„Охридско лето“ ја продолжува концертната програма и по завршувањето на летната фестивалска сезона. Националната установа најави три бесплатни концерти со меѓународни уметници – два во Скопје и еден во Охрид.
Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија. Ќе настапат полскиот виолинист Мариуш Патира и пијанистот Радослав Курек. Патира е првиот полски виолинист што ја освоил главната награда на Меѓународниот виолински натпревар „Николо Паганини“, додека Курек е добитник на награди на натпревари во Даблин и Австрија.
Вториот концерт е закажан за 4 декември во 19 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Пред публиката ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен. Ли е позната по улогата на Чо-Чо-Сан во операта „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја изведувала речиси 200 пати.
Концертната година ќе заврши на 7 декември со предновогодишен концерт во Охрид. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова, која соработувала со тенорот Хозе Карерас, и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата, кој соработувал со Андреа Бочели.
Директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, посочи дека концертите надвор од фестивалската сезона почнале минатата година, а поради интересот на публиката установата сака да ги претвори во традиција. Влезот на сите три концерти ќе биде бесплатен.
…












