Двајца турски државјани се приведени, а по трет се трага по напад со нож во стан на улицата „Прашка“ во скопската општина Карпош, во кој биле повредени двајца нивни 26-годишни сонародници. Основното јавно обвинителство Скопје отворило истрага против тројцата поради сомнение за обид за убиство.
Според Обвинителството, еден од осомничените ги одвел другите двајца до зградата во која престојувале оштетените и им ја покажал шифрата за влез.
Потоа, двајцата влегле во станот и, според сомненијата, со повеќе убоди со нож се обиделе да го лишат од живот едниот од оштетените. Вториот се обидел да ги оттргне напаѓачите, при што бил повреден во раката. Во станот во моментот на нападот се наоѓале и две жени.

По нападот, тројцата се обиделе да ја напуштат државата преку граничниот премин Блаце. Двајца биле запрени и приведени, додека третиот, кој е осомничен дека им помогнал на другите, успеал да избега на Косово.
МВР поднело кривична пријава против К.М. (36), С.Б.П. (22) и уште едно лице по кое се трага.
За двајцата приведени Обвинителството предложило притвор. За осомничениот кој е во бегство е предложен притвор што би се спровел по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, со цел распишување меѓународна потерница.
…











