Connect with us

Македонија

Ниеден функционер не сака да си ја намали зголемената плата од 78%

За да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка – или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува, велат од Владата

Пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми уште долго време ќе ја земаат платата што од 21 март со одлука на Уставниот суд им е зголемена и до 78 отсто, кога судот ја укина фиксната основица во Законот за плати на функционерите, па остана да им се пресметува според бруто-просечната плата помножена со коефициент, плус додатоците.

И покрај жестоките реакции на граѓаните, синдикатите, како и на дел од функционерите, и покрај ветувањето на Владата дека во најскоро време ќе се најде начин да се намалат безобразно зголемените плати, до тоа сè уште не дојде. Околу 2.000 функционери од најразличен вид следната седмица ќе почнат да ја земаат втората покачена плата, која за највисоките функционери – премиерот, спикерот и претседателот на државата скокна од околу 90 илјади на близу 160 илјади денари.

Владата во место, платата чекори напред

Од Владата велат дека за да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка, и тоа, или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува. Но, ниту пратениците од власта, ниту пратениците од опозицијата предлагаат измени на постојниот закон во Собранието. А за новиот закон за систем на плати во тек се преговори со синдикатите, кои, пак, не се согласуваат со актуелните предлози на власта.

– Коефициентите на функционерите за утврдување на платата се определени со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Владата работи на изработка на нов закон за систем на плати во јавен сектор во којшто ќе се предвиди структуриран и конзистентен пристап во пресметка и исплатата на плати на сите вработени во јавниот сектор и на избраните и именуваните функционери во државата. Во оваа смисла, за да се изврши промена во бодовите односно коефициентите за пресметка на платите на функционерите, потребно е или да се направат самостојни измени на постојниот Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица или до нив да дојде како резултат на усогласување со новиот закон за систем на плати во јавниот сектор – велат од Владата за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека во моментов Владата и репрезентативниот синдикат преговараат за Општиот колективен договор за вработените за јавниот сектор.

– Тоа исто така ќе придонесе во изнаоѓањето на решение за уредување на сите плати во јавниот сектор, па така и на избраните и именуваните лица. Симулациите по предлозите за новите начини за пресметка на плати ќе бидат презентирани на следната седница на Економско-социјалниот совет – велат од Владата.

Синдикатите уште чекаат

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски, пак, вели дека сè уште не е закажана седница на Економско-социјалниот совет и немаат најава кога ќе се одржи. На таа седница треба да се презентира симулацијата за пресметка на платите што ја изготвува Министерството за финансии според предлозите на синдикатот и на власта, па синдикатите ќе анализираат кои предлози се во корист на работниците, што значи дека разговорите за платите во јавниот сектор, односно за Општиот колективен договор може да траат уште неколку месеци. За тоа време функционерите, на кои никој не им го знае точниот број, ќе ја земаат зголемената плата, за која исто така, никој не знае по колку пари месечно се одлеваат од државниот и локалните буџети што ги полнат граѓаните.

– Не очекувам дека брзо ќе се дојде до заеднички јазик и решение. Уште пред 21 ден ни е најавена симулацијата за пресметка на платите, но уште не ни е презентирана. Додека траат преговорите, платата на функционерите може да се смени и со измена на постојниот закон за функционерските плати, но гледаме дека нема политичка волја за тоа во Собранието – власта, секако, не превзема чекори, но и опозицијата не предлага измени на постојниот закон со образложение дека и онака сите предлози власта им ги одбива – вели Деановски за „Слободен печат“.

Тој додава дека и тие во синдикатите не знаат колкав е точниот број на сите избрани и именувани функционери, но со груби пресметки се доаѓа и до 2.000 лица ако се соберат околу 500 судии, 200 обвинители, 80 градоначалници, 30 министри и заменици министри, стотици функционери и советници во Владата, 120 пратеници, директори на стотици државни агенции, фондови, директорати, јавни претпријатија итн.

– Прашање е дали и кога ние ќе се усогласиме. Ако го чекаат новиот закон за плати во јавниот сектор, неизвесно е кога ќе се изгласа. Исто така, и да се потпише Општиот колективен договор, ќе потрае извесно време додека сè се усогласи за ние работниците да добиеме зголемена плата. Власта веќе нешто усно и преку медиумите ни најави, но ако е тоа таа симулација што планираат да ни ја презентираат и нам, ние ќе ја одбиеме. Инаку, мој личен став е дека позициите на власта и на синдикатите се многу неусогласени и за да се најде некое решение Економско социјалниот совет треба да заседава поредовно, ако треба и секој ден, а со седници еднаш месечно овој проблем може долго да се одолговлекува – вели Деановски.

Неодамна министерката за труд и социјала Јована Тренчевска најави дека функционерските плати ќе одат надолу, а тоа ќе го покаже симулацијата за тоа како ќе изгледаат новите плати во јавниот сектор.

– Се разработува методологија што треба да донесе системско решение за платите, вклучувајќи ги и функционерите. Очекувам деновиве да ги добиеме симулациите и ќе преговараме – најави Тренчевска.

Владата на својот сајт уште ги прикажува старите плати

На сајтот на Владата, во делот Отворена Влада и отчетност, сè уште се прикажани старите плати на функционерите, оние што ги примиле во декември 2021 година, кога на сметката на премиерот легнале 88.260 денари месечно примање. На прашањето на „Слободен печат“ зошто не се прикажани новите плати на владиниот кабинет од Владата одговорија:

– Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана. Ви укажеме и дека платата за функционерите, како и за вработените во Владата ја изготвува Службата за општи и заеднички работи.

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading

Македонија

Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.

Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.

Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.

Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.

„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.

Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.

„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.

По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг