Connect with us

Инфо +

МАКЕДОНИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СНЕЖНО НЕВРЕМЕ: Од овој викенд обилни снежни врнежи, снежна покривка од 50 сантиметри, па до еден метар!

Published

on

Метео анализа на Славчо Попоски:

Под влијание на голем влажен бран од југ  и од југозапад кој ќе навлезе во Македонија, во склоп со продорот на многу поладен воздух од север, од овој викенд, односно од утрешната ноќ, кон недела, како и во недела, но и во почетокот на следната седмица обилни врнежи од снег ќе има во целата наша Македонија, па така насекаде ќе се формира снежна покривка.

На повеќе места снежната покривка ќе биде значителна, со висина од 10 до 20 сантиметри, локално до, па  и над 30 сантиметри (во градовите), додека на планините, како и на Скијачките центри се очекува нов снег со висина од 50 сантиметри, па дури до околу еден метар. Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе услови да има појава на снежни наноси.

Со овој голем снежен и ладен бран, снег  и формирање на снежна покривка ќе има  и во Скопската котлина, секако и во околината, и тоа со висина од 10 до 15 сантиметри, а на околните планински места, како и во повисоките предели од котлината таа ќе биде значително поголема, а сето ова  ќе биде проследено со засилен ветер од северен правец.

Што се однесува до температурите, тие значително ќе опаднат и тоа за повеќе од 10 степени во споредба со сегашните, па така на многу места од овој викенд, како и во текот на следната седмица ќе се спуштаат под нулата, локално и длабоко под нулата, особено следната седмица кога температурите ќе се спуштаат до близу -15 степени наутро. Многу студено ќе биде  и преку ден кога температурите на многу места во Македонија ќе се движат до околу, па и под нулата,  само во југоисточните предели температурите ќе се искачуваат за неколку степени над нулата.

НАПОМЕНА: Со оглед на очекуваните обилни снежни врнежи и очекуваната голема снежна покривка, препорачувам возачите да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила, особено доколку патуваат низ планинските превои. Секако со овој ладен и снежен бран ќе има и појава на голомразица во најголем дел од Македонија.

Да напоменам дека се работи за многу голем и изразен снежен и ладен бран, и токму ова во Македонија ќе наликува на снежно невреме.

Македонија

Кривична за госпоѓа, дома чувала пушка

Published

on

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ц.С.(84) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”.

На 22.05.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавената, при што биле пронајдени и одземени две ловечки пушки кои неовластено ги поседувала.

Continue Reading

Македонија

Почна чистење во полицијата и царината

Published

on

По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име Премин, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 14 лица и Обвинителен предлог против две лица.

Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ. Едно лице освен за погоре наведените две дела е обвинето и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ.

Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ.

За сите обвинети за кривичното дело Примање поткуп обвинителството смета дека се исполнети условите од чл.38-б од КЗ и му предлага на судот да им изрече и казна -Забрана за вршење на професија, дејност или должност со што на лицата ќе им биде забрането вршење на должност на службено лице во орган на државната управа односно министерство, друг орган на државна управа како самостоен орган на државна управа или органи во состав на министерствата или управна организација како и во други државни органи.

Предметниот обвинител до судот достави и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело, а пронајдена при извршените претреси и тоа: 51885 евра, 663.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.

Воедно, заради непречено водење на постапката заедно со обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица заради неизменети околности врз основа на кои мерката е претходно определена.

Истражната постапка е отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција под кодно име Премин поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе.

За две лица постапката е запрена.

Continue Reading

Скопје

Апсење низ Скопје причината е дрога

Published

on

Вчера во 14.40 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода 23-годишниот З.Т. и 26-годишниот Ф.Т., двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. 

Вчера во 19.45 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода 63-годишниот Д.С. од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени таблети. 

Вчера во 21.45 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода 38-годишниот Ф.Р. од село Глумово, скопско, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. 

По целосно документирање на случаите, полицијата најави дека ќе следува соодветен поднесок.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк