Connect with us

Религија

Покров на Пресвета Богородица – „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“

Published

on

Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите застапнички молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните.

Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше свети Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј.

Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение свети Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се восхитувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нè потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading

Религија

Небото се отвора во очи Митровден: Оној што ќе ја помине ноќта надвор од дома

Published

on

Македонската православна црква утре, 8 ноември, го празнува денот на Светиот великомаченик Димитриј, во народот познат како Митровден.

Како и со повеќето празници, така и Митровден се поврзува со народни обичаи и верувања кои потекнуваат од античко време, а едно од нив е дека во пресрет на овој празник треба да бидете дома.

Нашиот народ верува дека на Митровдан секој треба да остане дома и дека ова не е ден за примање гости. Ова не важи за оние кои слават или одат да слават со роднини или блиски пријатели, но мора да преноќат и дома. Се верува дека оној што ќе ја помине Митровденската ноќ надвор од својот дом, цела година ќе ја помине ноќевајќи и „прикрадувајќи“ по туѓи куќи.

Дополнително, постои верување дека на Митровдeн не треба да се караат децата, колку и да згрешиле, бидејќи тогаш наводно цела година ќе бидат палави. На овој ден, жените не ги допираат вретеното, чешлите и ножиците.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк