Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека високиот ирански генерал Џамшид Ешаги, задолжен за финансиските и нафтените операции на вооружените сили, бил убиен во воздушен напад во Иран за време на викендот.

Израелската војска наведе дека Џамшид Ешаги бил на чело на т.н. ирански „нафтен штаб“, за кој тврди дека има клучна улога во финансирањето на воените активности на земјата, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Според официјалните податоци, Ешаги извршувал функција раководител на буџетските и финансиските работи во Генералштабот на иранските вооружени сили, тело кое координира меѓу редовната армија и Револуционерната гарда.
Израелските одбранбени сили проценуваат дека „нафтениот штаб“ е составен дел од иранските воени структури, што овозможува континуирано функционирање и зајакнување на војската преку приходи од продажба на нафта.
„Со години, Револуционерната гарда и другите воени структури во Иран се финансирани со големи буџети од приходите од нафта, заобиколувајќи ги меѓународните санкции“, се наведува во соопштението.
Иранската Револуционерна гарда вчера ја потврди смртта на Ешаги по израелскиот напад во саботата, пренесува Танјуг.
…












