По повеќе од пет децении пауза, „Mercedes-Benz“ повторно се искачи на врвот на европската автомобилска сцена, откако моделот „CLA“ ја освои престижната титула Европски автомобил на годината. Одлуката беше соопштена на Саемот за автомобили во Брисел, каде што жирито го избра новиот лидер на пазарот.
„Mercedes CLA“ ги надмина другите финалисти во конкуренција со уште шест модели: „Skoda Elrock“, „Kia EV4“, „Citroen C5 Aircross“, „Fiat Grande Panda“, „Dacia Bigster“ и „Renault 4“. Германскиот бренд победи убедливо со вкупно 320 поени, што е дури 100 поени повеќе од второпласираната „Skoda Elrock“, која освои 220.
Во гласањето учествуваа 59 автомобилски новинари од 23 европски земји, а системот на бодување беше во стилот на Евровизија. Моделот „CLA“ доби највисоки оценки во 12 држави, што дополнително ја потврди доминацијата на „Mercedes“ оваа година.
Со оваа победа, „Mercedes CLA“ ја презема титулата од „Renault 5 e-tech“, кој беше европски автомобил на годината во претходната сезона. За „Mercedes-Benz“ ова е втора ваква награда во 62-годишната историја на признанието, а претходната победа датира од 1974 година.
Според порталот Biz, „CLA“ се смета за еден од најзначајните модели во историјата на брендот и е опишан како „најпаметниот автомобил што Mercedes досега го има произведено“.










