Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека руското влијание врз европските општества се потценува и оцени дека целите на Москва одат подалеку од територијалното проширување во Украина.
Во интервју за „Блумберг“, Мерц изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го дестабилизира политичкиот поредок во Европа.
„Она што најмногу ме загрижува е потценувањето на руското влијание врз нашите општества. Русија е на пат да го дестабилизира целиот политички поредок на нашиот европски континент“, рече Мерц.

Според него, дел од европската јавност, вклучително и германски граѓани, не ја согледува доволно сериозно заканата.
„Не станува збор само за територијално проширување во Украина. Русија се плаши од демократијата, отворените општества и успехот на европските интеграции“, оцени германскиот канцелар.
Мерц посочи дека Германија и другите европски сојузници ја финансираат украинската одбрана и набавката на воена опрема без американска финансиска поддршка. Тој нагласи дека тоа е голем товар за националните буџети и за Европската Унија, но порача дека поддршката треба да продолжи до завршувањето на војната.
Канцеларот рече и дека се обидува да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп дека стабилна Европа е во интерес на САД и дека Европската Унија е важен партнер на светската сцена.
Говорејќи за европската безбедност, Мерц истакна дека Германија спроведува одбранбени реформи за да ја зајакне својата способност за самостојно дејствување во рамките на сојузничката соработка.
„Го слушнавме повикот за будење и се обидуваме да се подготвиме за да бидеме доволно силни да се натпреваруваме и да се браниме во рамките на НАТО“, порача Мерц.
…











