Сериозен безбедносен инцидент е регистриран во Скопје, откако во дворот на објект на Еврејската заедница и синагогата биле пронајдени канистар со гориво и траги од горење, што укажува на можен обид за опожарување.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен, по што полициски службеници веднаш излегле на терен и започнале активности за утврдување на сите околности и расчистување на настанот. Од СВР Скопје посочуваат дека на местото биле забележани конкретни докази – канистар за гориво и траги кои укажуваат на обид за палење.
Надлежните институции не откриваат повеќе детали за сторителите, но нагласуваат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расветлување на случајот и откривање на одговорните лица.
Реакција пристигна и од Еврејската заедница во Македонија, која остро го осуди инцидентот и побара брза и ефикасна истрага. Во нивното соопштение се наведува дека станува збор за прв ваков обид во поновата историја, при што се нагласува дека ваквиот чин не претставува само напад врз верски објект, туку и сериозен удар врз вредностите на соживот, меѓусебна почит и цивилизациски норми.
Заедницата потсетува дека еврејското население во Македонија со векови е дел од општеството и секогаш придонесувало кон заедништво, солидарност и мирен соживот. Токму затоа, ваквите инциденти се оценуваат како длабоко вознемирувачки и потенцијално опасни, бидејќи можат да поттикнат појави како антисемитизам, кои човештвото одамна требало да ги остави зад себе.
Во апелот до институциите, но и до јавноста, Еврејската заедница бара јасна, гласна и обединета осуда од сите – политички претставници, верски лидери и граѓани, со цел да се испрати порака дека вакви напади нема да се толерираат.
Истрагата е во тек, а јавноста очекува брзо расчистување на случајот и утврдување дали станува збор за изолиран инцидент или за поширок мотивиран напад.












