Една генерација студенти излегува од универзитетите со дипломи во рацете и алгоритми зад грб. Американските дипломци од 2026 година се првите што ги минаа сите четири години студии во сенка на ChatGPT и сличните алатки – од првите семинарски задачи до завршните испити. За некого тоа беше олеснување, за некого искушение, а за универзитетите – постојан тест на интегритетот. Но вистинскиот испит за оваа генерација започнува дури сега: влезот на пазарот на трудот.
Надвор од кампусот, вештачката интелигенција не ги чека со отворени раце. Напротив, во многу професии што традиционално бараат високо образование, новите дипломци се судираат со конкуренција која не спие, не бара плата и не оди на годишен одмор. Тоа се софтверски „агенти“ – ботови базирани на вештачка интелигенција – кои веќе ја преземаат улогата на почетници во канцелариите.
Аналитичката куќа „Гартнер“ предупредува дека до крајот на следната година дури 40% од деловните апликации за оптимизација на работата ќе имаат вградени AI-агенти, кои ќе работат заедно со луѓето или целосно ќе ги заменат. Само една година претходно, вакви решенија имаше во едвај 5% од алатките што ги користат компаниите. Скокот е драматичен – и алармантен за оние што допрва бараат прва работа.
Последиците веќе се гледаат на најниските скалила од кариерната хиерархија. Истражување на платите и вработеноста во САД, спроведено од економистот Ерик Бринјолфсон и неговиот тим од Стенфорд, покажува двоцифрен пад на вработеноста кај младите од 22 до 25 години во секторите најизложени на вештачка интелигенција. Во развојот на софтвер, падот е речиси 20%. Парадоксално, во исто време, постарите и поискусни вработени бележат раст на вработувањата.
Пораката е јасна: AI не ги погодува сите еднакво. „Компаниите се обидуваат да бидат чекор пред иднината“, вели Бринјолфсон. Истражувањата на Харвард, пак, покажуваат дека најголемите добитници од генеративната вештачка интелигенција се токму оние што веќе се внатре – искусните вработени. Тие знаат како да ја искористат технологијата за да станат уште поефикасни, додека младите сè потешко добиваат шанса да влезат во системот.
Од почетокот на 2023 година, бројот на млади вработени во ваквите фирми почна да опаѓа. Не затоа што масовно се отпуштаат, туку затоа што едноставно не се вработуваат. Вратите се полуотворени – и сè потешки за туркање.
Сепак, приказната не е целосно мрачна. За оние што ќе успеат да се вработат, вештачката интелигенција може да биде моќен сојузник. Со нејзина помош, млад работник може за кратко време да ја достигне продуктивноста на поискусните колеги – како возач на Убер со навигација, кој без години искуство се снаоѓа низ градот речиси како стар таксист. Но, како и во тој пример, границата меѓу „помош“ и „замена“ е тенка.
AI не го менува само тоа кој работи, туку и како изгледаат компаниите. Ден Прист, директор за вештачка интелигенција во PwC, смета дека фирмите постепено ќе се оддалечат од класичната пирамидална структура – со многу почетници на дното и малку раководители на врвот. Наместо тоа, може да се појави „дијамантен“ модел: силна средна класа, со мал број луѓе и на врвот и на дното. На подолг рок, Прист нуди уште една метафора – „песочен часовник“. Младите, кои најбрзо учат нови технологии, би можеле да ја прескокнат технолошката тромавост на средната генерација и повторно да се искачат нагоре.
За дипломците од 2026 година, изборот се сведува на две стратегии. Првата е агресивно инвестирање во AI-писменост – вештина која, според сите прогнози, веќе следната година ќе биде меѓу најбараните на пазарот на трудот. Втората е свртување кон сектори како производството, кои засега се помалку подложни на радикалните потреси што ги носи вештачката интелигенција.
Истражувањето на економистот Густаво де Соуза од Федералната банка на Чикаго, базирано на податоци од Бразил, покажува интересен пресврт: во фабриките, AI ја зголемува вработеноста бидејќи го олеснува управувањето со машините. Во исто време, автоматизацијата ги намалува административните работни места. „А што ако вештачката интелигенција не доаѓа да ви ја земе работата, туку да ви понуди сосема нова кариера?“, прашува де Соуза.
Како и да одлучат, младите дипломци имаат право на една јасна порака до работодавците: со игнорирањето на младите таленти, компаниите си пукаат во сопствената нога. Прекумерната опседнатост со вештачката интелигенција може краткорочно да ја зголеми продуктивноста, но долгорочно создава празнина. Без нови, обучени луѓе што ќе ја преземат одговорноста кога денешните лидери ќе заминат во пензија, иднината на тие фирми станува – подеднакво неизвесна како и кариерата на генерацијата што допрва тропа на нивните врати.










