Отомански даночни регистри од 17 век даваат интересни податоци за населението на полуостровот Ситонија, традиционално познат како Лонгос, во Халкидики, при што меѓу жителите се забележани повеќе имиња од јужнословенско потекло.
Според истражувањето и транскрипцијата на османлиските извори објавени од авторот Дино, во периодот од 1375 година до втората половина на 16 век на Ситонија не биле евидентирани села, што укажува дека полуостровот во тој период бил речиси целосно напуштен.
Повторното населување започнало по 1568, а пред 1583 година, кога во два османлиски документи веќе се споменуваат селата Сикија и Сарти.
Еден од најраните познати даночни регистри што го бележи населението на полуостровот е регистарот MAD 5821 од 1640 година.
Во документот Ситонија е заведена како „vilâyet-i Lonkoz“, односно област Лонгос, а се евидентирани четири населени места со вкупно 210 христијански даночни обврзници кои плаќале џизие. Приходите од овој данок биле доделени на побожните фондации – евкафи на султанот Ахмед I.
Најголемо населено место била Сикија, заведена како „karye-i Şikâ“, со 88 даночни обврзници.
Партенонас, запишан како „karye-i Partonena“, имал 61 даночен обврзник, Торони, односно „karye-i Toron“, 53, додека Сарти бил најмалото село со само осум даночни обврзници.
Особено внимание привлекуваат личните имиња на дел од населението.
Според објавената транскрипција, во сите населени места, со исклучок на малото Сарти, се среќаваат повеќе имиња со јасни словенски карактеристики.
Меѓу нив се Велико, Јован, Пејо, Стан, Велчо или Влчо, Стајо, Стајко, Мирчо, Тодорин, Милко, Бојо, Диман и Секула.
Во Сикија, меѓу другите, се наведуваат имињата Влчо Тодор, Стајо Никола, Стајко Папаз, Тодорин Костандин и Тодор Стајко.
Во Партенонас се евидентирани Велико Јорго, Пејо Авјерино, Никола Милко и Никола Секула.
Во Торони, пак, се забележани Јован Манол, Никола Стан, Манол Влчо и Тодори Мирчо.
Присуството на словенски имиња на Ситонија е потврдено и во друг османлиски регистар – MAD 4609, кој датира од крајот на 17 век.
Во него се забележуваат и имињата Недјалко, односно Недалко, Радо, Јован, Јофко, Стојан, Пејо и Танашко.
Како конкретни примери во документите се наведуваат Радо, син на Пејо, Јофко, син на Алекси, Стојан, син на Коста, Танашко, син на Андрон, Јован, син на Дука, Темели, син на Недалко, како и Јорго, син на Јофко.
Според авторот на истражувањето, појавата на поголем број словенски имиња кои не биле забележани во регистарот од 1640 година може да укажува на дополнително доселување население од словенско потекло во текот на 17 век.
Како дополнителен показател се наведуваат и лица со словенско име и патронимот „Икшено“, кој се поврзува со грчкиот збор „ксенос“, односно странец или новодојденец. Како пример е наведен Јован, син на Икшено.
Османлиските извори сведочат и за присуство на помал број жители од албанско и ароманско потекло.
Во 1640 година во Торони е запишан Димо Арнавуд, односно „Димо Албанецот“, додека кон крајот на 17 век се споменуваат Христо, син на Гини, име поврзано со албанското Гјин, како и Јанаки, син на Гого, име што се поврзува со ароманското Гогу.
Интересно е што словенски имиња на Ситонија продолжуваат да се среќаваат и во османлиските пописни регистри од првата половина на 19 век.
Како еден од примерите се наведува Јорги, син на Илко, како и неговиот син Јован, запишани во селото Сикија.
Податоците од овие османлиски извори покажуваат дека населението на Ситонија во 17 век не било целосно еднородно и дека, покрај доминантното гркојазично население според авторот на анализата, на полуостровот живееле и жители со јужнословенски, албански и аромански антропоними.
Транскрипцијата на имињата од оригиналните османлиски документи, според објавата, ја извршил авторот Дино, кој како основни извори ги посочува регистрите MAD 5821 од 1640 година и MAD 4609 од крајот на 17 век.











