Системот „Безбеден град“ наскоро ќе започне да регистрира и нови сообраќајни прекршоци, а возачите кои непрописно паркираат или запираат на главните булевари ќе добиваат известувања за казни преку СМС-пораки. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека оваа функционалност ќе започне да се применува до крајот на годинава.
Според најавите, фокусот првично ќе биде ставен на главните сообраќајници и крстосници во Скопје, но и во останатите градови низ државата, каде што непрописно запрените и паркирани возила го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот.
Казните ќе пристигнуваат преку СМС-пораки
Тошковски објасни дека досега постоеле технички предизвици при автоматското препознавање на неправилно паркираните возила, особено во услови на големи сообраќајни метежи.
Проблемот бил во тоа што системот не можел секогаш прецизно да разликува возило кое стои поради сообраќаен застој од возило кое е непрописно запрено или паркирано.
„До крајот на годинава ќе отпочнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање со оние возила коишто ги имаме за детектирање на погрешно паркирање и запирање“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека во наредниот месец до месец и половина се очекува да започне испраќањето известувања до возачите кои ги прекршуваат правилата.
Системот ќе се користи во услови кога може недвосмислено да се утврди дека е направен прекршок, за да се избегне неправедно казнување на возачите кои се затекнале во сообраќаен метеж.
Казни без хартија – сè ќе пристигнува електронски
Министерот истакна дека една од главните цели на проектот „Безбеден град“ е целосна автоматизација на постапката, од регистрирањето на прекршокот до известувањето на возачот.
Наместо класична хартиена документација, известувањата ќе се доставуваат електронски, преку СМС-пораки или електронска пошта.
Според Тошковски, ваквиот пристап овозможува побрзо и поефикасно процесирање на сообраќајните прекршоци.
Нови контроли и за странските возачи
Покрај проширувањето на контролите во градовите, МВР најавува и дополнителни мерки за наплата на сообраќајните казни од странски државјани.
По граничниот премин Табановце, системот наскоро ќе биде функционален и на граничниот премин Блаце, каде што веќе се поставени привремени објекти за спроведување на постапката.
Странските возачи преку посебна електронска апликација ќе можат да проверат дали имаат регистриран прекршок, со кое возило е направен и дали имаат неплатена казна.
Преку истата апликација ќе можат електронски да ги подмират обврските, со што ќе се избегнат непотребни задржувања на граничните премини.
Тошковски апелираше до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат прописите, нагласувајќи дека целта на системот е поголема безбедност, подобра сообраќајна дисциплина и ослободување на главните сообраќајници од непрописно запрени и паркирани возила.
…












