– Со неколку нови ексклузивни брендови Diamond Mall ќе ја стартува втората година од своето постоење. Се работи за брендови на македонскиот пазар кои ќе им бидат достапни на купувачите само во Diamond Mall, со што дополнително ќе се збогати уникатната понуда на овој трговски центар. Во Diamond Mall е присутен и глобалниот британски бренд „NEXT”, со првата и засега единствена продавница на македонскиот пазар.
„Нѐ радува фактот што за само една година Diamond Mall стана едно од омилените места во градот за сите љубители на купувањето, добрата храна и забавата. Нашиот концепт на прв ,лајф-центар’ беше препознаен и бројот на посетители постојано расте, а ние со голема посветеност работиме на креирање нови содржини и збогатување на нашата понуда. Многу скоро ќе ја надополниме нашата понуда со нови ексклузивни брендови, со што ќе ја зголемиме дополнително атрактивноста и за посетители од регионот“, истакна Селин Октај, директорка на Diamond Mall.
Од отворањето на Diamond Mall во октомври минатата година, бројот на посетители се зголеми за 50%. Интересот за понудата во Diamond Mall во континуитет расте. Со вселување на последните две кули во рамки на комплексот чиј дел е трговскиот центар, се очекува фреквенцијата на дневно ниво дополнително да се зголеми.
Diamond Mall е еден од главните делови на мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, инвестиција вредна над 350 милиони евра. Покрај Diamond Mall, комплексот го сочинуваат и четири резиденцијални згради од кои две се веќе вселени, деловни простории и хотелот Limak Skopje Luxury Hotel. Вкупната површина за закуп во Diamond Mall изнесува48.000 м², распоредени во 150 продавници со различна понуда. Покрај тоа, во рамките на овој трговски центар функционира веќе добро познатата Гурманска авенија (Gourmet Avenue) со богат избор на ресторани, барови и кафулиња кои нудат локални и интернационални вкусови. Во Diamond Mall се наоѓа и најголемата зона за едукација и забава на деца и млади – Зоната на соништата (Dream Zone), која е сместена на 3.500 м².
Мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“ е во сопственост на „Лимак Скопје“, дел од групацијата „Лимак“ која со своите активности е присутна во 17 земји во светот и вработува повеќе од 60.000 лица. Групацијата делува во секторите градежништво, туризам, енергетика и инфраструктура.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари продуктивна средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку. Разговорите беа насочени кон продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со особен фокус на напредокот на проектот за интерконекторот меѓу Македонија и Албанија кој ќе овозможи енергетската поврзаност меѓу двете земји.
Проектот за интерконекторот, кој е поддржан од Европската унија и други меѓународни институции, има за цел да обезбеди енергетска стабилност и зголемена флексибилност во снабдувањето со природен гас за целиот регион. Планот предвидува интерконекторот да биде дел од пошироката регионална енергетска мрежа, која ќе го поврзе нашиот регион, овозможувајќи поголема енергетска независност и конкурентност.
Двете страни го истакнаа значењето на овој интерконектор како клучна инфраструктура за енергетска поврзаност во регионот, која е предвидена да ги поврзе македонскиот, албанскиот и грчкиот енергетски систем. Овој проект ќе овозможи засилено снабдување и диверзификација на енергетските ресурси, зголемување на енергетската стабилност и ефикасност, како и намалување на зависноста од увоз на енергенси.
Министерката Божиновска истакна дека за Македонија ова поврзување е од огромно значење. „Со реализацијата на овој интерконектор, Македонија ќе добие директен пристап до гасоводните мрежи во Албанија и Грција, што ќе ни овозможи сигурност и разновидност во снабдувањето со енергија. Ова е витално не само за енергетскиот сектор, туку и за целокупната економија на земјата,“ потенцираше министерката Божиновска.
Во рамки на разговорите, беше отворена и темата за поврзување на енергетските пазари, што претставува дел од пошироката визија за регионална соработка. Поврзувањето на пазарите има за цел да ја олесни трговијата со енергија, оптимизирајќи го користењето на ресурсите и овозможувајќи поголема транспарентност и конкурентност во енергетскиот сектор. Преку создавање на поголем заеднички пазар, ќе се овозможи поголема флексибилност, која е клучна за адаптација кон обновливите извори и намалување на фосилните горива.
Од страна на Балуку, беше нагласена заложбата на Албанија за поддршка на регионалните иницијативи кои го олеснуваат енергетскиот транзит и ја засилуваат соработката на Балканот. Во рамките на средбата, двете министерки се договорија за следни чекори и планираат дополнителна билатерална средба со цел забрзување на реализација на проектите што се од интерес на двете земји и регионот.
Со оваа средба, двете земји покажуваат подготвеност за заеднички напредок кон интегриран и енергетски независен регион, како значаен чекор во насока на исполнување на европските цели за одржлива енергија и климатски неутрален континент.
Популарната кинеска платформа за онлајн шопинг „Тему“ од почетокот на овој месец започна со директна достава кон Македонија, што значи дека македонските купувачи повеќе нема да мораат сами да организираат транспорт за своите нарачки. Со ова, љубителите на онлајн шопингот во земјата добиваат нова и побезбедна можност за купување, бидејќи пратките сега ќе бидат испорачувани преку „Еко логистик сервис“ (ЕЛС), домашна поштенска компанија која се грижи за навременото доставување.
Оваа новина го олеснува пристапот до широкиот избор на производи достапни на „Тему“, која нуди илјадници производи по достапни цени, што платформата ја направи една од најпопуларните во светот.
Компанијата Орка Хотел, во чија сопственост е хотелот „Ибис“ во строгиот центар на Скопје, има нов сопственик во Муфрима Инвестмент од Дубаи од крајот на минатиот месец. Засега останува непознато дали новиот газда ќе донесе ребрендирање на хотелот за кој при неговото отворање беше објавено дека се инвестирани 6 милиони евра.
Новото име на компанијата е Муфрима Хотел, а за назначен управител е Сашо Толески, консултант за недвижнини со повеќегодишно искуство од Дубаи. Во неговата биографија пишува дека има над 9 години искуство во недвижности и дека работел на проекти како Палм Џумеира и Марина Дубаи.
Инаку приходите на овој хотел минатата година изнесувале 1,75 милиони евра,а добивката била околу 230.000 евра. Хотелот кој е во непосредна близина на градскиот плоштад официјално имал 23 вработени.
Инаку „Ибис“ е отворен во 2015, како дел од франшиза на француски хотелски ланец,.на градежна парцела зад хотелот “Јадран”. Објектот се градеше паралелно со „Мериот“ – и двата блиску еден до друг.
Хотелот има седум ката и поткровје, а кога се изгради инвеститор беше „Евробалкан хотелс“ од Скопје. Инаку „Ибис“ има 110 соби, Дел е од групацијата „Акор хотелс“ („Accor Hotels“), хотелски синџир кој е присутен во 92 земји во светот со повеќе од 3.700 хотели и 480.000 хотелски соби.
„Угостителско-туристичката инвестиција се наоѓа во централното градско подрачје, близу сите владини институции, компании и атрактивни туристички дестинации и затоа е привлечен како за гости од бизнис секторот, така и за гости од областа на туризмот“, пишува во описот на самото претставување на „Ибис“.