Инфо +
Внуката на Мара Бунева: КАЈ НАС НЕ СЕ ЗБОРУВАШЕ БУГАРСКИ ЈАЗИК!
Интервју со Анче ГЕРАСИМОВСКА, внука на Мара Бунева од сестра и’ Ленка
Васко Евкоски: “Секоја година во овие денови сме сведоци на многу вистини и лаги искажани за Мара Бунева. Еве што кажа сега веќе мојата покојна баба (мајка на мојата сопруга) и внука од сестра на Мара Бунева за ‘Утрински весник’ на 12 март 2007 година, автор Виктор Цветаноски.“
Судбината на семејството Бунева е трагична како и на многу други македонски семејства. Едниот внук на Мара Бунева од нејзиниот постар брат Борис живее во Софија и говори бугарски, другиот, од помалиот Лазар, кој почина пред неколку месеци во Белград, зборуваше српски. Тоа ни малку не им пречеше да се сакаат и да си помагаат. Нивните роднински врски не ги прекинаа ниту војните, ниту пробугарските, ниту просрпските пропаганди.
“Кога се гледав во Белград со братучед ми Бранко, говореше српски, таму израсна, дали се чувствуваше како Македонец или како Србин никогаш не сум го прашала. Тоа не сум го прашала ниту мојот братучед Милко во Софија, дали е Македонец или Бугарин. Многу помалку контактирав со нив отколку што контактираа тие меѓусебе. Многу се сакаа и често се гледаа. За смртта на Борис пред неколку месеци разбравме токму од Милко. Ни се јави во Скопје. Му помагаше на Борис кога НАТО го бомбардираше Белград, му испратил и пари да му се најдат. Без разлика на кој јазик зборуваа, во се’ се разбираа“, – раскажува нивната братучетка Анче Герасимовска, внука на Мара Бунева од нејзината сестра Ленка.
Судбината на семејството на Мара Бунева, атентаторка на Владимир Прелиќ, е трагична како и на многу други македонски семејства кои, подложени на страшниот притисок на пропагандите и борбата за егзистенција, се растурале по светот и понекогаш се вклучувале во спротивставените завојувани страни, кои не одбирале средства за да остварат влијанија на македонските простори. Кога ќе се слушне приказната за Буневи, изворно кажана од човек на семејството, изгледа сосема поинаку од онаа што и ден-денес сакаат да ни ја сервираат определени кругови. Животната врвица на секој нејзин член е слика и прилика на трагичните македонски судбини, кроени и прекројувани од српски, бугарски, грчки и којзнае какви други пропаганди.
Страшното време, војните и окупациите, шесте деца на тетовецот Никола ќе ги одведат на разни страни. Најстариот брат Борис ќе стане бугарски офицер, помладиот Лазар ќе влезе во српската војска на Кралска Југославија. Најстарата од четирите сестри Мара, родена во 1902 година, животот ќе го заврши откако ќе го изврши атентат на 13 јануари 1928 година. Една година помалата сестра Ленка ќе остане во Македонија, најмладата Вера ќе се омажи и ќе замине во САД, а четвртата сестра Нада ќе почине многу млада, на 18 години, истата година кога е убиен Прелиќ.
Разговараме во домот на Анче Герасимовска во Тетово, професорка по музика во пензија. Сакаме од неа да слушнеме за нејзината тетка чие име и ден-денес многумина го користат за своите пропагандни цели.
Вели дека страшно е револтирана од многу невистини што деновиве се изговорени и напишани за Мара, чиј подвиг и по осумдесетина години предизвикува расправии и делби меѓу Македонците. Признава дека и’ е тешко да говори за тие времиња, до сега за тоа не говорела пред ниту еден новинар, но сега, откако ги слушнала сите лаги, сака да ги соопшти своите видувања и на некој начин да се исправи неправдата што и’ е нанесена на тетка и’ Мара, а со тоа и на нивното семејство.
“На една од телевизиите, сега покојниот Спасе Шуплиновски изјави дека и’ бил роднина на тетка ми. Јавноста треба да знае дека не е никаков род со нас, ние него не го познаваме, немаме никаква семејна врска со него. На истата телевизија слушнав изјава и на еден свештеник, која по панихидата во црквата ’Свети Димитрија’ рече дека Мара не била чесна жена, имала повеќе мажи, дека му била љубовница на Владимир Прелиќ, што не е вистина. Не е вистина и тоа дека била љубовница на адвокатот Андрејчин од Тетово, кого српските власти го ликвидирале истиот ден кога е извршен атентатот. Со семејството Андрејчин бевме соседи и големи пријатели. Многу невистини се кажаа за тетка ми Мара и се извалка нејзиниот образ. Таа била омажена жена, а атентатот го извршила од патриотски побуди. Не е вистина ниту тоа дека во нашето семејство се говорело бугарски, како што тврдат некои. Мојата баба никогаш не сум ја слушнала да каже ниту еден збор бугарски. Многу добро се сеќавам на неа. Мајка ми од Скопје ќе ме испратеше за Тетово со малиот воз, кој патуваше девет часа, и јас кај неа ќе останев цело лето. Не паметам да ми прозборила бугарски збор“, – вели револтирано внуката на Мара Бунева.
Буневи е познато тетовско семејство. Никола Бунев бил писмен човек, се школувал во Солунската гимназија. Читал многу, бил учител, но за трговија не го бидувало. “Имаше многу книги. Не знам каде отидоа, кој ги зеде. Откако ја продадовме куќата, ги снема“, – вели неговата внука Анче. Нејзината баба била од богато трговско семејство. Убавата двоспратна куќа во која живееле ја изградил таткото на баба и’, како и тетовската црква “Свети Димитрија“ во Тетово.
Како се случило едниот брат да се најде во бугарската, а другиот во српската војска кои многупати војувале за Македонија? Анче вели дека нејзиниот дедо за време на Првата светска војна, кога Тетово го окупирале Бугарите, бил кмет на градот. По војната, кога дошле Србите, останал без работа. Морало да се бара некакво чаре за егзистенција. Па така, Лазар го испратил во Белград, а Борис во Софија.
За време на Втората светска војна, Глигор, таткото на Анче, своето семејство ќе го пресели во Скопје. Во Тетово ќе остане само баба и’ да ја чува куќата. Во 1941 година, по италјанската и албанската окупација на западна Македонија, Македонците ќе се најдат под голем притисок на бандите на Џемо, особено во Тетово. Таа раскажува како во тоа време одвај спасиле жива глава, а нејзиниот брат и сестра ги криеле Албанци во селото Шемшово се’ додека не се префрлиле во Скопје. Во тоа време, со бугарската војска, како нивен офицер во Скопје, ќе дојде и нејзиниот вујко Борис и тука ќе живее се’ до капитулацијата на Бугарија. Вели дека сите тетовци го паметат по многуте добра што им ги направил. Во тие тешки времиња на војна им помогнал на многумина кај бугарските власти. По повлекувањето на бугарските војски, си заминал. По доаѓањето на власт на комунистите во Бугарија, бил уапсен и повеќе години поминал затвор. Во 1961 година Борис изразил желба да ја посети Македонија. За да бидат сигурни дека нема да има проблеми, таткото на Анче претходно отишол кај надлежните служби да праша дали ќе му дозволат да дојде во Македонија. Му рекле дека слободно може да дојде, зашто не направил ништо лошо. Кога стасал во Скопје, бил многу среќен, посебно кога на Радио Скопје ги слушал емисиите на македонски јазик. Секој ден купувал и читал “Нова Македонија“. Расположен и весел еден ден им рекол: “Еве, за ова ние се боревме, за своја држава, за свој јазик!“
Синот на Борис, кој сега живее во Софија, една година студирал во Белград. “Тоа беше истиот период кога и јас студирав таму. Беше запишан на странски јазици. Остана само една година. Понекогаш доаѓа во Македонија за да се видиме“, – раскажува Анче Герасимовска.
Лазар имал полоша судбина од својот брат. Се оженил со Србинка, со која немал среќен брак. Лага е дека бил убиен од српските власти веднаш по атентатот на Прелиќ, како што тврди Ванчо Михајлов. Тој останал и натаму во војската на Кралска Југославија, а германската окупација ја дочекал во Белград. Не е вистина дека бил ликвидиран од Руси, туку го убиле Срби при крајот на војната, откако неговата сопруга го наклеветила.
Вера, најмладата сестра на Мара, се’ уште е жива, а неодамна навршила 90 години. Во САД заминала во 1935 година од Софија. Таму отишла кај братот Борис и тогаш се запознала со нејзиниот иден сопруг, инаку крушевчанец. Имал завршено теологија, а бугарската црква го испратила во САД. Им се изродиле четири деца, најпрво двајца близнаци, потоа уште еден син и на крајот ќерката, која е омажена за правнук на познатиот руски писател Толстој. Вера пред неколку години ја посетила Македонија заедно со тројцата синови. Била во Скопје, Охрид и во Тетово за да го види уште еднаш родното место. Нејзината внука од сестрата Ленка добро се сеќава на средбата што ја имала со неа и на нејзините зборови. Кога дошла кај неа во Тетово, и’ рекла: “Па овде ви е убаво, како и кај нас во Америка“. За Мара не зборувале.
Какви се сеќавањата на семејството на Мара, по што ја паметат нејзините внуци, што се раскажувало за неа. Анче вели дека, за животот на тетка и’ не знае многу, бидејќи нејзините родители ништо не говореле за неа пред децата. “Тоа што го знам ми го кажа мајка ми. Таа раскажуваше дека тетка ми Мара кога ќе работела низ куќата во Тетово, секогаш пеела песни за Гоце Делчев, за Јане Сандански и плачела. Им се восхитувала на македонските револуционери. Се раскажуваше и тоа откако го извршила атентатот, кога лекарот од Белград ја прашал зошто го убила Прелиќ, му одговорила – за Македонија! По атентатот моите домашни ги уапсиле. Во затвор бил и дедо ми и татко ми. Татко ми го пуштиле брзо, а дедо ми го задржале 7-8 месеци“, – раскажува Анче Герасимовска.
Поради тоа што тетка и’ била атентаторка, немале никакви проблеми. “Израснавме во Скопје, учевме средно училиште во Скопје, брат ми отиде да студира во Љубљана, каде што се ожени со Словенка. Ни дадоа стипендија и нему и мене. Не сме имале никакви проблеми. Некој ќе рече овие биле бугаромани, другите србомани. Такви биле тогаш времињата. А, дали можеш некого да судиш за тоа?! Тогаш никој не можел да каже дека е Македонец. Страшна е судбината на нас Македонците, да не можеш да се кажеш што си. Фала му на Бога, сега можеме да кажеме тоа што сме! Ние дома сите се чувствуваме Македонци. И сестра ми и брат ми, кој почина многу млад. Беше голем патриот. И мајка ми и татко ми се чувствуваа Македонци“, – раскажува Герасимовска, која се омажила во Тетово, каде што и денес живее.
Свет
Финска ги загрева градовите со отпадна топлина од сервери и дата-центри
Финска развива иновативен модел за централно греење, користејќи отпадна топлина од подземни центри за податоци сместени во поранешни засолништа од бомби и напуштени рудници, на длабочина од 30 до 100 метри. Серверите кои работат непрекинато 24 часа дневно создаваат огромни количества топлина, која наместо да се губи, се собира и се насочува директно во градските системи за греење.
Според технолошката компанија Entangle Tech, еден ваков центар за податоци ќе обезбедува греење за околу 40.000 домови во Еспоо, вториот по големина град во земјата. Во Хелсинки, пак, објект на „Мајкрософт“ веќе загрева цела урбана област, со што се заштедуваат околу 400.000 тони CO₂ годишно и се намалуваат трошоците за греење за 60 проценти. Отпадната топлина моментално покрива околу 10 проценти од вкупните потреби за греење на главниот град.
Традиционалните центри за податоци трошат огромни средства за ладење, при што топлината се ослободува во атмосферата. Финскиот модел ги решава двата проблема истовремено – ладењето и греењето. Подземната поставеност овозможува природно ладење преку гранитната карпа, високо ниво на безбедност и ефикасно собирање на топлина, која преку топла вода со температура од 75 до 85 степени Целзиусови се пренесува низ цевки директно до радијаторите во домовите.
„Буквално ги загреваме домовите со Netflix стримови и обработка на е-пошта. Ова е вистинска мајсторска класа за одржливост“, велат од Entangle Tech.
Градоначалникот на Еспоо, Каи Миканен, најави дека нов кластер на центри за податоци на „Мајкрософт“ наскоро ќе биде поврзан со градската мрежа за централно греење, со цел целосно елиминирање на локалните јаглеродни емисии до 2030 година.
„Блумберг њуз“ наведува дека вакви решенија веќе се применуваат и во други земји со постудена клима, како Шведска, каде отпадната топлина од дата-центри се пренесува преку подземни цевки за загревање на околните населби. Според проценките, ваквиот систем би можел да обезбеди греење за околу 100.000 домови.
Научници од Универзитетот Алто и Техничкиот истражувачки центар на Финска истражуваат како идните национални центри за податоци можат целосно да се интегрираат во општинските системи за греење и да придонесат за значително намалување на емисиите на јаглерод.
Плановите предвидуваат до 2030 година изградба на центри за податоци со капацитет од 100 MW и 21 MW во Еспоо и Сејнејоки. Според анализите, топлината од постројката во Еспоо би можела целосно да го замени јагленот, додека во Сејнејоки делумно би се укинал тресетот – едно од горивата со највисок јаглероден интензитет.
Експертите нагласуваат дека за целосно искористување на потенцијалот е неопходно склучување долгорочни договори меѓу центрите за податоци и компаниите за греење, со што би се обезбедило стабилно и трајно намалување на емисиите на CO₂.
Балкан
Фарма нуди плата од 900 евра, но не може да најде работници
Најголемите фарми за добиток во Босна и Херцеговина, вклучувајќи ја и „Арифагиќ Инвестмент“ од Козарац, се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила. Сопственикот Јусуф Арифагиќ вели дека веднаш би вработил тројца нови работници за молзеница и за работа во шталата, но е сè потешко да се најдат лица со основни познавања потребни за современа фарма.
Работниот режим е организиран по систем „два дена работа, два дена одмор“. Работниците почнуваат во 6:00 часот и работат до 13:30, а потоа повторно од 18:00 до 21:30 часот. Месечниот работен фонд ретко надминува 120-130 часа, а платата изнесува околу 1.500 КМ (околу 766 евра) со топол оброк од околу 250 КМ (околу 127 евра), што вкупно дава приближно 900 евра.
Арифагиќ објаснува дека млекарскиот работник треба да има основни познавања за здравјето на кравите, додека другите извршуваат класични задачи за одржување на шталата. Фармата во Козарац моментално има околу 700 грла говеда и 14 вработени, додека во Петровац работат уште тројца. Претходно фармата вработувала 29 луѓе, но дел од нив веќе не работат, пишува „Каматица“.
Свет
Советник на Путин: Русија може да ја повлече војската од Донбас
Висок функционер на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека руската полиција и Националната гарда ќе продолжат да го следат Донбас и да обезбедуваат ред дури и ако мировниот договор стави крај на речиси четиригодишната војна на Русија против Украина.
Ушаков ја потенцира амбицијата на Москва да задржи присуство во индустриски важниот регион по завршувањето на конфликтот, што веројатно ќе биде отфрлено од Украина, додека преговорите предводени од САД продолжуваат без јасен напредок.
Во меѓувреме, украинските сили повторно освоија неколку населби во близина на Купјанск, во североисточната Харковска област, по неколкумесечна операција за враќање на териториите под нивна контрола. Претходно, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека украинските сили се опколени, обидувајќи се да ја прикаже Русија како страна што преговара од позиција на сила.
Ушаков истакна дека прекин на огнот ќе биде одобрен само по повлекувањето на украинските сили од фронтот и дека е возможно по завршувањето на војната во Донбас да нема воени сили, туку само полиција, Национална гарда и други служби за одржување на редот.
Американските преговарачи продолжуваат да ги усогласуваат барањата на двете страни, додека претседателот Доналд Трамп инсистира на брз крај на конфликтот. Клучното прашање останува кој ќе ја контролира територијата освоена од руските сили, додека Русија тврди дека Донбас е нејзина територија без разлика на исходот од мировните преговори.
Трендинг
-
Македонија2 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника1 day agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника4 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Црна Хроника7 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан6 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република3 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
-
Црна Хроника5 hours agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега















