Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојаноски, одржаа состанок со претставници на производителите, дистрибутерите и трговците кои учествуваа во акцијата „Новогодишна кошница“.
Оваа акција, спроведена од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025 година, имаше за цел да ги намали цените на прехранбените производи и пијалоци за време на празниците.
Според податоците од Министерството за економија и труд, во акцијата учествуваа 96 производители и дистрибутери, како и 51 маркет со вкупно 762 продажни места. На веб-страницата „Моја кошница“, креирана за оваа иницијатива, беа објавени 1.178 производи со намалени цени.
На состанокот, заменик-министерот Ристески им се заблагодари на сите учесници кои придонесоа за успешноста на оваа акција, потенцирајќи ја важноста од задржување на постоечките цени.
– Очекуваме производителите, дистрибутерите и маркетите да покажат социјална одговорност и да се воздржат од покачување на цените на прехранбените производи. Ова не само што ќе ја заштити куповната моќ на граѓаните, туку и ќе испрати порака за заедничка посветеност кон иднината на нашето општество – изјави Ристески.
Од Министерството предупредија дека ќе бидат преземени соодветни мерки доколку дојде до зголемување на цените на основните производи.
„Државниот пазарен инспекторат останува на терен за да ја следи состојбата и ќе ги искористиме сите механизми за заштита на стандардот на граѓаните“, додадоа од Министерството.
Акцијата „Новогодишна кошница“, иницирана од приватниот сектор, беше оценета како значајна за зачувување на економската стабилност и спречување на понатамошен раст на инфлацијата.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојаноски, истакна дека подготвеноста на бизнисите да соработуваат и да избегнат ценовни покачувања ќе помогне за зајакнување на довербата меѓу сите чинители во општеството, особено потрошувачите.
– Вашата посветеност ќе има директно влијание врз економската стабилност и ќе испрати јасен сигнал за одговорност во овие предизвикувачки времиња – изјави Стојаноски.
Во наредните недели се очекува Министерството да објави анализи за ефектите од оваа акција врз економијата.