Прашањето кој стои зад нападот врз два трговски брода во бугарската економска зона во Црното Море сè уште нема официјален одговор. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека станува збор за руски напад, додека бугарските власти велат дека засега не можат со сигурност да утврдат чија страна ги употребила дроновите.
Според Зеленски, украинската морнарица била во контакт со бугарските власти и утврдила дека во нападот биле користени руски поморски и воздушни дронови. Тој истовремено нагласи дека украинските сили не извршувале операции во тој дел од Црното Море.
Зеленски го поврза инцидентот со пошироката безбедносна состојба во регионот и ја обвини Русија дека придонесува за зголемување на ризикот за цивилната пловидба во западниот дел на Црното Море.

Сепак, бугарскиот министер за одбрана Димитр Стојанов изјави дека Софија во овој момент нема доволно докази за да каже кој стои зад нападот.
Според него, не може со сигурност да се утврди дали дроновите биле руски или украински сè додека не бидат пронајдени остатоци од леталата или додека некоја од страните официјално не ја преземе одговорноста. Тој потврди дека според досегашните информации биле употребени и поморски дронови.
Стојанов оцени дека не станува збор за несреќа, туку за намерен напад, додавајќи дека инцидентот покажува оти војната во Украина има директни безбедносни последици и за земјите во поширокиот регион на Црното Море.
Нападот се случил околу 3 часот наутро, на околу 70 наутички милји источно од Бјала, односно приближно 130 километри од бугарскиот брег.
Погодени биле два цивилни товарни брода – „Alfa Watan“, кој пловел под знамето на Того, и „Able“, регистриран под знамето на Палау.
„Alfa Watan“ претрпел тешки оштетувања и потонал. Судбината на неговиот екипаж сè уште не е разјаснета. Бугарските спасувачки служби на местото пронашле превртен чамец, празни спасувачки сплавови и појаси за спасување, но не и членови на екипажот.
Вториот брод, „Able“, кој превезувал пченица, се запалил по ударот. Сите 18 членови на екипажот успеале да го напуштат бродот и биле спасени од бугарскиот брод „Dioscuria“. Двајца морнари биле повредени и пренесени на лекување во Варна.
Еден од спасените морнари изјавил дека според неговиот впечаток експлозијата дошла од под површината на морето и изразил сомневање дека зад нападот стојат руските сили. Сепак, неговото сведоштво засега не е официјална потврда за потеклото на нападот.
По инцидентот, бугарскиот претседател Румен Радев свика состанок со надлежните безбедносни институции. Тој оцени дека нападот претставува сериозен безбедносен инцидент и предупреди дека ширењето на воените дејствија во Црното Море дополнително ја отежнува цивилната и комерцијалната пловидба.
Инцидентот предизвика загриженост и на европско ниво, со оглед на тоа што се случил во исклучителната економска зона на Бугарија, земја членка на НАТО и Европската Унија.
Засега останува отворено клучното прашање – кој ги лансирал дроновите и од каде дошол нападот врз двата трговски брода.
…











