Со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјата на борците, Битола денеска одбележува 82 години од ослободувањето на градот на 4 ноември 1944 година.
Почит беше оддадена пред Споменикот на НОАВМ кај Центарот за култура, пред Споменикот на народниот херој Стив Наумов и на Партизанските гробишта.
На одбележувањето присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, советници, претставници на Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани.
Меѓу гостите беа и делегации од збратимените градови Стари Град – Белград, Херцег Нови, Плевен и Бурса, како и претставници од Демре, во турскиот регион Анталија, со кои Битола започнува пријателска соработка.
Коњановски им го честита празникот на битолчани и на присутните гости, потсетувајќи на храброста и пожртвуваноста на борците што ја донеле слободата.
„Денес е голем ден за Битола, исто како што беше пред 82 години во 1944 година кога градот беше ослободен од тогашниот окупатор“, порача градоначалникот.
Во честитката тој се наврати на победничкото влегување на борците во градот и на граѓаните што ги поздравувале по битолските улици, нагласувајќи ја должноста да се чува споменот на оние што ги положиле животите за слободата.
Одбележувањето продолжува вечерва во Центарот за култура со свечена академија и доделување на четвртоноемвриските награди. Потоа ќе биде изведен музичко-сценскиот перформанс „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“.
…












