Во време на глобални економски турбуленции и брзи технолошки промени, зголемувањето на учеството на жените на пазарот на труд сè појасно се наметнува како клучен двигател на развојот. Тоа не е само прашање на еднаквост, туку и на економска ефикасност, посочи вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, организирана од агенцијата „Марили“.
Според неа, намалувањето на родовиот јаз директно се одразува врз продуктивноста на економијата, преку подобро искористување на човечкиот потенцијал и поттикнување на иновативноста. Но и покрај напредокот, жените и понатаму се соочуваат со структурни бариери – од послаба застапеност на лидерски позиции, до ограничен пристап до финансиски ресурси.
Митреска предупреди дека новата технолошка ера, особено експанзијата на вештачката интелигенција, дополнително го менува пазарот на труд. Околу три четвртини од работните места во кои доминираат жени, според проценките, се високо изложени на влијанието на автоматизацијата и АИ, што отвора потреба од навремени политики за адаптација, преквалификација и институционална поддршка.
Таа се повика и на најновите податоци од Светскиот извештај за родовиот јаз 2025, кои покажуваат дека глобално е затворен околу две третини од јазот меѓу мажите и жените, но со бавна динамика. Доколку трендовите останат исти, целосна родова еднаквост би се постигнала дури за 123 години. Северна Македонија, пак, е позиционирана на 90-то место од 148 држави, при што особено загрижувачки се податоците за економската димензија, каде земјата се наоѓа на 119-то место.
Разликите се видливи и во конкретни бројки: жените заработуваат во просек околу 12% помалку од мажите, а нивното учество на пазарот на труд е пониско за околу 18 процентни поени. Дополнително, во доменот на финансиската вклученост, 77% од жените имаат банкарска сметка, наспроти 92% од мажите, што укажува на јаз од приближно 10 процентни поени, според податоците од „Финдекс“ (2024).
Во своето излагање, вицегувернерката нагласи дека Народната банка веќе спроведува активности насочени кон поголема финансиска писменост и поддршка на женското претприемништво, меѓу другото и преку Кодексот за финансирање жени претприемачи.
Иако женските бизниси сè уште учествуваат со мал дел во вкупното кредитирање, анализите покажуваат дека тие се значително поодговорни во управувањето со долговите. Нивото на нефункционални кредити кај фирмите во женска сопственост изнесува 1,54%, во споредба со 2,76% кај компаниите управувани од мажи.
Во иднина, фокусот, како што истакна Митреска, ќе биде ставен на проширување на партнерствата, подобрување на статистичкото следење и развој на системски мерки што ќе ја засилат финансиската поддршка за жените претприемачи.
Свое обраќање таа го заокружи со честитки до наградените менаџерки, нагласувајќи дека нивните достигнувања не се само личен успех, туку и силен поттик за новите генерации жени кои ќе ја обликуваат економијата на иднината.
…












