Поранешниот полски премиер Лешек Милер упати остри критики кон украинските власти поради враќањето на полските државни одликувања во знак на солидарност со претседателот Володимир Зеленски, порачувајќи дека доколку сакаат да го вратат она што го добиле од Полска, тогаш треба да ја вратат и воената помош.
Во гостување на телевизијата „Полсат њуз“, Милер иронично изјави дека Украина може да ги врати борбените авиони МиГ, тенковите и другото оружје што Полска ѝ го испратила од почетокот на војната.
„Бидејќи сите сакаат да го вратат она што го добиле, нека ги вратат МиГ-овите, тенковите и оружјето. Тоа би бил гест на добра волја“, изјави Милер.
Тој се осврна и на реакцијата на Зеленски по одлуката на полскиот претседател Карол Навроцки да му го одземе Орденот на Белиот орел. Според Милер, украинскиот претседател можел уште на почетокот да го одбие одликувањето доколку сметал дека е спорно поради некои од неговите претходни добитници.
Откако Зеленски го врати орденот, истиот чекор го направија и тројца поранешни украински претседатели, дополнително продлабочувајќи ги тензиите меѓу Варшава и Киев.
Несогласувањата меѓу двете земји се интензивираа по одлуката на украинските власти да именуваат воена единица по Украинската бунтовничка армија, што во Полска предизвика силни реакции поради историските спорови поврзани со настаните во Волинија и Источна Галиција за време на Втората светска војна.
Полскиот претседател Навроцки оцени дека Зеленски со овој потег „го преминал полскиот праг на болка“, додека украинската страна смета дека одземањето на орденот претставува политички потег што негативно влијае врз односите меѓу двете соседни земји.
…













