Од 1 декември стапуваат во сила нови правила за привремената спреченост за работа, со кои се менуваат критериумите за отворање и продолжување на боледувањата.
Една од најзначајните промени е тоа што матичните лекари ќе можат самостојно да одобрат боледување без специјалистички наод во траење до пет дена, наместо досегашните седум.
Директорката на секторот за контрола во Фондот за здравствено осигурување, Силвана Андов, во емисијата „24 Анализа“ изјави дека финалната верзија на новиот правилник е испратена на одобрување до Управниот одбор на Фондот, а потоа треба да добие согласност од Министерството за здравство и да биде објавена во „Службен весник“.

Станува збор за прва ревизија на дијагностичките критериуми од 2012 година.
Според податоците што ги презентираше Андов, бројот на пациенти од 2021 до 2025 година се зголемил за 6,7 отсто, додека бројот на отворени боледувања пораснал за 33,4 отсто.
Во текот на оваа година, од 326 барања за вонредна контрола на боледувања, 110 се однесувале на јавниот сектор, а 56 на приватниот сектор.
Андов посочи и случаи во кои работодавачи пријавувале осигуреници кои, иако биле на активно боледување, биле забележани на плажа или на свадбени прослави. Таа наведе и зголемен број рендгенски снимања и боледувања кај помлади вработени пред почетокот на летната сезона.
Групни барања за проверка на сомнителни боледувања, според неа, имало и во Министерството за внатрешни работи, за 84 лица, и во Министерството за одбрана, за 51 лице. Висок процент на отсуства бил забележан и кај средниот медицински персонал во здравствениот сектор.
Што се менува од 1 декември?
Најважната промена се однесува на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување врз основа на симптоми и доктринарни ставови без специјалистички наод. Тој период се скратува од седум на пет дена.
Сепак, за одредени дијагнози ќе остане можноста матичниот лекар самостојно да води боледување до 15 дена, со соодветен лабораториски наод, без специјалистички преглед. Меѓу нив се грипот и другите акутни респираторни инфекции, вирусните ентерити и одредени гинеколошки состојби.
Новите правила предвидуваат и продолжување на периодот за боледување по позитивен ин-витро исход, кој ќе може да трае до три месеци.
Дополнително, се прецизира дека пациентите кои се тешко болни, се на болничко лекување или се лекуваат во странство нема да мора физички да се појавуваат кај лекар или комисија. Истото се однесува и на придружник на дете до тригодишна возраст.
Андов ги демантираше и информациите дека новите правила би значеле претворање на боледувањето во „куќен притвор“.
Таа објасни дека Фондот и досега имал законска можност да врши теренска проверка по пријава од работодавач, кога постои сомнеж за злоупотреба на активно боледување.
Според најавите, не се планираат полициски упади во домовите. Наместо тоа, се разгледува воспоставување електронска размена на податоци меѓу институциите, што би овозможило, меѓу другото, проверка дали лице кое е на активно боледување ја напуштило државата.
…












