Пожар избувнал над Боговинско Езеро на Шар Планина, во граничниот појас меѓу Македонија и Косово. Според првичните информации, огнот зафатил пасишта на терен до кој тешко се пристапува.
Територијалната противпожарна единица од Тетово го пријавила пожарот денеска, 4 октомври, во 11:54 часот до Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово. Оттаму го известиле ЈП „Национален парк Шар Планина“, чии служби потврдиле дека се запознаени со состојбата.
Од Националниот парк информираат дека пожарот ќе се следи, но поради непристапноста на теренот засега нема да се интервенира. Според досегашната проценка, огнот не претставува опасност за шумскиот фонд.
Надлежните продолжуваат да го набљудуваат пожарот и состојбата на зафатеното подрачје.










