки.
Македонија
Алиу: Не сме добиле покана од Владата, но нема да ја одбиеме
Демократската партија на Албанците (ДПА) е подготвена да разгледа можност за учество во Владата, доколку добие официјална покана. Ова денеска го изјави членот на Централното претседателство на партијата, Имер Алиу, по одржувањето на Централното собрание.
„Немаме добиено официјална покана, но не би ја одбиле. Ќе разговараме со сите, вклучително и со Владата“, рече Алиу. Тој посочи дека политичката агенда на ДПА можеби не е идентична со онаа на владејачките партии, но дека дијалог треба да има.
Осврнувајќи се на резултатите од локалните избори, Алиу порача дека поразот на ДУИ не треба да се гледа како „национална трагедија“, туку како политички процес што носи нови обврски за тие кои сега се дел од власта.
„Многу ветувања беа дадени. Сега е време тие да се реализираат. Албанската партија во Владата нема простор за изговори и ќе ја повикуваме на отчетност“, истакна Алиу.
На денешното Собрание, ДПА формираше и Координативно тело кое ќе ги води понатамошните активности на партијата. Партијата најавува дека ќе продолжи да врши притисок и надзор врз носителите на функции и на локално и на централно ниво.
ДПА до локалните избори беше дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Лидерот Мендух Тачи претходно тврдеше дека на парламентарните избори таа коалиција била посилна од ВЛЕН, но последните изборни резултати го променија политичкиот распоред меѓу албанските партии.
Трендинг
-
Република6 days agoЈовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ го победи Хаким Рамадани во Брвеница
-
Република2 days agoДИК донесе одлука за приговорите во Брвеница
-
Црна Хроника7 days agoПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ТЕТОВО – МВР со детали
-
Република2 days agoГолем прекин на струјата утре во Тетово – Ова се населените места
-
Црна Хроника2 days agoКривична пријава против полициски службеник од СВР Тетово
-
Црна Хроника3 days agoПолициска акција во Тетово – одземена голема количкна на производи
-
Црна Хроника2 days agoАпсење на повеќе локации во Скопје
-
Република3 days agoХаким Рамадани поднел приговори по вториот круг локални избори во Брвеница














