Maж на 46 години во Штип лажно се претставил како полицаец, откако претходно одзел службено возило „пежо“ пред средно училиште. Потоа предизвикал сообраќајна незгода и одзел куче од жена. При апсењето нападнал полицаец, а претходно бил пријавен и за расправија и за оштетување банкомат.
Полицијата соопшти дека уапсила 46-годишен жител на Штип кој лажно се претставувал како полициски службеник и дивеел низ градот.
Инцидентот се случил утринава во Штип, а лицето било приведено во угостителски објект на улицата Сутјеска.
Околу 8 часот, пред влез на средно училиште во градот, осомничениот сопрел возило „Пежо“ со штипски регистарски таблички. Се претставил како полициски службеник и извршил лажен претрес во возилото.
Потоа го одзел службеното возило од возачот и се упатил кон населбата Ново Село. Додека се движел низ градот, 46-годишникот предизвикал сообраќајна незгода на улицата Маршал Тито. Со возилото удрил во паркиран автомобил.
Продолжил кон центарот на Штип. Околу 08:45 часот на улицата Сутјеска пресретнал жена која шетала куче. Според полицијата, тој насилно и го одзел кучето и побегнал.
По преземени мерки од страна на полицијата, возилото било лоцирано, а осомничениот бил уапсен во угостителски објект. При лишувањето од слобода, еден полициски службеник се здобил со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.
Полицијата информира дека истото лице во текот на ноќта било пријавено во уште два настани. Станува збор за расправија со навреди и за оштетување банкомат во објект на улицата Сутјеска.
Против Б.Х.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.














