Владата го усвои и го презентираше Оперативниот план за вработување за 2026 година, кој предвидува низа мерки насочени кон намалување на невработеноста, зголемување на вработеноста и поттикнување на економската активност во земјата.
Планот беше претставен од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Аднан Ејуп, кои истакнаа дека фокусот е ставен на создавање нови работни места и подобрување на условите на пазарот на трудот.
За реализација на мерките се обезбедени над 40 милиони евра, при што се очекува поддршка да добијат повеќе од 10.000 лица. Посебен акцент е ставен на младите, долгорочно невработените, лицата со попреченост, корисниците на социјална помош и жените.
Една од клучните мерки во планот е самовработувањето, преку кое младите ќе можат да аплицираат за грантови до 615.000 денари за отворање сопствен бизнис. Дополнително, предвидена е поддршка за повратници од странство кои сакаат да инвестираат во земјата, како и за компании што отвораат нови работни места.
Оперативниот план опфаќа и мерки за практикантства, обуки и дефицитарни занимања, со цел полесна интеграција на невработените на пазарот на труд и зголемување на нивните вештини.
…











