Битола и Битолско од времиња важи за печалбарски регион. Најчести дестинации на овие Македонци се прекуокенските земји, пред сите, Австралија и Нов Зеланд.
Од европските земји, најпривлечни за Битолчани се нордиските држави, како Шведска и Данска.
Галама поразговара со нашинец, кој триесет години живее и работи во Сиднеј, Австралија.
“Се викам Иван Поповски и потекнувам од Битолското село Бистрица. Израснат сум во Битола, таму завршив основно и средно образование, се оженив, добив дете.
По професија сум машински инженер, факултетот го завршив во Скопје. Да побарам иселеничка виза за Австралија, ме натера беспарицата. И покрај тоа што јас и мојата сопруга бевме интелектуалци, со пристојни работни места, сепак, не можевме да си дозволиме многу работи што животот ги пружа.
Така, во далечната 1986 година се одлучивме да си ја пробаме среќата во оваа прекуокеанска земја. Поради нашите стручни квалификации, речиси веднаш добивме иселенички визи, се спакувавме и отидовме.
Од почеток, јас работев во струката, во една фабрика. Платата беше солидна, но набрзо сфатив дека со обична плата и овде во Австралија, животот нема да биде многу подобар од Македонија, бидејќи трошоците за живот и не се така мали.
Затоа одлучив да се впуштам во нова авантура, да отворам свој бизнис и да се занимавам со трговија. Во тие рани деведесети години од минатиот век, трговијата просто цветаше. Од ништо се правеше нешто. Работев по 12 до 15 часови на ден, но се исплатеше.
Во меѓувреме се занимавав и со изградба и препродажба на куќи, добро ми тргна. Успеав да купам и сопствена куќа во Сиднеј, а подоцна купив и уште неколку недвижнини.
Сега ми се ближи пензијата и размислувам да се вратам, во родната грутка. Материјално сум обезбеден, обезбедени се и моите деца, бидејќи недвижнините кои ги поседувам и ги рентам, носат пристојна сума пари за живот, која придонесува да не се чепка заштеденото.
Пораката од ова мое писание би била следна:
Иако јас во Австралија не работам во струката, да не беше дипломата од Машинскиот факултет, јас немаше да добијам иселеничка виза и немаше да имам можност да го живеам овој живот.
Затоа, би сакал да упатам апел до младите, да не го запоставуваат образованието, туку да се борат во животот да се стекнат со што повисоки универзитетски достигнувања. Тоа е единствената виза за сите држави во светот, не само Австралија.
ДЕЧКИ, НАКРАТКО ЌЕ ВИ ОБЈАСНАМ КАКОВ Е ЖИВОТОТ ВО АВСТРАЛИЈА
Убаво објаснување за животот во Австралија, системот кој функционира таму, најдовме на еден Македонски форум, па ви го пренесуваме:
“Сега има директен лет од Дубаи за Мелбурн, Сиднеј, Аделаид, Перт, не се оди веќе во Сингапур.
За топлото, па во Скопје е многу потопло летото него тука, таму кога ќе се вжешти асфалтот, зградите пекол на земјата, тука преку ден е топло ама навечер од морскиот/океанскиот ветер се освежува, се спие без клима, во Скопје тоа ми беше невозможно, плус кај да живееш во било кој град во Австралија за 15 минути си на плажа.
Системот е еден од најдобрите во светот после Шведска, лекувањето е беспари, школувањето до средно исто, државата нуди поволни кредити за факултетите кои треба да се отплатуваат од кога ќе се вработиш.
Државата дава на секој што не заработува над 300.000 во годината по 400 долари од дете помош (200 долари на две недели) еднократна помош од 7500 кога ќе се роди бебе, помош од 2500 за самохрани мајки.
Ако си невработен ќе земаш 1500 од државата (ово само ако си државјанин или на постојана виза) тие се доволно да преживееш меѓутоа не можеш на пример да земеш кредит за куќа ако не си вработен,за кола да купиш што е неопходна нема да можеш да купиш пример нова, со истите пари што ќе плаќаш кирија ќе си отплатуваш куќа.
Работник во фабрика зема сатница од најмалку 23-25 долара, се работи 8 саата смена и ако има можност за прекувремено првите три саата се плаќаат за саат, саат ипол (time and a half) после тоа дупла дневница, ако работиш сабота, недела дупла дневница, празници тродупла.
Законот е дека измеќу една и друга смена мора да има најмалку 12 часа растојание, не се умира тука од работа.
Со платата од фабрика може да се живее комотно семејство од 4-5 члена и да се отплаќа кредит за куќа и да не ти фали ништо, мислам да се пребројуваш од четврток до четврток.
Двајца вработени веќе се живее ептен добро, ово зборам за од фабрика плати, што се рачуна за минималец, пример тука градежни работници земаат по 1500 неделна плата, ѓубретарџии земаат 45 долари на саат, во фабрика за рециклирање на ѓубре сатница е 75 долари.”