Category Archives: Спорт

Се за спорт

Борко Ристовски: Честитки до Пелистер за проектот, но да не заборавиме дека Вардар е Вардар

Борко Ристовски, како и сите останати ракометари на Вардар беше пресреќен по триумфот над Е.Пелистер и остварената цел, да се освојат бодовите во Битола, а потоа мирно да се заврши сезоната за нова 15. титула во колекцијата на „црвено-црните“.

„Тежок натпревар кој се одигра во врвна атмосфера. Драго ми е што се уште постои, поточно се врати ривалството меѓу Скопје и Битола, постојат две екипи кои можат да се борат за шампионската титула. До последните неколкму кола не се знаеше кој ќе биде шампион. Честитки до Е.Пелистер за добриот проект, се движат во вистинска насока, мора да растат уште бидејќи Вардар е Вардар. Да не заборавиме европски шампион, искрено сме поквалитетни од нив. На Е.Пелистер им фалат македонски играчи кои знаат како се играат ваков тип на натпревари, имаат искуство, овој меч не го одлучија странци, туку домашни играчи, не може секој да се носи со ваква атмосфера, не може да го издржи притисокот. 

„Поклон и солзи за хероите на нацијата – Во Македонија нема зима за ракометот“

Главниот уредник на ракометниот портал „Балкан Хендбол“, Жика Богдановиќ во најновата колумна посветена на македонската ракометна репрезентација и пласманот на Светско првенство по победата над Чешка, ја доловува емоцијата на македонскиот народ, емоцијата и големината на играчите.

Во продолжение може да прочитате извадоци од колумната на Богдановиќ, а целиот текст може да го видите на линкот најдолу.

А кој е дикретниот херој на македонскиот ракомет? Кој е најдобриот „ball control“ играч на светот? Кој беше срцето и душата на ракометниот „Металург“ кон средината на минатата деценија? Кој не сака играчи кои молчат и удираат, молчат и примаат удари, молчат и паѓаат, молчат и стануваат? Филип Миркуловски е единица мерка за македонскиот ракомет во иднина. Кога некои нови деца ќе ве потсетат на него, знајте дека сте на добар пат.

…….

Кире знае дека ако сака да го победи играчот во себе мора да израсне во тренерски великан какви што нема многу во историјата. Кире е тоа. Не прифаќа помалку. Секогаш на победа.

……..

Во држава каде селекторот ќе заплаче по натпревар пред новинарите, најуспешниот бизнисмен – првиот човек на федерацијата скока како луд од среќа гушнат со капитенот, третото лево крило и физиотерапевтот, а претседателот на државата истото тоа на трибините со стисната тупаница крената во воздух – нема зима за ракометот.

Целата колумна на Богдановиќ може да ја прочитате ТУКА

Стоилов: Ми беше голема чест да ги бранам боите на Македонија

Македонскиот ракометен репрезентативец Стојанче Стоилов вчера по натпреварот со Чешка, објави крај на репрезентативната кариера.

На прес-конференцијата по одржаниот натпревар, капитенот на македонската селекција истакна дека му било чест 15 години да го носи дресот на Македонија.

-Ми беше голема чест и привилегија е да ги бранам боите на Македонија. Ви благодарам на сите за големата поддршка низ годините од срце. Македонија оди на светско, се огласи Стоилов и на Фејсбук.

Како што нагласи Стоилов, чувствува дека телото не може повеќе да ги издржи напорите што е причина за репрезентативната пензија.

Македонија со победата над Чешка се пласираше на Светското ракометно првенство.

ВИДЕО: Каква мајсторија на Талески, ја крена публиката на нозе!

Ракометната репрезентација на Македонија во преполната сала „Борис Трајковски“ ја победи Чешка, во реваншот на баражот за Светското првенство. Откако во Злин одиграа нерешени 24-24, а таму Македонија правеше атракција, по атракција, истото се случуваше и на вечерашниот натпревар, каде ги победивме чесите.

Филип Талески се погрижи за скопската публика да не остане без атрактивни потези. Во една контра, крушевчанецот излета сам на линијата за шест метри очи во очи со Мрква, па со „вртенка“ го измами и ја крена публиката на нозе.

Атрактивниот погодок на Талески против Чешка:

Видеото погледнете го ТУКА

Токму Филип Талески е еден од најдобрите ракометари на Македонија во овој двомеч со Чешка, а тоа го покажа и со неколкуте убави потези.

Атмосфера за ежење: Како се пееше химната од 7.000 грла! (ВИДЕО)

Ракометната репрезентација на Македонија ја дочекува Чешка во рамките на бараж реваншот за пласман на Светското првенство во Шведска и Полска. Во пеколна атмосфера во СЦ „Борис Трајковски“, пред преполни трибини избраниците на Лазаров издвоија голема победа против репрезентацијата на Чешка.

Билетите бргу беа распродадени, со максимален капацитет и околу 7.000 фанови со црвено-жолти обележја. Очекувано, оваа публика понуди атмосфера за човек да се наежи, особено во моментите кога 7.000 грла емотивно ја испеаја химната „Денес над Македонија“.

Интонирањето на химната на Македонија:

Видеото погледнете го ТУКА

Легендaта кажа „збогум“ – Жути, ТИ БЛАГОДАРИМЕ за 126 натпревари за Македонија!

Натпреварот против Чешка, по кој ќе биде познат патникот на Мундијалот во Полска и Шведска, од многу аспекти е значаен за Македонија.

Специјален момент во СЦ „Борис Трајковски“ беше плакетата од Ракометната федерација на Македонија за легендарниот среден бек Филип Миркуловски.

Членот на Вецлар ќе го одигра последниот натпревар во дресот со националниот тим, а сите посакуваат тоа да биде со пласман на Светското првенство.

Дуелот со Чешка за Миркуловски е 126 во дресот со националниот грб, а има постигнато 315 погодоци.

Македонија оди на СВЕТСКО ПРВЕНСТВО !

Машката репрезентација на Македонија славеше со 27-25 против Чешка во реванш средбата од баражот и обезбеди место по осми пат на Мундијал. Иако нашите ракометари имаа контрола во текот на мечот, водеа во повеќе наврати со три и четири гола разлика, сепак на крајот имаше драма. Кузмановски со голот од пенал на Кузмановски на 13 секунди до крајот донесе победа за Македонија и пласман на СП.

По почетните 2-2, Чесите преку Кашпарек и Чип стигнаа до највисоки плус два, 2-4 но следуваа серија одбрани на Митревски и пет гола во серија за Македонија, па по десетина минути беше 7-4.

По 8-5, Сабате мораше да бара тајм-аут, по што неговите избаници постигнаа два гола во серија за 8-7. Во продолжение се играше гол за гол, но откако Пирох погоди за 10-9 во 20 минута, Чешка влезе во црна дупка.

Кузмановски реализираше пенал, погодија уште Миркуловски и Лазаров, па Македонија се одлепи на 12-9. Беше и 13-10, имавме напад за плус четири, но Мрква го запре ударот на Кузмановски.

Младеновиќ заработи исклучување, а тоа го искористија гостите кои намалија на 13-12 преку Пацел. Кузмановски погоди за 14-12, а потоа имаше по еден неискористен напад на двете страни за плус два за Македонија на паузата.

Чешка не се откажуваше и на десетина минути до крај намали на 24-22, па Лазаров побара тајм-аут. Митревски одбрани, но и Мрква исто така на спротивната страна во следните напади за нови возбудувања во финишот.

Јагуриновски погоди за 25-22, па Патцел возврати, a Чешка се доближи и на минус еден, 25-24, кога Кашпарек заработи исклучување на четири минути до крајот на мечот. Но Кузмановски згреши, па гостите добија шанса да напаѓаат за реми кој не беше искористен.

Лазаров повика тајм-аут, па Талески со бомба го погоди голот на Мрква, но Бабак врати веднаш за 26-25. Јагуриновски избори пенал, кој го погоди Кузмановски и немаше време за Чешка да прави камбек.

Вториот дел тргна со гол за Хрстка, за 14-13, но Македонија набрзина си ги врати највисоките дотогаш плус три, 17-14. Повторно левото крило на Чешка реализираше во нашата мрежа, а Мрква се надоврза со одбрана на шут на Пешевски.

Но и Митревски запре шут на Кашпарек, па Македонија одново беше на плус три, 18-15. По десетина минути игра во вториот дел, Сабате мораше да бара тајм-аут, бидејќи нашите момци за првпат стигнаа до четири гола предност, 20-16.

Пирох набрзина погоди во нашиот гол, а потоа и Хрстка реализираше пенал за 20-18. Митревски го запре Чолева од зицер позиција, а потоа му одбрани и на пикерот Петровски од чиста ситуација.

Чесите уште еднаш не искористија напад да намалат на минус еден, па Талески ги казни со гол „а ла Дибиров“ за 21-18. Во продолжение се играше гол за гол, а Кузмановски промаши контра за нови плус четири.

Последен натпревар за Миркуловски во дресот на Македонија :(

Миркуловски со подарок дрес со бројот 13 од претседателот на ракометната федерација (РФМ), Живко Мукаетов беше испратен во пензија и вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ е неговиот последен меч за Македонија. Миркуловски уште во јануари после настапот на ЕП 2022, објави дека од јуни оди во комплетна ракометна пензија.

Поранешниот ракометар на Металург, беше дел од генерацијата која пред една деценија го оствари најголемиот успех со петтото место на ЕП 2012 во Србија.

Роналдо удрил аутистично момче по раката, па му го скршил телефонот – сепак, имало и поголеми последици кои ги објави мајката (ВИДЕО)

Голем скандал се случи по новиот неуспех на Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.

Манчестер Јунајтед беше поразен на гостувањето кај Евертон со 1:0, а првата ѕвезда на тимот од „Олд Трафорд“, Португалецот Кристијано Роналдо ја изрази својата фрустрација поради поразот на аутистично момче.

На пат кон соблекувалната Роналдо направи испад кој ги згрози фудбалските фанови ширум светот.

Португалецот силно удрил едно момче по раката во тунелот што води кон соблекувалната, му го скршил мобилниот телефон и му оставил голема модринка.

За да биде приказната уште потажна, момчето Џејкоб е аутистично и фудбалскиот натпревар на популарниот Гудисон беше првата во неговиот живот што ја гледаше во живо од трибините.

„На крајот од натпреварот играчите на Манчестер Јунајтед отидоа во соблекувалните. Имавме карти за седишта веднаш до тунелот, па син ми реши да ги снима играчите. Ги сними сите, а потоа дојде Роналдо кој ги спушти чорапите и покажа крвава нога, па Џејкоб го спушти мобилниот телефон за да го сними. Тој не кажа ниту збор, а Роналдо му пријде и му го удри телефонот од рака“, открила мајката на момчето.

Кристијано силно го удри момчето по раката.

https://twitter.com/brilliantbusi/status/1512860570927599622?t=ubf6Tc5a7VaxAsCH8G7Xrg&s=19

РК Бутел – Скопје се прости со Денис Тот: “Ќе те паметиме засекогаш”

Македонската спортска јавност денеска беше потресена од смртта на хрватскиот ракометар од редовите на Бутел, Денис Тот.

Од Тот се прости и неговиот актуелен клуб, Бутел Скопје.

Со длабока тага и неверување ја примивме веста за смртта на нашиот Денис Тот. Хрватскиот интернационалец кој имаше 27 години ја играше првата сезона во Бутел Скопје и беше голем професионалец на ракометниот терен и надвор од него. Го изразуваме нашето најдлабоко сочусвство до семејството и најблиските. Денис, почивај во мир, ќе те паметиме засекогаш!, стои во објавата на клубот.

Денис Тот, професионална играчка кариера ја започнал во Ѓаково во Хрватска. Настапувал за Пореч Бјеловар, Брик Австрија од каде заминува за Адемар Леон. Во 2019 година од Шпанија пристигнува во Охрид, а по две поминати сезони, од септември го замени клупскиот дрес на Охрид со оној на РК Бутел Скопје.