Connect with us

Религија

УТРЕ Е ГОЛЕМ ВЕРСКИ И МАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК: На Илинден Св. пророк Илија пали и гаси на небото и на земјата

Published

on

Според календарот на МПЦ утре е Св. пророк Илија-Илинден, кој има посебно значење за Македонците, бидејќи се слави и како верски и како национален празник, Ден на Републиката.

Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба.

Младоста ја помина во постојано богомислие и во молитва, честопати повлекувајќи се на пусти места. Прорече многу настани и направи голем број чуда со силата Божја, што беше во него.

Пред крајот на неговиот земен живот го избра за свој наследник пророкот Елисеј, а потоа се вознесе на небото во огнена кочија. Се јави пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Свети пророк Илија – пророк кој пали и гаси на небото и на земјата

Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…

Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот народ најповеќе асоцира на славното Илинденско востание и на Крушевската Република, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.

Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно е роден во 816 година пред Христа) во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија татко му Савах видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размилсува.

Во тоа време еврејските цареви се откажале од Божјите дарови и им се приближиле на идолските богови. Најдалеку во тоа отишол царот Ахав со неговата пакосна жена Језавела кои на богот Вал му изградиле храм и го терале народот да му се моли, откако ги позатвориле или истепале Божјите пророци и сите оние што му биле верни на Господа. Тогај кај царот дошол Илија којшто му соопштил дека поради неговите гревови ќе страда целиот народ. „Во овие години нема да има роса, ниту дожд, освен според мојот збор“.(3 Цар, 17/1).

Наместо да се покајат, Ахав и жена му сакале да го убијат Илија, но Господ го спасил и го испратил кај потокот Хорат спроти Јордан. „…од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“. (3 Цар, 17/4) Така и се случило, но кога настанала голема суша поради што и потокот пресушил Господ го пратил Илија во сарепта Сидонска кај една жена вдовица што живеела со својот син. Таа била многу сиромашка и кога Илија пристигнал кај неа имала само „грст брашно во ношвите и малку масло во масларникот“, но со негова молитва тоа никогаш не се завршило. Кога по извесно време починал синот на вдовицата Илија се помолил на Господа и тој воскреснал.

По Божја промисла се вратил кај царот Ахав и му предложил да ги собере сите жреци од храмот на Вал и да ги изведе на ридот да се молат за дожд. На ридот се собрал и многу народ, а Илија им рекол најпрвин да направат жртвеник и да се молат секој на својот Бог и кој ќе им даде оган да го запалат жртвеникот во него да веруваат. Жреците со часови го молеле богот Ваал, но без успех. Потоа Илија зел дванаесет камења „колку што се колената на синовите на Јакова“ и од нив направил жртвеник и убаво го потурил со вода. И уште не ја завршил молитвата кон својот Бог кога од небото паднал оган и го запалил жртвеникот.

„И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата и дрвата и камењата и земјата и ја голтна водата што беше во копот. Кога виде тоа сиот народ падна ничкум и рече: Господ е Бог, Господ е Бог“. (3 Цар. 18/38-39).

Потоа биле истепани сите пророци на богот Ваал. Илија се помолил на Господа и по три години и шест месеци откако земјата испукала и многу луѓе изумреле, повторно паднал спасоносниот дожд. Но поради убиството на лажните пророци Илија пак морал да бега пред бесот на царицата Језавела и да се крие во Божјата гора Хорив. Оттаму се вратил кај царот Ахав и му прорекол лоша судбина дека кучињата ќе му ја лижат крвта и ќе ја изедат царицата. Тоа и се остварило.

Пред крајот на животот Илија за свој наследник во пророкувањето го одредил Елисеј. Кога дошло времето за тоа, Господ испратил по Илија огнена кочија што ја влечеле пламени коњи. Илија седнал во неа и таа се подигнала кон небото, а тој му ја фрлил својата горна облека на Елисеј, пренесувајќи му ја на тој начин дарбата за пророкување.

И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото. Тој му ја пушта од височина својата облека на Елисеј и со тоа му ја предава и моќта да пророкува. Значи пророчкиот дар се пренесува преку облеката. На други претстави во црквите св. Илија е претставен како седи, а до него стои гавран, оној што го хранел во пустината.

Кога Исус се преобразил на ридот Таор (на Преображение), за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија (кои одамна биле умрени). Тие зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт.

Во чест на пророкот Илија Светата христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август според новиот, односно на 20 јули според стариот календар.

Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз св. Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун.

Народни верувања за Св. Илија

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.

Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите.

И Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите како што и на чевларите празникот им е на Св. Спиридон, а пак на корабџиите Св. Никола, како претседател и покровител на речните еснафи. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа.

Тие два еснафи принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот тоа не го прави. За него велат за да го умилостивел светецот та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат погребувал живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи.

Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млсне и тресне“.

Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур коишто траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк