Русија се подготвува да мобилизира дополнителни 409.000 војници за продолжување на нападите врз Украина, предупреди врховниот командант на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски. Тој истакна дека Москва не се откажува од своите цели и продолжува со подготовки за понатамошна агресија.
Со подобрувањето на временските услови, се очекува зголемување на активностите на руските сили на бојното поле, додава генерал Сирски, пренесува Euromaidan Press.
На неодамнешниот оперативен состанок, Сирски разгледал состојбата со инженерските утврдувања на одбранбените линии, при што приоритет биле зајакнувањето на фортификациите, развојот на заштита од беспилотни летала и подготовка на населени места за одбрана.
Тој ги слушнал извештаите на командантите, раководството на Државната служба за специјален транспорт и лидерите на регионалните воени управи, при што биле дискутирани проблемите и дефинирани конкретни решенија со јасни рокови.
Генерал Сирски нагласи дека квалитетот и брзината на овие подготовки директно влијаат не само на отпорноста на одбраната, туку и на животите на украинските војници.












