ДЕМОНСТРАНТИ ВОДЕНИ ОД ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНГЕЛ ЏАМБАСКИ УПАДНАА ВО ТЕАТАР ВО СОФИЈА СО ТЕПАЊЕ ДА ЈА СПРЕЧАТ ПРЕТСТАВАТА НА ЏОН МАЛКОВИЧ, ОТИ БИЛА АНТИБУГАРСКА
Стотици граѓани синоќа ги окупираа влезовите на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија , а некои од нив влегоа внатре и се расправаа со директорот Васил Василев и продуцентот на претставата на холивудската ѕвезда Џон Малкович, „Оружје и човекот“ .
Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот. Според „Факти“, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Демонстрантите реагираа дека претставата е антибугарска, како и дека ги исмева бугарските војници и бугарскиот народ, бидејќи ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885). Според нив претставата е навреда за националните и христијански вредности и дека Василев тоа го дозволил.
За време на вчерашните судири, демонстрант му ги зел и скршил очилата на актерот Владо Пенев, директорот на театарот завршил со искината кошула и вратоврска, а пред театарот бил нападнат познатиот режисер и сценарист Тео Ушев.
Ушев, кој живее во Канада, побара оставка од министерот за внатрешни работи Атанас Илков.
„Апсолутно е неприфатливо да се спречат луѓето во една демократска земја да гледаат театарски претстави и концерти. Купив билет и околу 18:30 часот видов дека има полиција и многу луѓе пред театарот. Мислев дека сите дошле за претставата. Ги прашав полицајците како да влезам и тие прилично иронично ми рекоа јас и девојка ми да застанеме на страна и да чекаме. Од некаде се појави европратеникот Ангел Џамбаски кој почна да ги вика луѓето да дојдат кај него. За секунда бевме опкружени со момци кои ставија маски на команда и почнаа да нѐ удираат со клоци по бубрези“, вели Ушев за ТВ Нова.
Според директорот на театарот, Василев, нема проблем во претставата.
„Имаше притисок да се цензурира оваа претстава уште пред да се изведе претставата, ова е неприфатливо, ова не беше мирен протест. Излегов смирено кон демонстрантите, ги повикав да дозволат оваа претстава да се изведе и па да дадат оценка“, кажа Василев за БНТ.
Министерот за внатрешни работи Атанас Илков рече дека токму Василев е виновен за тензијата пред вратите на театарот.
„Протестот пред Народниот театар беше најавен. Во обезбедувањето беа вклучени повеќе од 60 вработени, по настанувањето на тензијата се вклучија дополнителни сили кои вршеа патролни активности на територијата на Софија. Дополнителната тензија произлезе од несоодветната постапка на директорот на театарот кој отишол да разговара со демонстрантите. Не ја проценил ситуацијата, дека има тензија пред театарот, морал да ги координира своите постапки со нас, за да не дојде до ескалација на тензијата“, изјави Илков.
Македонците во Пустец, Мала Преспа, заедно со жители од останатите населени места од оваа општина, достојно како и секоја година, го одбележаа патронот на црквата „Свети Архангел Михаил“, што го чествуваат како нивен заштитник.
Утрена, со света божествена литургија, отслужи отец Алексо Темелко, по што во трпезаријата на црквата имаше богата трпеза за сите верници, а потоа и музичка програма со македонски песни и ора.
Ја продолжуваме традицијата на одбележување на овој голем празник, посветен на Свети Архангел Михаил – водач на небесните сили, чувар на сите болни и заштитник на Македонците во Пустец. Обновен е на темелите на старата црква, која била урната за време на комунистичкиот период.
Изборниот материјал за парламентарните избори во Албанија, што ќе се одржат на пролет следната година, ќе биде и на македонски јазик, како и на јазиците на останатите осум малцинства, признати со законот донесен во 2017 година.
Ова го соопштил претседателот на Централната изборна комисија, ЦИК, Илиријан Целибаши, на средба со претставниците на националните малцинства, поточно членовите на Комитетот за малцинства, каде претставник на македонското малцинство е Марјана Костофски.
– Во фокусот на средбата беше до сега сработеното во однос на информирањето на националните малцинства на нивниот јазик за изборниот процес, како и тоа што треба понатаму да се направи, со цел подобрување на информираноста и нивна едукација за претстојните избори. Го истакнав правото на секој да добива информации за изборите и пред сè преку сите средства за информирање, објави Целибаши.
Додава дека ја изразил целосната подготвеност на ЦИК да го направи она што е најдобро за прашањата за кои има интерес секое национално малцинство.
– На оваа средба со националните малцинства истакнав дека изборните материјали ќе бидат преведени на мајчин јазик, за 9-те национални малцинства кои се законски признати во Албанија, напиша Целибаши.
Парламентарните избори, 11-ти по ред, по падот на тоталитарниот режим ќе се одржат на пролет, за што датумот треба да го одреди шефот на државата, Бајрам Бегај, во средата ги почна средбите со политичките партии. Според изборниот законик треба да биде датум од последната недела на април или првата недела од мај месец.
По повод 85-годишнината од издавањето на збирката поезија од Кочо Рацин „Бели мугри“, денеска во Самобор, заедницата на Македонците во Република Хрватска и МКД „Охридски бисер“ од Загреб, организираат културна манифестација „Рацинов ден – Бели мугри“.
По повод 85-годишнината од издавањето на збирката поезија од Кочо Рацин „Бели мугри“, денеска во Самобор, заедницата на Македонците во Република Хрватска и МКД „Охридски бисер“ од Загреб, организираат културна манифестација „Рацинов ден – Бели мугри“.
Традиционалниот собир и годинава ќе почне со положување венци и цвеќе на бистата на Кочо Рацин во паркот на Музејот, со почеток во 13:30 часот.
Кочо Рацин, нелегално ја отпечатил својата стихозбирка „Бели мугри“ пред 85 години во Самобор. Затоа македонската заедница секоја година се собира на Рациновиот ден, организирајќи културен настан во Самоборскиот музеј.
На настанот, предавање за животот и делото на Кочо Рацин ќе одржат професорите Игор Деспот, Горан Коров и Ивана Брезовец. Учениците кои следат настава по македонски јазик по модел Ц во Хрватска, ќе рецитираат поезија на Рацин.
Покровител на настанот е Советот за националните малцинства на РХ и Самоборскиот музеј.